Кинескиот товарен брод „Дубаи Тауер“ исплови од пристаништето Нингбо-Џушан, отворајќи ја првата редовна линија од овој тип, која ќе носи стока во Европа преку „арктичката рута“ за двојно пократко време. Глобалното затоплување отвори можност оваа морска рута долга 7.400 километри, која минува покрај Гренланд, да стане „Суецкиот канал на 21 век“.
Трамп го крена алармот претходно оваа година поради наводната „инвазија на кинески бродови“.
Еднаш неделно, почнувајќи од 15 август, кинеската компанија „Си Леџенд“ воспостави морска линија за транспорт на стока од пристаништето Нингбо-Џушан до европските пристаништа за 20 дена, или двојно побрзо од традиционалните морски рути што водат низ Суецкиот канал, или околу ’Ртот Добра Надеж.
Кинезите ја „пробија“ оваа рута на почетокот на годината, кога бродот „Истанбул Бриџ“ отплови кон Велика Британија за 20 дена и покрај лошите временски услови, со што ги поставија темелите за нова поморска рута далеку од проблемите предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.
Во исто време, оваа рута е дел од „Поларниот пат на свилата“, кој кинеските власти го дефинираа пред речиси една деценија како стратешки важна рута за извоз на стока на Запад.
Покрај Кинезите, и други бродски компании го пренасочуваат транспортот кон арктичката рута, која минатата година ја користеа околу дваесет товарни бродови. Западни извори тврдат дека повеќето од овие бродови припаѓаат на руската „тајна флота“ од танкери, кои на овој начин ги заобиколуваат санкциите.
Дозволи за премин по оваа рута издаде руската компанија „Росатом“, која исто така обезбедува нуклеарни мразокршачи кои го расчистуваат патот за товарните бродови.
Американскиот претседател Доналд Трамп веднаш прогласи дека водите околу Гренланд се „преплавени“ со кинески бродови, претставувајќи го овој настан како дополнителна причина за преземање контрола врз територијата.
„Сега тоа е стратешко прашање. Гренланд е преплавен со кинески и руски бродови. Ни треба Гренланд за национална безбедност, а Данска не може да го стори тоа“, рече Трамп, пренесува РТС.
Фото Економија и бизнис








