АНАЛИЗА: Брегзит десет години подоцна. Каде е Британија сега?

Британија загуби до 8 отсто од бруто-националниот производ, стабилно мнозинство од гласачите е за повторно влегување во ЕУ, но политичарите не можат така лесно да ги поминат „црвените линии“ кои ги поставија некои други. Британија ја загуби моќта во Европа, не стекна поголема важност во светот и сега станува само „давател на безбедност“.
Брегзит десет години подоцна. Каде е Британија сега?

пишува: Љупчо Поповски, авторот е новинар

Прашањето од насловот на овој текст може да изгледа банално затоа што Велика Британија денес е таму каде што беше и пред десет години кога на референдум одлучи да излезе од Европската Унија. Британските острови и натаму се преку Каналот Ламанш, но многу работи ни таму ни во Европа не се исти. Британија е на маргините на случувањата во Европа, па и во светот. Ја нема моќта да влијае врз конципирањето на одлуките во ЕУ, на траекторијата за нејзиниот развој; се мачи во комплицираните односи со САД (особено во првиот и во сегашниот мандат на Доналд Трамп), склучувањето на трговски договори со „слободниот свет“ е тешко и е ограничено, а самата земја има загубено дури осум отсто од својот бруто-национален производ во последниве десет години.

Полскиот министер за надворешни работи, образован на Оксфорд и некогаш посветен англофил, Радек Сикорски, сега студено ја опишува Велика Британија како „давател на безбедност“. Тоа е силно ограничување на нејзината улога без оглед што Британија е исклучително важна за европската безбедност по инвазијата на Русија врз Украина. Слободарскиот дух на Британците неверојатно се транспонираше во помош за Украина и таа му помогна на сите можни начини на Киев и е важен дел од „Коалицијата на волните“.

Кога на 23 јуни 2016 година беше одржан референдумот резултатите беа шокантни за сите – 52 отсто беа за напуштање, а 48 проценти за останување во ЕУ. Беа шокантни за премиерот Дејвид Камерон кој, по неочекуваната победа на неговите конзервативци на изборите една година претходно, најави дека ќе распише референдум за членството во ЕУ за да ги смири караниците во неговата партија. Датумот го одреди пребрзо, водеше кампања за останување во ЕУ, граѓаните не го послушаа и мораше да си замине веднаш и Кралството да го втурне во голема неизвесност.

Застарена еуфорија и прерани најави за смрт на ЕУ

Некои од тогашните реакции денеска изгледаат застарени како да се од античко време. Најџел Фараж, тогашниот лидер на Партијата за независност на Велика Британија (УКИП), ја прогласи ЕУ за „завршена“ и „мртва“. Французинката Марин Ле Пен, Холанѓанецот Герт Вилдерс и Италијанецот Матео Салвини беа меѓу крајно десничарските лидери кои повикаа нивните земји да одржат референдум.

„Само Бугарија, Романија и Грција ќе останат кога ќе се активира домино ефектот“, изјави тогашниот премиер на Бугарија Бојко Борисов.

И покрај жестоките дебати, ниедна земја не го следеше примерот на Велика Британија. Тие беа поразумни. „Брегзит ја промени ЕУ на еден фундаментален начин“, изјави неодамна Михаел Рот, поранешен германски министер за Европа. „Напуштањето на клубот повеќе не се смета за решение. Се смета за предупредување.
Искуството со Брегзит беше толку штетно, толку скапо, толку комплицирано, толку комплексно, што апетитот за тоа низ цела ЕУ е многу, многу, многу, многу, многу, многу мал.“

Парадоксот е поголем по инвазијата на Русија врз Украина, а со заканите на Доналд Трамп дека ќе го заземе Гренланд се зголемува редот за членство во ЕУ. Освен шесте земји од Западен Балкан, стабилен чекор кон ЕУ презедоа Украина и Молдавија. Исланд во август ќе одржи референдум за продолжување на прекинатите преговори со ЕУ, а дури и поддршката за Унијата се зголемува во Норвешка, иако засега е малцинско мислење. Британија е сега само една од многуте. Како што рече Хедер Грабе, поранешен висок советник на Европската комисија, а сега дел од познатиот аналитички центар „Бројгел“ од Брисел: „Велика Британија (е) една од многуте земји што бараат поблиски односи“, рече Хедер Грабе, поранешен советник на Европската комисија.

Како резултат на тоа, таа додаде: „Велика Британија се лизна надолу на листата на приоритети“, додека ЕУ се соочува со војната на Русија, со кинеската економска конкуренција и со „сето она што го прави Трамп денес“.

Во самата Британија веќе неколку години има стабилно мнозинство за повторно членство во ЕУ. Најинтересно е што постои огромно мнозинство кај младите гласачи за враќање во ЕУ – дури 68 отсто од оние на возраст од 18 до 34 години, според „Ипсос“. Тоа може да значи дека времето ќе работи за враќање во ЕУ. Но, политиката сепак ќе биде комплицирана. Човекот кој ќе го наследи Кир Стармер за премиер од Лабуристичката партија, Енди Бернам, донеодамнешниот градоначалник на Голем Манчестер, можеби сè уште се чувствува ограничен на преговори во рамките на сегашните црвени линии на партијата, кои наведуваат дека нема враќање во царинската унија, во единствениот пазар или во слободата на движење.

Евроскептиците жалат за Брегзит

Кога Русија го започна својот целосен напад врз Украина во февруари 2022 година, ЕУ и Велика Британија беа обединети во поддршката на Украина и санкциите против Русија. Но, на ЕУ ѝ недостига британското влијание врз економската политика и регулирањето на технологијата, како што е вештачката интелигенција.

Некои евроскептици исто така жалат за Брегзит. Никола Прокачини, колидер на европските конзервативци и реформисти, евроскептичната фракција во Европскиот парламент, рече: „Ни недостигаат, но во исто време ја почитуваме одлуката на британскиот народ.“

Прокачини, член на националистичките Браќа на Италија, рече дека „нема лекции да извлече“ од искуството со Брегзит. Италија, забележа тој, е основач на европскиот проект и „не можеме да ја замислиме Италија надвор од Европа“.

Неговиот партиски лидер, Џорџа Мелони, еднаш повика Италија да го напушти еврото, што Прокачини тврдеше дека е „лажна вест“. Сега, како премиер на Италија, Мелони одамна го смени правецот за да соработува со лидерите на централно-десничарската страна на ЕУ, како што е Урсула фон дер Лајен, за поддршка на Украина, за миграција и за дерегулација.

Сега, по бурен период, односите меѓу ЕУ и Велика Британија се прилично мирни. Двете страни ќе одржат самит за „ресетирање“ со цел да постигнат договор за ветеринарство за олеснување на контролите на храната и на пијалаците, поврзување на шемите за тргување со емисии и создавање програма за мобилност на младите.

Засега никој не го гледа приклучувањето на Велика Британија како сериозна перспектива. Еден висок дипломат на ЕУ изјави за „Гардијан“: „За многу прашања, кога Британците беа дел од ЕУ, бевме многу слични − за внатрешниот пазар, за слободната трговија, за трансатлантските односи − и таму ни недостига Велика Британија. Но, тоа е факт од животот, па затоа нема носталгија.“

ЕУ сега ги држи сите карти

Познатиот британски историчар Тимоти Гартон Еш е перфектен во својата анализа за десетте години по Брегзит: „Сите земји мислат главно за себе, но ако имаше Светско првенство за солипсизам, Британците без напор би го освоиле трофејот. Нов документарец на Би-би-си, кој се осврнува на гласањето во 2016 година, болно нè потсетува на сиромаштијата на британско-европската дебата. Тука, среде поворка од интригантни момчиња кои ни го направија најголемиот чин на национално самоповредување во нашата понова историја, повторно го среќаваме Борис Џонсон со мисли растроени како косата. Тој го сумира суштинското прашање вака: ’Или сакате земјата да биде независна или мислите дека треба да создадеме федерална Европа.‘ Всушност, целиот главен тек на континенталната европска политика денес е токму за наоѓање среден пат меѓу овие две крајности. Според најблагородната интерпретација, Џонсон ништо не научил и ништо не заборавил од своето време како евроскептичен дописник од Брисел во раните 90-ти години од минатиот век.

Стратешката цел на британската политика затоа треба да биде Велика Британија да стане полноправна членка на она што дотогаш ќе биде поинаква Европска Унија. И, со сета должна скромност, трезвената анализа сугерира дека би било во долгорочен интерес на ЕУ како целина да ја има, како една од своите над 30 членки, и Велика Британија чија цврста волја беше да биде меѓу нив.

Сепак, ќе биде потребен маратон на демократско убедување за да стигнеме таму. Тоа убедување ќе биде потребно од двете страни на Ламанш. Во овој опасен постамерикански свет, најдоброто место за Британија е навистина ’во срцето на Европа‘, а единствениот начин да се биде во срцето на Европа е да се биде полноправна членка на ЕУ. Патот е непознат, но целта треба да биде јасна.

Сепак, секој чекор ќе зависи од страната на ЕУ која ги држи повеќето карти. Значи, Британците исто така мора да разберат од каде доаѓаат другите Европејци, како навистина функционира нивниот комплициран сојуз и што претставува, отворено кажано, во него за нив.“

Автобусот кој ја крстареше Британија стана заштитен знак на оние што беа за ислегување од ЕУ

Што стана со ветувањата?

Во драматичната битка за „Брегзит“, таа пролет беа дадени многу привлечни ветувања за да се натераат гласачите да ѝ го свртат грбот на Европската Унија. Британските медиуми прават вивисекција кои од тие ветувања беа исполнети. Еве неколку од нив:

1 Триста и педесет милиони фунти неделно за Националната здравствена служба (НХС) – доволно за изградба на нова болница секоја недела

„На крајот од војната, Велика Британија го создаде НХС. Нè штити во текот на целиот наш живот, но е во опасност. Можете да си помогнете.“ Тоа беше апелот на почетокот на една од највпечатливите емитувани реклами на „Гласај за излез“ за време на кампањата за референдумот. „Секоја недела испраќаме 350 милиони фунти во Брисел. Пари што се трошат залудно. Тоа е доволно за изградба на нова болница секоја недела.“

Таа бројка беше оспорена од самиот почеток. Експертите брзо истакнаа дека таа бројка не ги зема предвид придобивките што Велика Британија ги доби за возврат како што се финансирање за научни истражувања и проекти за регенерација во сиромашните области.

Но, Борис Џонсон уживаше во дебатата, повторувајќи ја бројката во различни моменти по резултатот од референдумот, а 350 милиони фунти за НХС беа залепени на страниците на автобусот „Гласај за излез“ што ја крстареше Британија.

Дали НХС ја доби таа многу потребна инјекција на ресурси?

Макс Ворнер, експерт за трошоци за здравство и социјална заштита во Институтот за фискални студии, вели дека е вистина оти трошоците за здравство се зголемиле во реални услови прилагодени за инфлација.

„Постојано со текот на времето, враќајќи се речиси до почетокот на Националната здравствена служба (НХС), ние како земја трошиме повеќе за здравство, повеќе или помалку секоја година, отколку што трошевме во претходната година. Тоа е точно во реални услови, тоа е точно како дел од БДП“, вели тој. „Општо земено, трошоците за здравство се зголемуваат.“

Делумно причината зошто аргументот „350 милиони фунти неделно за НХС“ можеби резонирал кај гласачите е тоа што стапката на раст на трошоците се намали од 2010 година бидејќи коалицијата меѓу Конзервативната и Либерално-демократска партија ги стеснуваше буџетите, а квалитетот на услугите на НХС почнуваше да се влошува.

„Трошоците за здравство, во реални услови, се многу повисоки отколку што беа пред пандемијата, а тоа е значително повисоко отколку што беше на референдумот за Брегзит“, вели Ворнер. Сепак, тој вели дека е невозможно да се разграничи дали напуштањето на ЕУ имало директно влијание оттогаш врз патот на трошоците за НХС.

2 Поголеми шишиња маслиново масло

Во говорот на Џонсон за започнување на кампањата „Гласај за излез“, тој се пожали на ЕУ што „ни кажува дека не можеме да продаваме маслиново масло во садови поголеми од пет литри“. Тој постојано го користеше истиот пример во текот на целата кампања.

Чарлс Кери е основач на „Трговец со масло“ (The Oil Merchant), специјализиран увозник на квалитетни маслинови масла, и не забележал дека бриселската бирократија се повлекува оттогаш во деценијата по Брегзит.

„Малку се променило“, вели тој. „Правилата се точно какви што беа. На пример, големината на фонтот и фонтот на зборовите ’екстра девствено маслиново масло‘ на предната етикета мора да бидат исти како во ЕУ. Нутритивните факти се исти како во ЕУ, а кодовите за увоз за шишиња и за лименки не се променети; сè уште постои различен код за садови од пет литри или помалку отколку што има за масло на големо.“
Сепак, тој пријавува еден мал бонус од Брегзит: етикетите сега мора да ја носат адресата на увозникот, а ова им помогнало да ги упатат новите купувачи кон него кога ќе ги видат неговите производи на распродажба на друго место.

3 „Најлесниот договор за слободна трговија во човечката историја“

Всушност, една година по гласањето за Брегзит, Лиам Фокс, кој стана секретар за меѓународна трговија, го изнесе ова тврдење. Но, тоа ја отелотвори лежерната доверба на оние што ја напуштија Унијата за брзината и за леснотијата со која Велика Британија можеше да состави нов договор со ЕУ врз основа на тоа што двете страни беа толку тесно поврзани низ 40 години членство во ЕУ.

Тоа не испадна така.

ЕУ одби да започне дискусија за трговските односи по Брегзит со Велика Британија сè додека не се договорат условите за нејзиното излегување. Премиерот Тереза Меј и нејзиниот главен преговарач Оли Робинс се согласија со тој „редослед“.

Овој „договор за повлекување“ вклучуваше околу 30 милијарди фунти платени од Велика Британија на ЕУ за нејзиното излегување; решавање на судбината на граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија; и одлучување како може да се избегне цврста граница со Ирска. Прашањето за границата стана предмет на жестока дебата.

Проблемот беше што земјите што заминуваат не го сфатиле степенот до кој ЕУ навистина верува во интегритетот на единствениот пазар, како целина.

Меј, а потоа и Џонсон на крајот мораа да побараат продолжување на двегодишниот рок според член 50, додека ториевците водеа жестока внатрешна битка. Откако конечно беше ратификуван договорот за повлекување − во јануари 2020 година, по убедливата победа на Џонсон на општите избори − беа потребни уште 10 месеци, до Бадник таа година, за да се заврши она што стана познато како „договор за трговија и соработка“. Ова вклучуваше трговија со стоки без царина, но не ги исклучуваше британските извозници од соочување со дополнителни царински проверки и документација.

4 Преземање контрола врз водите на Велика Британија и поддршка на риболовот

Во објава на Фејсбук, илустрирана со фотографија од него како се смешка и со јастог, Џонсон на 16 јуни 2016 година изјави дека гласањето за Брегзит би значело дека Велика Британија може „да ја преземе контролата врз водите на Велика Британија, да ги постави сопствените политики за риболов и да ги поддржи нашите рибари“.

Берти Армстронг беше извршен директор на Шкотската риболовна федерација во времето на кампањата и три години потоа додека индустријата се обидуваше да влијае на преговорите. Тој вели дека секторот за риболов бил длабоко незадоволен од заедничката политика за риболов на ЕУ, а Брегзит „се чинеше како можност што се случува еднаш во животот“ за ресетирање. „Наједноставно кажано, тоа беше крајно неправедно кон британската риболовна индустрија, особено кон шкотската риболовна индустрија“, вели тој.

Искористувајќи го тоа незадоволство, Најџел Фараж, тогашен лидер на УКИП, поведе флотила рибарски бродови по Темза до Вестминстер на врвот на кампањата само за да се соочи со соперничка армада за останување предводена од Боб Гелдоф.

Десет години подоцна, Армстронг се жали на фактот дека, по гласањето, разговорите за Брегзит не донесоа нов почеток на кој се надеваше секторот. Сè уште има годишни консултации меѓу Велика Британија и ЕУ за „вкупниот дозволен улов“ на секоја риба од кој потоа се изведуваат квоти. Денес Армстронг вели: „Работите не се променија премногу, сè уште сме вклучени во годишна рунда на борба со Европа. Тоа не е сликата што ја имавме на ум за контрола на морињата.“

5 „Слободно тргување со целиот свет“

Во леток објавен за време на кампањата, овој слоган беше употребен за да се привлече вниманието кон фактот дека како членка на ЕУ, Велика Британија не може да преговара за сопствени трговски договори со земји како Кина, Индија и Австралија. Спротивно на тоа, Брегзит би значел дека е „слободна да тргува со целиот свет“.

Велика Британија успеа да склучи договори со неколку големи економии откако ја напушти ЕУ, но тие не се нужно одлични договори, а ЕУ склучи исто толку.

Од 2016 година, Велика Британија склучи договори со Австралија, со Нов Зеланд, со Индија, сеопфатниот и прогресивен договор за транстихоокеанско партнерство и неодамна со земјите од Заливот.

Сепак, во тој период ЕУ склучи договори и со Австралија, Нов Зеланд и Индија, како и со Индонезија и јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, составен од четири силни земји. Во меѓувреме, договорите со Австралија и со Нов Зеланд предизвикаа бес кај британските земјоделци кои се плашеа од пораст на увозот на месо со намалени цени. Британските преговарачи беа премногу дарежливи.


Економија и бизнис, 15 јули 2026г.

Љупчо Поповски
Авторот е новинар

Најчитано