Кавахара: „Каизен“ може да ја зголеми продуктивноста и квалитетот на македонските компании

Примената на јапонската деловна филозофија „Каизен“, која се темели на постојано подобрување на процесите, може да им помогне на македонските компании да ја зголемат продуктивноста и квалитетот на своите производи. Ова го истакнува јапонската амбасадорка С. Кавахара,  во интервјуто за Економија и бизнис, според која соработката со јапонската економија носи значајни можности за македонската индустрија, особено во областа на технологијата, иновациите и организацијата на производството.

„Една од најзначајните предности на јапонската индустрија се континуираните напори за зголемување на ефикасноста и продуктивноста, истовремено подобрувајќи го квалитетот. Овој пристап е познат во светот како „Каизен“, односно дух на постојано подобрување“, посочува Кавахара.

Таа додава дека имала можност да посети неколку македонски компании кои веќе имаат долгогодишни партнерства со реномирани јапонски компании, меѓу кои Toyota и Mitsubishi. Нејзиниот впечаток е дека овие компании имаат добро разбирање на јапонската филозофија и успешно ги применуваат нејзините принципи во секојдневното работење.

Како резултат на тоа, вели амбасадорката, се забележуваат дисциплина, прецизност, точност и уредност во работењето.

Според неа, јапонската индустрија има значајна предност и во технолошкиот и иновативниот развој, при што посебно место зазема соработката меѓу компаниите и универзитетите. Заедничките истражувања овозможуваат научните достигнувања и најсовремените технологии директно да се применуваат во бизнисот.

Кавахара верува дека пошироката примена на принципите на „Каизен“ може да биде важен извор на инспирација за македонската деловна заедница, особено во услови кога зголемувањето на продуктивноста и квалитетот е клучно за конкурентноста на компаниите.

Во таа насока, посилната деловна соработка со Јапонија не би значела само отворање можности за инвестиции, туку и пренесување на знаење, технологии и деловни практики што можат долгорочно да придонесат за развојот на домашната индустрија.


Целото интервју можете да го прочитате на ЛИНКОТ

Повеќе од истиот автор

Најчитано