ДЕКАРБОНИЗАЦИЈАТА И ЗЕЛЕНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО ИНДУСТРИЈАТА НОСИ ПОГОЛЕМА КОНКУРЕНТНОСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ, јавна дебата во Стопанската комора на тема „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“

Декарбонизацијата во македонската индустрија треба да се претвори од регулаторен предизвик во инвестициска можност. Зелената трансформација на индустријата е многу повеќе од еколошка одговорност и таа претставува стратешка можност за иновации, инвестиции и поголема економска конкурентност. Нејзиниот успех зависи од тесната соработка меѓу енергетскиот сектор, индустријата, финансиските институции и носителите на одлуките во Македонија, беше посочено  на втората панел дискусија од јавната расправа на темата: „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, што се одржаа  во организација на Стопанската комора и УНДП.

Учесниците во расправата на темата  „Декарбонизација на индустријата, технологии и финансирање“  посочија на важноста од забрзување на овој процес поради тесната поврзаност на македонската економија со европскиот пазар и навременото прилагодување на нашите компании, кои се соочуваат со сè повисоки барања за енергетска ефикасност, јаглероден отпечаток и одржливо производство. Со европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), јаглеродниот отпечаток може директно да влијае врз цената и конкурентноста на производите. Поефикасното производство може да ги намали трошоците, а од банкарска перспектива најголем ризик е одлуката на компанијата да ја одложи модернизацијата и сопствената трансформација.

Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, ги престави заложбите на македонската влада за создавање на предвидлива законска рамка, воспоставување на систем за сигурно снабдување со енергија, како и за воспоставување на достапни финансиски инструменти, кои се клучни предуслови за декарбонизацијата на индустријата, за новите инвестиции и долгорочна конкурентност на економијата.

-Би било многу убаво кога компаниите би знаеле во следните пет години колкав ќе биде нивниот трошок за електрична енергија, наместо секојдневно да ја следат берзата и да се соочуваат со неизвесност. Тоа е ризик за секоја компанија, особено за оние каде што електричната енергија претставува значителен дел од трошоците. И приватните и државните компании треба да можат да планираат. Наша задача е да овозможиме предвидливост, да бидеме пофлексибилни и да ги скратиме процедурите, за компаниите да можат да инвестираат и да се развиваат, истакна Божиновска.

Божиновска посочи дека преку јавно-приватните партнерства ќе се отворат дополнителни можности за реализација на проекти за кои државата нема доволно сопствени финансиски средства.

За финансирањето на декарбонизацијата, таа информираше дека според Националниот план за енергетика и клима, за реализација на предвидените мерки до 2030 година се потребни околу 10 милијарди евра. Од вкупно 61 мерка во Планот, 26 директно се однесуваат на декарбонизацијата. Како механизам за привлекување инвестиции  постои Платформата за праведна транзиција, преку која се презентираат конкретни проекти на енергетските компании пред меѓународните финансиски институции и се отвораат можности за нивно финансирање.

Во излагањето на панелот, посебно внимание беше посветено и на механизмот CBAM, кој има директно влијание врз конкурентноста на домашните компании што извезуваат на европскиот пазар. Божиновска информираше дека Министерството, заедно со Царинската управа, Институтот за акредитација и Министерството за животна средина, работи на потребната законска рамка и воспоставување систем за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA). На овој начин средствата поврзани со јаглеродните емисии ќе останат во земјата и да се инвестираат во зелена трансформација на домашната економија.

Како дополнителен предуслов за конкурентноста на индустријата, Божиновска го посочи развојот и регионалното поврзување на енергетската инфраструктура. Таа информираше и за подготовката на Мастер-планот на МЕПСО за развој на преносната мрежа, кој треба да ги идентификува потребните инвестиции и капацитети во различните региони, особено во деловите каде што веќе има ограничени можности за приклучување нови енергетски капацитети.

Пред да одговори на прашањето за тоа колку еколошките критериуми се одлучувачки при одлучувањето на една компанија за да влезе во нови инвестиции, Марија Дуковска-Павловска, генералната директорка на Макстил, укажа на потребата од формирањето на верификационо тело во Македониај за СВАМ.

-За потребите на компанијата  ангажиравме германска компанија која ја направи верификацијата, но би било било добро истото да се направи кај нас во Македонија.

Ние сме енергетски интензивна индустрија и за пристапувањето во процесот кон декарбонизацијата, лани покренавме и иницијатива на регионално ниво за да се поврземе со другите земји за да аплицираме за дел од европските фондови, бидејќи како компанија или земја е потешко да се остварат овие цели. Како компанија при одлучивање за инвестирање секогаш се тргнува од потрошувачката на електрична енергија, на која гледаме како на варијабилен трошок. Ја следиме потрошувачката на секое производно место и се базираме на тарифен модел кој е флексибилен. Веќе и банките го поставуваат како услов намалувањето на потрошувачката на енергија. Мора да се има предвид дека планирањето на инвестициите во нашиот сектор се долгорочни и потешко се објаснуваат кога станува збор за намалување на јаглеродниот отпечаток, а користа од овие инвестиции можеби не се веднаш, туку на долг рок, изјави  Дуковска-Павловска, а како пример ја наведе инвестицијата во новата опрема за која се потребни до три  години од нејзината набавка до ставање во функција.

Тони Стојановски од НЛБ Банка ад Скопје. Стојановски издвојува три критериуми за финансирање на компаниите: економска оправданост на вложувањето, техничка подготвеност на проектот и усогласеност со долгорочната стратегија на компанијата.

-За банките, декарбонизацијата веќе не е само прашање на општествена одговорност или одржливост. Таа влијае врз конкурентноста на компаниите што ги финансираат, а со тоа и врз квалитетот на нивните кредитни портфолија. Секоја инвестиција мора да има јасна економска логика. Дали ќе ги намали трошоците за енергија? Дали ќе ја зголеми продуктивноста? Дали ќе ја подобри конкурентноста? Дали ќе овозможи задржување или освојување нови пазари? Притоа, важна е долгорочната стратегија на компанијата. Како Банка ние не финансираме само поединечни машини или соларни панели. Ние финансираме компании и нивната долгорочна способност да создаваат вредност. Затоа е важно инвестицијата да биде дел од поширока стратегија за модернизација и конкурентност, вели Стојановски

Одржливото финансирање е дел од долгорочната стратегија на НЛБ Групацијата, која има цел да мобилизира 1,9 милијарди евра одржливо финансирање до 2030 година. На локално ниво, НЛБ Банка располага со инструменти за поддршка на зелената транзиција, меѓу кои и програми во соработка со ЕБОР.

-Не секој проект кој е добар за животната средина е автоматски финансиски одржлив. Но тоа не значи дека не треба да се реализира. Тоа значи дека треба да најдеме соодветна финансиска структура, посочи Стојановски.

Еден начин да се изгради таква структура е комбинираното финансирање. Тоа ги поврзува сопствениот капитал и банкарскиот кредит со меѓународни средства, гаранции, грантови и техничка поддршка. Така ризикот се дели меѓу партнерите што можат најдобро да управуваат со него, а јавните средства привлекуваат приватен капитал наместо да го заменат.

Соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е конкретен пример за поддршка на зелените инвестиции. За илустрација, ЕБОР во март годинава обезбеди финансиска рамка до 30 милиони евра за НЛБ Банка преку програмата Western Balkans Green Outcomes-Linked Debt Financing. Таа поддржува мали и средни компании што вложуваат во енергетска ефикасност, обновлива енергија и одржливи технологии. Резултатите се мерат преку заштедена енергија, намалени емисии и подобрена конкурентност.

Говорејќи на панел-дискусијата,  Волфганг Маиер, главен извршен директор на ЕВН Македонија, ја истакна клучната улога на електродистрибутивните мрежи како столб на енергетската транзиција. Секое евро инвестирано во мрежата отвора можности за дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија и индустријата, додека секоја топлинска пумпа, електрична печка, електрично возило или фотоволтаичен систем на кров на зграда, во крајна линија, зависи од мрежата.

Тој ја нагласи и важноста на регулаторната стабилност и предвидливото финансирање. Балансирана и стабилна регулаторна рамка, заснована на реалните трошоци, која ги поттикнува ефикасните инвестиции, е од суштинско значење за обезбедување одржливо финансирање и забрзување на транзицијата.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано