Рубриката “Осамени острови“ низ која ќе продефилираат десетина интервјуа со важни чинители во македонското општество има една цел: да ги претстави на македонската јавност луѓето кои преку својата работа, влијание во општеството и јавните и професионални ставови поставуваат позитивни преседани на интегритет. Да имаш професионален и личен интегритет во нашето општество не е лесна работа. Најчесто си сам, опкружен со океан од непотизам, корупција, нечесност и други дејанија кои разорно делуваат по општественото ткиво. Затоа, идејата на оваа рубрика е да претставиме личности кои успеале да го сочуваат сопствениот интегритет и со тоа поставиле високи стандарди кон кои секој од нас би требало да се стреми. Оваа рубрика е поддржана од фондацијата National Endowment for Democracy (NED). Благодарност до списанието Економија и бизнис за отстапениот простор и подготвеноста на уредништвото да се зборува за оваа тема.
Терминот интегритет (integritas) доаѓа од латинскиот јазик и значи целосност, цело, исполнетост. Бидејќи старите Латини го немале развиено концептот на интегритет во денешната општествено-политичкa смисла, современата контекстуализација на интегритет кај некоја индивидуа претставува чесност, цврсти морални столбови, некорумпираност, неменување ставови под притисок на надворешни фактори итн.
Инаку, комплексноста на концептот на интегритет се огледува и во етимолошката и синонимско- антонимска игра на зборови. Кога сме кај синонимите, тие се прилично јасни: интегритет е чест, морал, принципи, потрага по општо или јавно добро. Кај антонимите, пак, работата е позамрсена. Имено, не постои збор или израз неинтегритетен, неинтегритет, или слично. Антонимите кои се поврзуваат со зборот интегритет се брутално искрени и веднаш удираат в чело. Нечесност, лага, измама. Потоа корупција и коруптивно делување кога сте на јавна функција. Хипокризија, повикување на морални стандарди кои и самите не ги почитувате. И последно, некомплетност. Сите овие, со посебен акцент на „некомплетност“ го укажуваат токму она што е основна теза во текстот. А тоа е дека човекот без интегритет не ги исполнува највисоките услови да биде човек во највозвишената смисла на зборот. И навистина, ако сакаме поетски или концептуално да прикажеме дали некој поседува интегритет, тогаш би можеле да кажеме дека оној што има интегритет е човек, интегритетот те прави човек т.е. те прави комплетен човек. Интегритетот е личен, интимен, само свој, го имаш во себе или го немаш.
Но тој е и е релационен, или се однесува и на релациите што секој од нас ги има во општеството. Бидејќи кога на човек му недостасува интегритет, тој прави директна штета во односите со останатите чинители во општеството. Со децата, со партнерот, со пријателите, со колегите, со институциите на системот, со целото општество. Со своите поведенија во односите со другите, тој или таа создава преседани кои се мултиплицираат насекаде, а се лесно прифатливи а силно опојни и за многу други членови на општеството. Така се создава култура на нечесност, култура на измама, култура на лажење, култура на корупција. Во таква култура живееме ние денес. А културата е многу пргава и тврдокорна на промени.
Дали можеме да живееме без интегритет? Се разбира дека можеме, речиси секојдневно живееме со недостаток на интегритет, во помали или поголеми дози. Со помала или со поголема токсичност по нас и по целото општество. Од ситни прекршоци од типот “поминување на црвено“, фрлање пикавец на земја, одење преку ред ако имаме можност, јавување на телефон за ситна услуга, до покрупни прекршоци од типот коруптивно делување, измама, клиентелизам, непотизам. Сумирано, ние треба да се стремиме кон повеќе интегритет, секој ден, во секоја прилика…и да знаеме дека тоа не’ прави подобри луѓе. А општество со мнозинство добри луѓе е добро општество.
Дали во нашето општество и во нашето живеење е можно да изградиме култура на интегритет? Тука доаѓаме до еден проблем. Имено, кај нас, во Македонија, ми се чини дека дури и не можеме или не знаеме да го препознаеме интегритетот кај носителите на јавни функции. Не сме навежбани за таа работа и сме немале од каде да учиме. Македонија на тема интегритет е пустина, речиси без ниту една оаза. Само ретко, некои реки понорници ќе се излеат на површината, а потоа сите ние заеднички ќе се потрудиме повторно да исчезнат. Но, таквото незнаење ни отвара две оптимистички можности. Првата е дека и мали изблици на интегритет многу ќе ни значат, ќе научиме да ги препознаваме, ќе сакаме да ги наградуваме (на избори, во кафеански разговори), но и ќе имаме желба и порив да ги казнуваме оние илјадници кои бликаат од „не-интегритет“.
Интегритетот и да се има интегритет најчесто доаѓа од позивот т.е. од твојата јавна функција која ти е доделена директно на избори (највисока форма на легитимитет!) или делегирана од некој за да бидеш нешто во име на сите нас. Значи ти си поставен таму за да нè браниш нас, да ги штитиш нашите права, рационално да ги трошиш нашите пари, да се завземеш за послабиот наспроти посилниот. Ќе се согласите, тоа е многу возвишена и одговорна работа.
Интегритетот кај носителите на јавни функции е основа за доверба на граѓаните во институциите, политичарите, општеството, системот, и конечно, во демократијата. Недостигот на политички интегритет води кон корупција, клиентелизам и популизам кои директно ја еродираат довербата на граѓаните. Толку е просто, толку е едноставно, а толку изгледа недофатно за нас.
Еве како тоа изгледа во пракса, низ коридорите на демократскиот процес. Изборите, на пример, имаат за цел да конституираат легитимна, легално избрана и пред сè, отчетна власт која треба да се грижи за јавниот интерес на сите граѓани, па дури и оние кои не гласале за победничката политичка опција.
Изборите, сепак, не се крајната цел на демократијата. Крајната цел е она што следува по изборите, а тоа е создавање на институции кои можат да раководат и менаџираат со секојдневните проблеми и предизвици на граѓаните на локално, регионално или централно ниво. За таа цел, носителите на јавни функции мора да го задржат легитимитетот добиен од гласачите и по изборите, а најважен дел од создавањето и зачувувањето на легитимитетот кај јавност претставува – политичкиот интегритет на носителот на јавна функција.
Политичкиот интегритет е етичка категорија која може да се гледа на повеќе начини. Политичкиот интегритет има две, еднакво важни страни на паричката. Најпрво, тој е поврзан со запазување на јавниот интерес пред приватниот интерес. Одреден носител на јавна функција има онолку политички интегритет колку што го става јавниот интерес на граѓаните пред приватниот интерес, вклучувајќи го тука и интересот на своите сопартијци, колеги, роднини и други приватни конекции.
Второто разбирање на политичкиот интегритет се врзува за доживувањето на јавната функција од страна на самите носители. Доколку носителите на јавни функции го доживуваат својот мандат како можност да основаат профитабилно „дуќанче“ од кое преку коруптивни и непотистички постапки ќе извлечат што поголем профит од својата позиција, тогаш настанува она што е познато како пазарен пристап кон јавната функција. Ваквиот пристап овозможува, покрај редовната плата која одреден носител на јавна функција ја добива, тој/таа дополнително да „наплаќа“ за извршување на одредени услуги. Наплатата секако не мора секогаш да подразбира парични средства и материјални добра, туку може да дојде и во форма на противуслуги, вработувања на членови од семејството, овозможување на пристап до одредени центри или позиции на моќ, па дури и донации во кампањи кои за возврат треба да обезбедат одреден повластен пристап кај носителот на јавна функција.
Покрај личниот интегритет на политичките чинители во едно општество, исклучително важен е и политичкиот интегритет на политичките партии како претставници на различни слоеви и групи во општеството. Колективниот интегритет на партиите од чии редови се избираат носителите на јавни функции е важен особено затоа што се наоѓа во криза на глобално ниво. Имено, граѓаните сè помалку им веруваат на политичките партии, сè помалку гласаат и сè помалку се политички и општествено активни. А од друга страна, граѓаните се сè понезадоволни од раководењето со јавните работи но и од конфликтноста и политичката култура во јавните дебати на претставниците на политичките партии за кои тие треба да гласаат.
Затоа, имајте интегритет, добро е да имате интегритет. И за вас и за сите останати. Инаку се удавивме во мочуриштето на лагата и на измамата.
Честит 8-ми септември! Со среќа нека ни е!
пишува: Гордан Георгиев, авторот е политиколог
Економија и бизнис, 15 септември 2026










