ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ЕДИНСТВЕНА НОВОГОДИШНА ПРОСЛАВА НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД, програмата ќе биде со македонски изведувачи

Градот Скопје планира новогодишното украсување да биде завршено во периодот од 10 до 15 декември, а главната новогодишна прослава да се одржи на градскиот плоштад, со настапи на македонски изведувачи и без огномет, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

– Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во главниот град, така му личи на градот – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека и годинава, како и минатата, програмата ќе биде составена исклучиво од македонски изведувачи, но дека имињата сè уште не се утврдени.

– Одлучивме оваа година да одиме, како и минатата, со исклучиво македонски изведувачи. Ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле сè уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Новата година, изјави градоначалникот.

Во врска со можноста за организирање огномет за новогодишната ноќ, Ѓорѓиевски рече дека е донесена одлука тој да не биде дел од прославата, имајќи ги предвид различните мислења во јавноста за употребата на пиротехника.

– Да нема прашања во јавноста наредниов период, да најавам дека огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ, но одлучивме да нема огномет – рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски рече дека очекува годинашното украсување да биде поспектакуларно во споредба со претходните години.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано