Гордан Георгиев: Има ли демократијата доволно гласачи за да победи на избори?

Има ли демократијата доволно гласачи за да победи на избори?

Пишува: Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Демократијата, ваква распарталена и обезличена каква што ја сведочиме, станува тешко поднослива. И тешко разбирлива. Кога знаменосецот и инспираторот на „демократијата во практика“ (имено, САД) до таа мерка ќе ја испости демократската смисла на изборите, на институциите, на независното судство, и сето тоа на сметка на огромната егзекутивна моќ на поединецот (претседателот), тогаш доаѓаме на лизгав терен. Тука не помагаат флоскули, туку преиспитување на основите на кои треба да почива демократијата. Демократијата не е само процедура, не е само изборен ден, не е само пребројување на гласови. Таа е кревка рамнотежа меѓу мнозинството и ограничувањата на таа мнозинска волја. Тоа е систем во кој „50+1“ не е апсолутна моќ, туку условена легитимност. Мнозинството победува, но не смее да уништува; владее, но не смее да заробува. Демократијата, во својата либерална форма, значи и нешто повеќе: независно судство, заштита на малцинствата, поделба на власта, правила што важат и кога не ти одговараат, слободни медиуми. Кога овие столбови почнуваат да се нишаат, тогаш мнозинството се претвора во алатка, а не во коректив. Крајниот резултат од обилно користење на оваа алатка може да биде воспоставување на нов систем на владеење, таканаречена илиберална демократија или други форми на автократско и на авторитарно владеење.

Денес на левицата и на демократската десница им припаѓа улогата да ја одбранат демократијата. Левицата во начело е колективистичка, но таа сега мора да се постави како главна либерално-демократска брана против растечкиот популистички национализам или како и да го нарекуваме денес напливот на авторитарни тенденции во разни земји и во разни краеви низ светот. Но, левицата тешко ќе се извлече сама. Таа мора да склопи пакт со либералите/зелените и со сите оние свинг гласачи кои гравитираат лево/десно од центарот, но јасно знаат да препознаат што е либерална демократија, а што илиберална демократија.

Но, тука почнува вистинскиот проблем. На која агенда ќе ги собере левицата тие 50+1 гласови? Многу тешко прашање!

Денес левицата не губи само избори − таа губи јасност. Историски левицата знаеше да понуди јасен социјален договор: подобра распределба, заштита на трудот, јавни добра. Денес, во многу земји, таа агенда се расплинува меѓу идентитетски прашања, технократски јазик, сервисирање на разјарениот капитализам и некритичка верба во финансиската и во економската глобализација. Резултатот од ова често е отуѓеност од секојдневните грижи на мнозинството, т. е. на домашните гласачи. Во меѓувреме, десницата − особено радикализираната десница − нуди нешто многу поедноставно: припадност, сигурност, јасен непријател. И тоа функционира.

Можеби клучот не е во класичната „левица“, туку во поширок продемократски фронт. Во многу земји веќе го гледаме тоа. Во Франција, левицата се обединува во пошироки коалиции (заедно со традиционалната десница) за да го сопре радикалниот десен продор. Во Германија, социјалдемократите владеат само како дел од сложени коалиции со либерали и со зелени, но и таа работа сè потешко оди. Во САД, Демократската партија е де факто широка коалиција од центар-десно до прогресивна левица, обединета за заштита на институциите, но до пред последните избори и опседната со идентитетските прашања и борба против расизмот. Во Бугарија, Румен Радев, шаренолик леводесничар, настапи со реторика која ја надминува класичната левица, апелирајќи на „прогресивна“ држава како поширока рамка.

Доколку левицата не се нарекува левица (нека останат радикалните левичари да си се нарекуваат левица), тогаш можеби може да привлече нешто и од таборот центар- десно, дури понекогаш и целиот умерен десен спектар.

Тука не е само прашање на градење препознатливост. Ова е прашање на преживување. И тоа преживување не само на левицата туку и на целиот центристички спектар кој оди од лево кон десно. Затоа што реалноста е сурова: класичните левичарски партии се во пад или во стагнација. „Пасокизацијата“ не е случајност, туку тренд. Кога еднаш ќе се изгуби довербата на базата, враќањето е бавно и неизвесно.

Ова не е партиска дијагноза, туку структурна констатација. Кога една политичка опција ќе го изгуби капацитетот да мобилизира „бројка“, тогаш прашањето веќе не е како да се врати, туку што доаѓа после неа. „Пасокизацијата“ не значи само пад на една партија, туку празнина во политичкиот простор која или ќе биде пополнета со нешто ново или ќе биде преземена од противникот. Во овој случај, таа празнина може да ја пополни антидемократскиот импулс − еден широк, често недефиниран, но емоционално силен одговор на разочарувањето од системот.

Кај десницата, пак, се случуваат друг тип на раслојувања. Десното оди уште подесно, а тоа „уште подесно“ добива сè повеќе гласови. Напливот и продорот на екстремната десница ѝ задава сериозни главоболки на традиционалната десница, онаа која е научена да победува на избори со три главни програмски јадра: компетентност во економијата и одржување на капиталистичкиот поредок базиран на слободен пазар, фокус на традиционалните вредности и опсесивност со нацијата како главно и безбедно собиралиште на народот. Овие три симплифицирани постулати имаат една заедничка, често премолчена, но разбрана од сите премиса: демократијата, слободните и фер избори, малцинските права и независното судство се гарант за долгорочна стабилност на политичкиот систем. Екстремната десница често експлицитно ги негира сите горенаведени постулати, а со тоа ги предизвикува системот и неговата стабилност. Кога на тоа ќе се додаде и екстремната левица (глобално застапена во помали размери и помал квантум на гласачи) се создаваат два екстремни пола кои му пркосат на либерално-демократскиот поредок. Бројките се несомнени и алармирачки. Сè повеќе гласачи се согласуваат дека системот не функционира онака како што е замислен и како што ни е рекламиран и затоа протестно гласаат екстремно лево или екстремно десно. Но, протестниот глас не е само обичен или вообичаен крик против статус кво. Овие протестни гласови се глас кој де факто го руши воспоставениот систем. Последиците од тоа се делумно познати од мрачната историја на човештвото делумно непознати бидејќи се поставени на еден нов, постлиберален контекст.

Денес во демократскиот свет се раѓа јасен антидемократски импулс кој се заканува на разни места да стане импулс на мнозинството. Историјата нè учи дека тоа мнозинство брзо ќе сфати, иако и висока цена ќе плати, колку е всушност непредвидлив и во основа неправеден тој свет (конфликти, расправии меѓу нациите, војни, покажување сила и моќ на посилниот кон послабиот, економски хаос, структурна сиромаштија итн.) и тука продемократскиот чадор ќе треба да им отвори врата и на оние од условно кажано десницата кои сфаќаат дека демократијата, мирот и соработката меѓу народите е најмалку лошата опција за сите нас, подобра дури и од возљубената нација (која сепак е важна како сврзно ткиво).

Токму тука се крие потенцијалот за пресврт. Антидемократскиот бран се храни од фрустрација, но не нуди одржлив одговор. Кога тој бран ќе се судри со реалноста − со ограничувањата на моќта, со економските последици, со меѓународните односи − неизбежно ќе почне да еродира. Историјата ни покажува дека ваквите циклуси имаат свој пик и своја точка на замор. Прашањето е кој ќе биде подготвен во тој момент.
Затоа продемократскиот чадор не смее да биде тесен, ниту идеолошки да е исклучив. Тој мора да биде доволно широк за да ги апсорбира и оние кои до вчера биле на „другата страна“, но кои во меѓувреме сфатиле дека стабилноста, предвидливоста и мирот се повредни од постојаните мобилизација и конфликт. Тоа не значи откажување од вредности, туку нивно поставување како заедничка основа, а не како партиска или идеолошка сопственост.

Продемократскиот чадор мора да понуди некаква „возбуда“. Ова е можеби најтешкиот дел. Затоа што „возбудата“ во политиката денес е веќе окупирана од популизмот, од едноставните пораки, од силните лидери и од јасните поделби. Левицата, или пошироко продемократскиот камп, не може да ја копира таа енергија без да се самонегира. Но, мора да најде сопствен извор на енергија − нешто што ќе биде и емоционално убедливо и рационално одржливо.

Тоа значи да понуди визија која не е само „против“ нешто туку и „за“ нешто. Визија за општество кое функционира, каде што правилата важат, каде што трудот се вреднува, каде што државата не е плен, туку сервис. Но, и визија која ќе се почувствува − не како апстрактен концепт, туку како конкретна можност за подобар живот. Едноставно и помалку иронично кажано, продемократскиот камп мора да го понуди истото ова и да го положи истиот испит на кој и самиот падна последниве барем дваесетина години.
Без таа комбинација − на ширина и на возбуда, на вредности и на енергија − бројката нема да дојде сама. А без бројка, демократијата останува во дефанзива наместо да биде систем кој самоуверено се брани и се обновува.


Економија и бизнис, 01 мај 2026г

Најчитано