Колку често во праксата ни се доставува материјал за проверка кој веднаш го препознаваме по стилот и форматирањето, односно дека е создаден, проверен или „поминат“ низ алатка со вештачка интелигенција („ВИ“). Клод (Claude.ai) неодамна започна да воведува и машински читливи одбележувања (watermarks) во текстови генерирани од одредени ВИ модели, што само ја потврдува насоката во која се движи целата индустрија.
Според истражување на OECD (2026), SME Policy Index for Western Balkans and Türkiye 2026 – Economy Profile for North Macedonia, околу 35% од малите и средни претпријатија во Северна Македонија користат генеративна ВИ, што е над просекот на Западен Балкан од 26%, а речиси 12% користат дигитални алатки со ВИ функции, како машинско учење, споредено со 6% во просек во земјите од Западен Балкан. Употребата е разнолика по сектори, индустрии и функции: од пишување договори, преку осмислување маркетинг кампањи, до финансиски анализи и човечки ресурси. Листата продолжува, бројките секојдневно растат, а со тоа растат и придобивките, но и ризиците.
Ова е уште една технолошка револуција која носи големи придобивки и напредува со огромна брзина. Не треба да се спротивставуваме на неа, туку да најдеме начин безбедно да ја користиме. Оттука, прашањето повеќе не е дали ВИ ќе се користи во секојдневното работење, туку како ќе се користи и како ќе управуваме со процесите и правните ризици што ги создава нејзината употреба. Регулаторите насекаде бараат рамки што ќе бидат доволно цврсти за да овозможат безбедност, но и доволно нерестриктивни за да не го кочат напредокот. Република Северна Македонија на 8 мај 2026 година ја потпиша Рамковната конвенција за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото на Советот на Европа. Со овој документ, државите потписнички се обврзуваат да воспостават фундаментални принципи: почитување на приватноста и заштита на личните податоци, транспарентност и надзор, одговорност, како и механизми за ефективна правна заштита, вклучувајќи приговори и жалби. Со тоа се создава јасна основа за натамошна усогласеност со прописи, но и без формална обврска, таквата потреба веќе постои кај секоја компанија која свесно користи ВИ алатки.
Како најкарактеристичен пример може да се издвои EU AI Act, односно Регулативата на ЕУ за воспоставување хармонизирани правила за вештачка интелигенција. Слично како регулативата за заштита на лични податоци, и оваа регулатива има екстратериторијално дејство, односно може да ги опфати правните и физичките лица лоцирани надвор од ЕУ кога нивните ВИ системи, услуги или резултати се пласираат или користат во Унијата. Како што GDPR стана глобален стандард за заштита на личните податоци, така AI Act постепено ќе стане референтна рамка за одговорна употреба на вештачката интелигенција, барем во економско-правниот простор во кој функционираме. Многу македонски компании работат за клиенти од ЕУ, продаваат услуги или софтвер на ЕУ пазарот, обработуваат податоци на ЕУ субјекти или се дел од синџирите на снабдување на европски компании. Добар дел од нив веќе се соочиле со прашања за ВИ усогласеност, а тие што не се соочиле, неизбежно ќе се соочат.
Усогласеноста со прописи во делот на користење на ВИ треба да го следи регулаторниот пристап и да се постави така што ќе овозможи основни механизми за правилна употреба. Не секоја компанија треба да има сложен сектор кој ќе се занимава со ВИ, но секоја сериозна компанија треба да има внатрешна ВИ политика (AI Policy). Таквиот документ треба да даде основа компанијата да знае кои ВИ алатки се користат и за какви цели; со какви податоци располага, односно што споделува со ВИ алатките; како се проверуваат податоците и резултатите преку човечки надзор (human in the loop); дали клиентот, работникот или корисникот треба да биде информиран; и како се утврдува одговорност при грешки. Тука е важно да се разбере дека ВИ усогласеноста не е исклучиво ИТ политика. Таа е прашање на корпоративно управување. Во зависност од секторот, таа може да ги засега управниот одбор, менаџментот, правниот сектор, човечките ресурси, продажбата, маркетингот, секторот за заштита на лични податоци и внатрешната ревизија. Ако една компанија користи ВИ само за превод или лекторирање, ризикот е поинаков од компанија која користи ВИ за профилирање клиенти, проценка на кредитен ризик, селекција на кандидати за вработување или автоматизирана комуникација со потрошувачи. Затоа пристапот треба да биде пропорционален: колку е поголемо влијанието на ВИ врз правата, интересите или економската позиција на лицата, толку повисок треба да биде степенот на контрола, документација и човечки надзор.
Секоја од овие ситуации е во голема мера предвидлива и претставува реален правен ризик. Да започнеме од еден од најтипичните примери – споделување доверливи податоци. Компаниите располагаат со податоци стекнати од клиенти или на друг начин, кои можат да бидат лични, финансиски, комерцијални или технички. Суштинските прашања се: дали имаме дозвола тие податоци да ги споделиме со ВИ алатка и дали знаеме како таа алатка ќе ги обработува, чува, складира или понатаму споделува? Што се случува кога ВИ ќе напише договор и тој се проследува без проверка? Или кога ВИ ќе даде погрешни финансиски податоци или резултати? Дали можеме да ги земеме сите апликации со CV за работно место, да ги прикачиме во ВИ алатка и таа да донесе одлука за нас? Дали тоа може да биде дискриминаторски скрининг и селекција? Листата на вакви сценарија е практично неисцрпна, но во правото секогаш може да се најде „НЗС“. Совршена регулатива, како ни совршен договор, не постои, но постои добро пишување кое на сеопфатен начин ги зачувува основните принципи.
Како суштинско и централно прашање се поставува: кој сноси одговорност кога алгоритамот ќе погреши? Без да навлегуваме во правна теорија и филозофија, основната премиса е јасна – ВИ е алатка и како таква е во рацете на човекот. Развојот на ВИ ни покажува нешто многу важно за иднината на професиите: ќе преживеат тие што самите не се алатки, туку имаат сет на вештини, знаења и искуство за носење одлуки со помош на алатки. Голем дел од носењето одлуки во бизнисот, од секојдневниот менаџмент до стратешките одлуки, се потпира на свесноста и способноста за преземање лична одговорност. Човекот кој е на позиција да носи одлуки и има на располагање различни алатки, вклучително и ВИ, не може да ја пренесе одговорноста на машината. Една причина е самиот карактер на ВИ – таа нема правен субјективитет, нема персона и нема права, додека човекот и компанијата ги имаат. Кога ВИ алатка ќе предложи решение, па дури и готова одлука, спроведувањето останува во рацете на човекот, односно компанијата. Нема намалување или исклучување на одговорноста за погрешна финансиска или правна анализа, погрешни правни основи и одредби, откривање доверливи податоци или други штети само затоа што „така кажа системот“. Типичен пример се условите за користење на ваквите сервиси, кои вообичаено предупредуваат дека резултатите може да бидат неточни и дека корисникот мора самостојно да ги провери, особено кога од нив зависат важни правни, финансиски, медицински или други одлуки. Токму затоа, компаниите треба да градат и докажливи траги на одлучување. Во идни спорови или регулаторни постапки, нема да биде доволно само да се каже дека е користена одредена алатка. Ќе биде важно да се покаже кој ја избрал алатката, кои податоци биле внесени, кој го проверил резултатот, дали имало човечка интервенција и зошто конечната одлука била прифатена. Во тој дел, ВИ усогласеноста многу наликува на другите compliance системи: вредноста не е само во документот, туку во способноста компанијата да покаже дека документот реално се применува.
Она што компаниите можат и треба да го направат во следниот период е да посветат време на внатрешно уредување на ВИ. Почетната точка е мапирање на ВИ алатките што реално се користат и анализа за каква цел и на кој начин се користат. Потоа, потребно е тие да се класифицираат по категории на ризик и да се определи како ќе се управува со потенцијалните ризици. Особено е важно да се уреди постапувањето со доверливи и лични податоци: кој има пристап до какви податоци, како се чуваат и дали, во која мера и со каква цел смеат да се споделат со ВИ. Задолжително треба да се предвиди човечка проверка на резултатите од ВИ, т.н. human in the loop. Сето ова е најцелисходно да се опфати во една ВИ политика (AI Policy) како централен документ кој ги опфаќа клучните прашања. Подеднакво важно е да се спроведат обуки за вработените и континуирана едукација на теми поврзани со ВИ.
Усогласувањето на работењето со ВИ политики ќе стане основно барање за компаниите и на тоа не треба да се гледа како на обременување или бирократизирање, туку како на управување со ризици и заштита. Во следната фаза, конкурентска предност нема да имаат компаниите кои само ќе користат ВИ, туку оние кои ќе покажат дека ја користат одговорно и контролирано. Тоа ќе биде важно не само пред регулаторите, туку и пред клиентите, банките, инвеститорите и деловните партнери. Тоа не значи запирање на иновацијата. Напротив, целта е да ѝ се даде правна и деловна рамка. Компаниите што први ќе ја воспостават таа рамка ќе бидат побрзи, посигурни и поконкурентни. Оние што ќе чекаат регулаторот да ги принуди, ризикуваат да откријат дека технологијата побрзо напредувала од нивната способност да управуваат со неа.
пишува: Драган Лазаров | Aвторот е Адвокат – Адвокатска Канцеларија Лазаров
Економија и бизнис, 01 септември 2026











