Хирошима денеска ја одбележа 81-годишнината од американското атомско бомбардирање со повик до светските лидери да работат на целосно укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека растечките меѓународни тензии го зголемуваат ризикот од нова нуклеарна катастрофа.
Комеморативната церемонија почна со минута молк точно во 8:15 часот, времето кога на 6 август 1945 година експлодираше атомската бомба над градот. Се проценува дека до крајот на истата година од последиците од американскиот напад загинале околу 140 илјади луѓе.
Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, во Декларацијата за мир порача дека намалувањето на последиците од употребата на нуклеарното оружје и прифаќањето на силата како средство за остварување политички цели може да доведе до нов циклус насилства и трагедии слични на оние во Хирошима и Нагасаки.
Тој ги повика политичките лидери да ги препознаат разорните последици од каква било употреба на нуклеарно оружје и да покажат лидерство во процесот на нуклеарно разоружување преку меѓународна соработка, објави МИА.
Еуроњуз Србија денеска објави текст во кој се пренесуваат сведоштва од американските војници кои биле дел од 12 члениот екипаж на „Енола Геј“, авионот во кој се пренесувала првата атомска бомба „Малото момче“( Little Boy).
„Се свртевме да погледнеме кон Хирошима. Градот повеќе не беше видлив – беше покриен со чад, прашина и урнатини, додека облак што изгледаше како џиновска печурка се издигаше одвнатре“, рече навигаторот Теодор Ван Кирк во 2004 година, нагласувајќи го застрашувачкиот факт: „Поминаа само три минути откако беше фрлена бомбата, а градот веќе беше исчезнат“.
На копилотот Роберт Луис му се припишува познатата реплика: „Боже, што направивме?“, која и самиот ја потврди децении подоцна во телевизиска емисија. Интересно е што тој беше единствениот член на екипажот што ја посети Хирошима во 1952 година, градот што го преживеа овој ужасен кошмар.
Судбините на дванаесетте луѓе што беа во авионот „Енола Геј“ тоа утро останаа неразделно поврзани со тие неколку секунди од тоа августовско утро. Иако беа пречекани во САД како херои што ја завршија Втората светска војна, во самиот екипаж емоциите беа поделени и сложени.
До крајот на својот живот, командантот Пол Тибетс тврдел дека негова должност е да ги извршува наредбите и да ги спасува животите на американските војници кои ќе загинат при копнена инвазија на Јапонија. Тој никогаш јавно не се покајал. Во едно интервју во 1975 година, тој изјавил: „Горд сум што можев да почнам од ништо, да испланирам операција и да ја извршам совршено. Спијам мирно секоја ноќ.“
Тој бил толку решен да избегне какви било протести по неговата смрт што побарал да биде кремиран и неговата пепел да се расфрла во Ла Манш, за да не стане неговиот гроб место за антинуклеарни демонстрации.
Копилотот Роберт Луис, чии зборови „Боже, што направивме?“ станаа симбол на морална дилема, носеа потежок емоционален товар. Иако остана во војската, подоцна се пензионираше и се посвети на скулптурата. Едно од неговите најпознати дела беше скулптурата што ја прикажува печурката од атомската експлозија, што многумина го протолкуваа како обид за катарза и соочување со сопствената улога во тој настан.
Мајорот Клод Идерли во извидничкиот авион што го потврдил ведрото време над Хирошима, станал најпознат пример за посттрауматско стресно растројство предизвикано од атомската бомба. Години подоцна, тој почнал да испраќа писма до жртвите на Хирошима, донирал пари на сирачиња и намерно извршувал ситни злосторства за да биде казнет, верувајќи дека не заслужува слобода. Завршил во психијатриски установи, станувајќи икона на пацифистичките движења низ целиот свет.
Навигаторот Ван Кирк, кој почина во 2014 година како последен преживеан член на екипажот, имал прагматичен став. Верувал дека атомската бомба е „помало зло“ од продолжувањето на војната, но до крајот на својот живот предупредувал: „Би сакал оружјето никогаш повеќе да не се користи. Целиот свет треба да ја научи лекцијата од Хирошима – војната не решава ништо“.
На денешен ден, часовниците во Хирошима отчукуваат секое утро како потсетник на 8:15 – моментот кога времето буквално застанало и „Малото момче“ сеело смрт.
Бомбата тежеше 4.540 килограми, а на бомбардерот му беа потребни цели две милји писта за да се подигне од земјата под закрилата на ноќта и да го започне патувањето од 2.400 километри. Целта беше градот Хирошима со 350.000 жители, пренесува Еуроњуз Србија.
фото/МИА архива








