СНЕЖНО УТРО ВО СКОПЈЕ, денеска облачно со повремени локални врнежи претежно од снег

Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи претежно од снег, а во пониските места долж Повардарието од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од -1 до 6 степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 2 степена.

Според најавите од УХМР, од утре па во текот на новата работна седмица времето ќе биде стабилно и многу студено. Утринските температури скоро секаде ќе бидат под нулата. Наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб, повремено умерен ветер од северен правец.

Снегот на Стража синоќа го отежна патувањето меѓу Гостивар и Кичево. На делницата од превојот кон Гостивар, автомобил излета од коловозот и се преврте. На местото интервенираше противпожарна екипа. Според подоцнежните информации, никој во возилото не е повреден.

Автомобилот, според достапните информации, имал летни гуми. На превојот во текот на вечерта паѓаше снег, но причината поради која возилото излетало од патот засега не е официјално потврдена.

За возачите на камиони, ограничувањата почнаа во 18 часот во саботата. Тогаш беше воведена забрана за движење на тешки товарни возила меѓу Гостивар и Кичево преку Стража. Патот остана отворен за патнички возила, кои се движеа во зимски услови.

Во истиот час беше воведена забрана за тешки товарни возила и на патот од Маврово кон Дебар. Според вечерниот извештај на „Македонијапат“, на двете делници провејуваше слаб снег, а екипите на патната служба работеа на расчистување на коловозите во западниот дел од земјата.

Снег синоќа провејуваше и на патот од Лисец кон Попова Шапка, како и на делницата од Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир. На повисоките места маглата дополнително ја намалуваше видливоста.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано