Токио лансираше апликација која користи вештачка интелигенција за да ги поврзе луѓето заинтересирани за брак. Околу 16 илјади корисници се регистрирале,
Дури 265 парови се венчале откако се запознале преку апликација која користи вештачка интелигенција за да ја процени нивната меѓусебна компатибилност. Апликацијата беше лансирана во 2024 година како една од мерките со кои властите во Токио се обидуваат да одговорат на рекордно ниската стапка на наталитет и сè поизразената демографска криза.
За да се осигура дека луѓето кои навистина сакаат да се венчаат ја користат апликацијата, заинтересираните страни мора да докажат дека не се во брак и да поминат онлајн интервју. Од нив се бара и да дадат низа лични информации што се користат за проценка на компатибилноста и предлагање потенцијални партнери.
До 30 јуни оваа година, апликацијата имаше околу 16.000 регистрирани членови, иако околу 36.000 луѓе аплицирале за користење на услугата. Според властите во Токио, 760 парови биле во сериозни врски, а 265 парови одлучиле да се венчаат.
Владата во Токио, исто така, го објави искуството на една корисничка која рекла дека решила да ја испроба апликацијата како „последна шанса“ додека се приближувала кон својот 40-ти роденден.
Вештачката интелигенција им предлага луѓе на корисниците врз основа на одговори на повеќе од сто прашања, а системот за споредување е развиен со користење на податоци собрани од околу 150.000 парови.
„Вештачката интелигенција ја покажува компатибилноста на луѓето што ви ги предлага во три фази, олеснувајќи ви да одлучите дури и кога не сте сигурни дали треба да запознаете некого. Резултатот за компатибилност помеѓу мене и мојата девојка беше совршен“, рече еден корисник.
Програмата е дел од поширок обид на јапонските власти да ги поттикнат браковите и да го ублажат долгорочниот пад на стапката на наталитет. Во 2025 година, во Јапонија се родени 671.236 деца на јапонски државјани, што е најмал број откако се води споредлива статистика и десетти последователен годишен пад.
Бројот на раѓања се намали за 14.937, или 2,2 проценти во споредба со претходната година, додека вкупната стапка на фертилитет падна на рекордно ниско ниво од 1,14 деца по жена, пренесува Пословни дневник.
Фото Економија и бизнис








