Јапонска деловна делегација составена од претставници на 20 компании ќе ја посети Северна Македонија од 18 до 20 ноември, со цел да ги испита можностите за инвестирање и воспоставување деловна соработка. Посетата ја организира JETRO (Јапонската организација за надворешна трговија), а според јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара, ова е трета деловна мисија на организацијата во земјава.
Компаниите што ќе учествуваат доаѓаат од повеќе сектори, меѓу кои инфраструктурата, енергетиката, машинската индустрија, финансиите и логистиката. Повеќето од нив се меѓународно етаблирани компании со долгогодишно искуство во глобалното работење.
„Сите учесници имаат силен интерес за испитување на деловните можности во овој регион“, истакнува Кавахара, во интервјуто за Економија и бизнис.
Во рамки на посетата се планирани средби на јапонските компании со претставници на Владата, деловни разговори меѓу самите компании, како и прием во резиденцијата на јапонската амбасадорка. Целта е да се идентификуваат потенцијални деловни можности, но и да се воспостават лични контакти и деловни мрежи.
Според Кавахара, Северна Македонија има стратешка предност поради својата географска положба во централниот дел на Западен Балкан и поврзаноста со Коридорите 8 и 10. Развојот на гасоводната, патната и железничката инфраструктура може дополнително да ја зајакне нејзината улога како регионален енергетски и логистички центар.
Амбасадорката нагласува дека за привлекување јапонски инвестиции се особено важни политичката и економската стабилност, транспарентните институционални постапки и предвидливото деловно опкружување. Дополнително, напредокот во интеграцијата во Европската Унија би отворил нови можности, имајќи предвид дека јапонските компании веќе имаат развиени деловни мрежи и синџири на снабдување на европскиот пазар.
Амбасадата на Јапонија, како што посочува Кавахара, тесно соработува со Владата и Стопанската комора на Северна Македонија, со очекување дека заедничките напори ќе резултираат со конкретни деловни партнерства.
Целото интервју можете да го прочитате на ЛИНКОТ








