ГЕРМАНСКИ ПОКРАИНИ СО РАЗВИЕНА АВТОМОБИЛСКА ИНДУСТРИЈА БАРААТ ПОСТРОГА ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА КОН КИНА

Германските покраини Северна Рајна-Вестфалија и Баден-Виртемберг ќе побараат од Германија и Европската Унија порешителен одговор на она што тие го нарекуваат нефер трговски практики на Кина, особено државните субвенции и прекумерните производствени капацитети што вршат притисок врз клучните германски индустрии, објавуваат германските медиуми.

Двете федерални покраини утре ќе поднесат соодветен предлог во горниот дом на германскиот парламент, објавува Шпигел.

Германската министерка за економија на Северна Рајна-Вестфалија, Мона Нојбар, ги критикуваше државните субвенции во Кина, потценувањето на кинеската валута и прекумерните производствени капацитети финансирани со државни средства, оценувајќи дека ова ја нарушува пазарната конкуренција.

„Не сакаме трговска војна, но не смееме да гледаме како се поткопуваат фер условите за конкуренција“, изјави Нојбар за Шпигел.

Таа рече дека работниците во челичниот, механичкиот, хемискиот, автомобилскиот сектор и другите сектори веќе ги чувствуваат ефектите, бидејќи германските компании губат работни места од кинески производители кои нудат производи по цени со кои не можат да се натпреваруваат.

Според предлогот, ЕУ треба да може побрзо да реагира на субвенциите и прекумерните производствени капацитети кога работните места во Европа се загрозени поради нив.

Меѓу другото, се предлага да се прошират компензаторните давачки на дополнителни погодени сектори и да се забрзаат постапките против субвенционираниот и дампинг увозот, особено кога станува збор за хибридни и plug-in хибридни возила.

Покраините, исто така, бараат порано воведување на привремени компензаторни давачки.

Баден-Виртемберг и Северна Рајна-Вестфалија, бараат и сеопфатен преглед на зависноста на Германија од Кина за клучниот увоз и синџирите на снабдување.

Според нивниот предлог, Берлин треба да ги усогласи своите позиции со другите трговски партнери погодени од прекумерниот производствен капацитет на Кина.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано