Георгиев: Медитеранот или Наше Море

пишува: Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Почна летото, ќе одиме на море, секој сака да оди на море. На наше или на нивно море, тоа е веќе прашање на политичка перцепција и вкус… Ако не припаѓаме на оние два проценти ултра богати граѓани и ако не успееме да заминеме на некоја егзотична дестинација, на некое друго море, во некоја друга вода… тогаш сме „осудени“ да одиме на Медитеран. Тоа е Нашето Море, Mare Nostrum, уште од памтивек. Егејско Море, Црно Море, Јонско Море, Јадранско Море, Турско Море или Египетско Море, во иста вода сме. Но, во иста вода сме и со „Палестинско Море“, „Израелско Море“, „Либанско Море“. Веројатно политички и климатски поверодостојно би било да кажеме „во иста каша сме!“

Медитеранот некогаш беше центарот на светот. Не само географски туку и цивилизациски. Простор каде што народите не живееја едни покрај други, туку едни низ други. Море низ кое патувале идеи, јазици, богови, трговци, поети, бегалци, освојувачи и освоени, гладијатори и љубовници. Од Александрија до Солун, од Смирна до Венеција, од Бејрут до Неапол, Медитеранот не беше граница, туку поврзување. Никогаш претходно Медитеранот не бил ѕид или ограда, секојпат бил отворен премин, портал за некое ново доживување.

Денес, пак, истото тоа море е претворено во една од најмилитаризираните и најисплашени зони во светот. Наместо пристаништа за размена на идеи и на добра, гледаме бодликави жици, патролни чамци, носачи на авиони и воени фрегати, визи и отпечатоци од прсти, идентитетски стравови и цивилизации кои сè помалку разговараат меѓу себе. Гледаме и војни, одвратни војни кои не сме ги виделе претходно или барем сме мислеле дека никогаш нема да се повторат во ваков облик. И стоиме немоќно пред недоброените загинати, пливајќи и во нивната крв и солзи разлеани по прекрасните медитерански води. Морето поставено во средиштето на Земјата како што ги мешало водите така ги мешало и луѓето. Ете тој истиот Медитеран денес ни служи како прикладна граница која ги одвојува едните од другите. Нашето Море стана место на исклучувања: Европа против Африка, христијанство против ислам, север против југ, „легални“ против „илегални“, сиромашни против богати.

Во оваа нова политичка географија, човекот од другата страна на морето повеќе не е сосед, туку закана. Мигрантот не е носител на приказни, на вештини, на зачини и на мириси. Мигрантот, патувачот, талкачот сега е „безбедносен проблем“. Културната различност не е богатство, туку ризик. Надоаѓачката европска крајна десница би рекла „егзистенцијална закана“.

Иронијата е што токму Медитеранот, морето што некогаш ги поврзуваше античките градови држави, арапските калифати, еврејските трговски мрежи, османлиските пристаништа и ренесансните републики, денес се претвора во масовна гробница за оние кои се обидуваат да преминат од „погрешната“ страна на светот. Можеби токму затоа Медитеранот е најдобрата метафора за кризата на современиот свет. Свет што технолошки е поврзан повеќе од кога било, а човечки раздвоен подлабоко од кога било. Свет во кој комуникацијата никогаш не била побрза, а разбирањето никогаш посиромашно.

Да се мисли за Медитеранот денес значи да се постави едно непријатно прашање: „Како цивилизацијата што се родила од фузија, од трговија, од патување, од читање и од преведување стигна до тоа да се плаши од другите?“ И дали повторното отворање на Медитеранот, не само физички туку и културно и политички, е можеби предуслов и спас на самата идеја за Европа, но и спасение за гревовите кои ги носи Европа на душата?

Западот, каков што денес го замислуваме, најмалку е географија. Тој е политичка фикција градена и негувана со векови со цел да ја одработи сопствената улога на разделување. Тој е приказна што ја раскажува Европа за себе и ја продава на другите. Приказна за „цивилизација“, за „разум“, за „ред“ и за „напредок“, која постепено се градела низ вековите преку внимателно избирање на сопствени „предци“ и истовремено исклучување на сите оние кои не се вклопуваат во таа слика. Во таа конструкција, Западот си ги присвојува Античка Грција, Рим и јудео-христијанската традиција како свои ексклузивни темели – како некаква чиста линија што води од Атина, преку Рим и Ерусалим, до Париз, до Лондон и до Вашингтон. Но, таа линија е повеќе мит отколку историографија.

Бидејќи Античка Грција не постоела во изолација. Нејзините филозофи, математичари и трговци живееле во свет кој бил длабоко медитерански, африкански и блискоисточен. Херодот пишувал за Египет и за Персија со истата фасцинација со која денес Европа зборува за самата себе или ние за неа. Александрија била можеби повеќе центар на античкиот свет отколку самата Атина. Римската Империја не била „европска“ империја, туку медитеранска. Простор во кој денешна Либија, Сирија, Палестина или Тунис биле исто толку „центар“ колку и Италија. А христијанството? Тоа е религија родена на Блискиот Исток, на бреговите на Медитеранот, во провинциите на Римската Империја, со семитски јазик, со ориентална симболика и со долги векови развој во контакт со исламскиот и со еврејскиот свет. Европа и колективниот Запад подоцна ги „прочистуваат“ тие наследства, ги избелуваат, ги национализираат и ги претвораат во граници. Грција станува „лулка на Европа“, Рим е темелот на западната држава и на правото, а христијанството е културен ѕид спрема „другите“.

Од перспектива на „колективниот“ Медитеран, сето ова изгледа очигледно апсурдно и длабоко неправедно затоа што Медитеранот никогаш не функционирал како тврдина, туку како простор на непрекината циркулација. Таму идентитетите се флуидни, а не чисти. Градовите се полиглотски. Империите се мешани. Луѓето тргувале, се венчавале, војувале, се мешале и повторно се поврзувале. Токму затоа денешната состојба на Медитеранот изгледа толку трагично. Одејќи по водената граница меѓу „цивилизираниот“ север и „опасниот“ југ, морето кое некогаш ги поврзуваше континентите денес е сцена на воени флоти, на мигрантски трагедии, на етнички ѕидови и на цивилизациски стравови.

Прашањето денес веќе не е само како да го „вратиме“ Медитеранот, туку како да се еманципираме од целиот светоглед што нè доведе до оваа затвореност. Затоа што кризата не е само медитеранска туку и цивилизациска. Светот што се создаде по Втората светска војна – со либерална демократија, со западна доминација, со идејата за прогрес, за човекови права и за глобализација – очигледно влегува во своја длабока трансформација. Новиот свет веќе се раѓа пред нашите очи. Моќта се поместува. Западот повеќе не е единствениот центар на светот. Кина не нуди демократија, туку ефикасност и контрола. Русија не нуди визија за иднината, туку сурова геополитика и империјален инстинкт. САД сè помалку зборуваат за универзални вредности, а сè повеќе за интереси, за технологија и за безбедност. А Европа, некогаш самоуверена во својата „морална супериорност“, денес изгледа уморно, демографски исплашено и геополитички несигурно.

Во таков свет, демократијата повеќе не функционира како магична валута што автоматски носи просперитет и напредок. Луѓето гледаат дека и во демократии можат да живеат несигурно, сиромашно и без перспектива; дека формално можат да гласаат, а суштински немаат влијание врз најважните процеси; дека економијата, технологијата и медиумите сè повеќе се концентрирани во рацете на неколку стотици или неколку илјади луѓе – нова глобална аристократија која живее надвор од класичните категории на нација, на идеологија или на демократија.

Тоа создава огромно чувство на затвореност. Не само физичка туку и егзистенцијална. Луѓето се чувствуваат како статисти во свет што не го контролираат. Како да живеат во систем каде што некој друг ја пишува иднината. И токму затоа денес толку лесно се враќаат национализми, идентитетски стравови, теории на заговор, омраза спрема „другите“.

Во таа смисла, Медитеранот би можел да се третира не како музеј за минатото, туку како старонова лабораторија за иднината. Простор каде што Европа, Африка и Блискиот Исток повторно би се гледале не како цивилизациски непријатели, туку како заеднички екосистем. Во свет што повторно се милитаризира и се затвора, овие редови веројатно звучат бесмислено. Но, оваа милитаризација секако еден ден ќе заврши или со војна или со некаков привремен пакт кој ќе ни остави време да се прегрупираме. Конечно, низ историјата, најдолговечните цивилизации не биле оние што најмногу освојувале, туку оние што знаеле да апсорбираат, да дадат и да поврзуваат. А токму тоа некогаш беше суштината на Медитеранот.

Претпоставувам дека сето ова звучи утописки и неостварливо. Но, ова се процеси кои ќе се случат, на потешкиот или на полесниот начин. Ако ние им ги затвораме ќепенците на соседите, соседите ќе се побунат. Ако тие нам ни ги затвораат вратите и дворовите, ние ќе се побуниме. Ова се закономерности во историјата, колку и самата историја да негодува да се вкалапи во каква било закономерност. И многу е едноставно да се разбере, иако лекот најтешко се наоѓа и најчесто предоцна. Сите револуции во историјата на човештвото се случуваат кога огромен број луѓе, понекогаш на ограничена територија, а понекогаш и во светски рамки, ќе се почувствуваат онеправдани, украдени, измамени. И притоа не е важно дали тие луѓе се во право, дали и нив некој по завршувањето на револуцијата ќе ги онеправда, ќе ги искраде или ќе ги измами. Револуциите се природни закономерности кога светот станува претесен за огромното мнозинство луѓе, а истовремено преширок за малкумина. Ќе знаеме ли како понатаму?


Економија и бизнис, 01 јуни 2026

Најчитано