35 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА МОДА

пишува: Лидија Георгиева | Авторот е дизајнер, редовен професор
35 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА МОДА

Без разлика на тоа за која општествена, културна или научна област станува збор, за да се разбере актуелната состојба, неопходно е работите да се согледаат во нивниот историски континуитет. Особено кога зборуваме за аспекти поврзани со уметноста, модата или дизајнот генерално, сцената не се појавува одеднаш. Како резултат на претходни економски, политички и општествени процеси, луѓето, институциите, индустријата, постепено создаваат околности и подлога за развој, па секако тоа важи и за модата. Кај нас, во независна Македонија, таа помина низ неколку фази, кои иницијално беа резултат на директен континуитет од СФРЈ.

Впрочем, модната сцена не започна во 1991 година од нула, работите не паднаа од Марс, туку постоеше индустрија, производни капацитети, саеми, а за професијата што денес ја нарекуваме дизајнер, тогаш преовладуваше терминот моден креатор. Но можеби најважно од се, како резултат на стратешко територијално планирање, постоеше систем и знаење. Со искористување на потенцијалот и ресурсите, се поставуваше соодветна индустрија на правото место – односно кај нас памук, волна и свила. Па не е чудо што во текстилната индустрија кај нас се вработуваше голем процент од населението.

Основите на нашата актуелна модна сцена во голема мера произлегуваат токму од тој систем. Клучен центар во 70ти и 80ти години од минатиот век, беше ПОС „Интекс“, каде што 3 модни креаторки, основоположнички на современата мода кај нас, следејќи ги светските трендови, конципираа сезонски колекции за текстилните фабрики во Македонија. Меѓу нив е и Зорка Тодорова-Младеновиќ, етаблиран моден креатор, историчар на модата, сеуште активна како костимограф и авторка на повеќе книги од оваа област. Во тој организиран систем, модниот дизајн беше дел од текстилната индустрија. Со распадот на СФРЈ, се распадна и еден систем, но знаењето не исчезна преку ноќ.

Во деведесеттите години од минатиот век, паралелно со формирањето на лон-систем структури кои се создаваат во погоните на распаднатите гиганти (особено во Штип), заедно со појавата на дизајнери полека се оформува подлога за зачеток на локална сцена. На релацијата меѓу текстилната индустрија и појавата на новата генерација на индивидуални автори, постепено започна да се создава простор за оформување на она што денес можеме да го наречеме македонска модна сцена.

Ревија на студенти на ТМФ во МОБ декември 2022, проект во соработка со Амбасадата на Холандија во РСМ,
фото Горан Бошковски
Ревија на студенти на ТМФ во Музеј на град Скопје јануари 2024, проект во соработка со Амбасадата на Шпанија во РСМ фото Ѓорѓи Ристоски

1991 – 2010 – низ транзициски хаос, од стариот систем кон независна сцена

Би сакала да истакнам дека во овој текст се работи за лично видување- пресек на изминатите 35 години. Претпочитав наместо со инвентар на имиња и настани, да придонесам со мое сведоштво, како активен и директен учесник во тие процеси.

Малку пред распадот на СФРЈ, во август 1991 година, јас прикажав колекција во тогашната летна дискотека на МНТ. Најверојатно во Скопје тоа беше последната ревија на југословенска територија, или можеби првата авторска македонска модна ревија пред домашната публика. Присуствуваа околу 3.000 посетители – тогаш настапував како дизајнер базиран во Франција, па интересот беше голем. Но, токму тој настан, воедно, ми го покажа и амбиентот во кој се раѓаше македонската мода. Се појавија првите импровизации и злоупотреби карактеристични за периодот на транзиција, како на пример продажба на влезници без мое знаење и спротивно на вообичаената пракса. Имено, доколку не се работи за донаторски настан или некој посебен исклучок, за модна ревија никогаш не се наплаќа влез.

Во новонастанатиот хаос, дел од нас веќе беа заминати да студираат и да работат во странство, дел се вратија и започнаа да придонесуваат во развојот на локалната сцена со знаења стекнати надвор од земјата (Франција, Холандија, Италија…), а дел создаваа од дома.

МАКЕДОНСКИТЕ ДИЗАЈНЕРИ ГО ЗАПОЧНАА СВОЈОТ ПАТ НИЗ ЕВРОПА

На интернационалната сцена (тука ќе ги прескокнам моите постигнувања, од очигледни причини), Марјан Пејоски, постигна голема слава со дизајн на фустанот лебед (swan dress) што го носеше Бјорк на доделувањето на Оскари во 2001 година. Горан Пејковски после студиите во Холандија, се пресели во Париз и беше дел од добитниците на престижната награда Андам- Париз 2001, што подоцна му овозможи успешна кариера во луксузната индустрија и кај независните брендови. Ивана Конте ги презентираше своите колекции во Лондон и пошироко низ Европа, а подоцна се вклучи и Ристо Бимбилоски- секој со својата специфична авторска приказна и различен степен на присутност на меѓународниот пазар.
Тони Матичевски е роден во Мелбурн, а со македонско потекло, и се вбројува меѓу најуспешните дизајнери во Австралија, негови креации носат Џенифер Лопез, Лили Колинс и т.н.

Заедничка ревија на студенти на ТМФ/УКИМ Скопје со Faculty of Fashion Art, Hubei Institute of Fine Arts & Faculty of Crafts and Arts, Hubei Institute of Fine Arts – мај 2026 студентска модна недела, Пекинг – проект во соработка со Амбасадата на НР Кина
Завршна ревија на ТМФ, Скопје јуни 2026 автор Ана Марија Цановска
фото Ѓорѓи Ристоски

ДОМАШНАТА СЦЕНА

Александар Ношпал, по враќањето од Париз започна независно да твори и да создава уникатни модели по мерка. Во следната деценија, на сцената се појави и Росица Мршиќ, која со завршените студии во Холандија, ја донесе кај нас идејата за концептуална мода и колекции. Притоа, дел од сопствениците на погони, ги испратија своите деца на студирање во Италија, па тие се денес дел од креативните и производните тимови.

Деведесеттите беа период на експериментирање, но и на голема конфузија околу тоа што всушност значи модниот дизајн и кои се составните елементи и сектори. Во тој процес се вклучија и одреден број на шнајдерки, кои без доволно познавање на терминологијата и законските регулативи, ја превзедоа идејата за луксуз и висока мода, не знаејќи што всушност тоа значи. Од чудни причини започнаа амбициозно да се претставуваат како разни атељеа и студија за „висока мода“, што е прилично несмасно. Паралелно, и дел од локалните уметници ја препознаа облеката и модните додатоци како простор за пласман и заработка преку нивните вештини.

Новиот век ја означи следната фаза, па на веќе етаблираните имиња, се надоврзаа брендови како Лудус, Вирус, Ненад Секирарски кој се пресели во Бали и т.н. Се означи процес на постепено ставање на работите во поорганизиран тек, кој почна да наликува на стандардите на развиени модни сцени.

Паралелно се развиваше и еден посебен сегмент од бизнисот – индустријата на венчални фустани. Во овој домен постепено се издвојуваат Антонија Ристовска и Тања Кокев, која подоцна развива и прет-а-порте линија и лансира парфем. Тука покрај независните креатори со препознатлив стил, со сопствена клиентела и пазар, се создадоа и поголеми, агресивни бизнис модели, за жал, претежно со изобилие на кич, но тоа е секако тешко да се избегне во тој сегмент од индустријата.

Од сегашна перспектива, на домашната сцена имаше доста интересни автроски успеси, но и разни квази креации. Некои од тие обиди можеби изгледаат трапаво, но сето тоа беше дел од процесот. Постепено, од хаосот на имиња, импровизирани ревии и модни недели, од скромното познавање на современите модни практики, со помош на дизајнерите кои и покрај предизвиците, активно твореа, почнаа да се исцртуваат контурите на нешто што можеше да се нарече сцена. Затоа, денес сите тие пионерски напори заслужуваат да се препознаени.

Од интернет генерации, до генерации на социјални мрежи и инфлуенсери

Со доаѓањето на помладите генерации се појавуваат и дизајнери кои на пробиена територија од претходниците, лесно излегуваат од класичните рамки и се издвојуваат со свој идентитет. Ивана Кнез, Јована Филиповиќ, Мите Занов опстојуваат независно, со модерен пристап, сопствен визуелен јазик, стил и клиентела- без чијашто поддршка сцената не би можела да опстои.

Со појавата на приватните школи, а подоцна и на студиските програми на државните универзитети, се создаде дополнителна инфраструктура за образование на новите генерации. Горда сум да ги истакнам и моите студенти, веќе активни на нашата сцена, но и пошироко, имиња како Ангела Доневска којашто пред неколку години сама ја изработи и прикажа првата дигитална ревија кај нас, Марјан Бебекоски, Ангела Бикова, Виктор Кајзер, брендовите Мондиш, Пахира, сите тие се дел од силите кои денес независно да ја градат својата приказна и се обидуваат да најдат сопствено место во една сè поконкурентна средина.

Кристијан Арсовски дипломиран студент на ТМФ, колекција Моливерзум 2023,
фото Мартина Салова Чешновар

Од каде почнува иднината

Кон крајот на првата деценија од овој век, од Москва пристигнува во Скопје Светлана Богова Јовановска, која ја основа Македонската модна асоцијација, а воедно и го основа и развива Моден викенд Скопје. Овој настан се одржува редовно два пати во годината (дефинитивно треа подолго од само еден викенд) и игра значајна улога во создавањето платформа на која можат да се претстават новите таленти, заедно со поискусните дизајнери. Тоа е важен чекор затоа што една модна сцена не може да се развива само преку индивидуални автори. Неопходни се платформи, публика, медиуми, образование, производство, купувачи и секако, пазар.

Школите, иако не баш сите со квалитетна понуда, исто така го направија својот придонес. Некои дадоа сериозно знаење, други можеби помалку, но создавањето образовна база е еден од предусловите за секоја одржлива креативна индустрија.

Денес македонската модна сцена е жива и вибрантна. Преку бројни активности, соработки, настани, платформи, новите генерации автори и брендови комуницираат со светот многу полесно отколку што тоа беше можно порано, и ги промовираат своите дизајни преку нивните профили на социјалните мрежи на домашната сцена и пошироко.

Завршна ревија на ТМФ, Скопје јуни 2026, автор Мила Ќурчинска
фото Ѓорѓи Ристоски

Текстилниот кластер е активен, претставува значаен дел од поврзувањето на играчите во индустријата и економијата. Имаме квалитетни, независни производствени капацитети, кои работат за странски пазари. Основани се неколку агенции за манекени, кои работат локално, но успешно ги презентираат нашите убавици и на меѓународната сцена. Магазините во хартиена форма еден по еден скоро сите исчезнаа, но се појавија неколку модни портали од кои stylist.mk професионално и редовно ја следи сцената.

Неколку добри бутици се затворија бидејќи се изградија шопинг молови кои презентираат мода наменета за среден и широк пазар, но за жал покрај добрите брендови, дел од нив униформно ја одсликуваат едноличноста на брзата мода и брзите пари.

Она што сè уште недостига е посилната врска меѓу дизајнот, производството и бизнисот, кои се дел од еден синџир и не би требало да функционираат како одделни светови.

Македонската мода помина низ живописна, кривулеста патека. Денес, преку разни презентации, интернационални и регионални соработки, случувања поврзани со нови теми, мораме да го вклучиме и неизбежниот стремеж за заштита на животната средина. Се наметнува нашата обврска за одговорно планирање на иднината, преку создавање на тло за одржлива мода. Неопходно е да се настојуваме со сета своја креативност, знаење и производствен капацитет да создадеме вистинска, конкурентна и одржлива македонска модна индустрија.


пишува: Лидија Георгиева | Авторот е дизајнер, редовен професор
Економија и бизнис, 15 септември 2026

Авторот е дизајнер, редовен професор

Најчитано