СРБИЈА ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ РЕЗЕРВИ ОСЛОБОДУВА 5.000 ТОНИ ДИЗЕЛ ЗА ДА ГО СТАБИЛИЗИРА ПАЗАРОТ СО НАФТА

Владата на Србија усвоила предлог за ослободување на 5.000 тони дизел од државните резерви на пазарот со цел да се обезбеди задоволување на побарувачката во октомври и да нема прекини во снабдувањето.

„Работевме напорно во претходните денови, пред сè за да ја процениме состојбата на пазарот, во координација и комуникација со Здружението на нафтени компании, но и со сите нафтени компании што се присутни во Србија“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ,  министерката за рударство и енергетика во технички мандат.

Таа изјави дека проблемите на пазарот се резултат на екстремно високите цени на дизелот, чии котации надминуваа 1.500 и 1.600 долари по тон, како и високите логистички и транспортни трошоци, особено затоа што увозот на нафтени производи сега во голема мера се врши со железница поради ниското ниво на водата на Дунав.

„Нафтените компании имаат тешкотии да ги задоволат сите потреби на пазарот. Секако, сите во голема мера се потпираат на Нафтената индустрија на Србија, која работи со полн капацитет и има рекордни нивоа и на рафинирање и на големопродажба“, рече министерката.

За да се обезбеди дека побарувачката во октомври ќе биде задоволена и дека нема прекини во снабдувањето, владата во технички мандат усвои предлог за ослободување на 5.000 тони дизел од државните резерви.

„Одевме со минимално потребното количество, за да може увозот на нафтени деривати, иако беше намален на минимум, да продолжи, но да не престане. И за да може покрај НИС и тој мал увоз, со помош на државните резерви, пазарот да биде задоволен“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.

Таа додаде дека државата ќе продолжи да презема потребни мерки во иднина за да обезбеди целосно снабдување на пазарот и да ги контролира цените за граѓаните.

„Значи, ќе ги преземеме потребните мерки и во наредниот период, како што се намалувањето на акцизата за 20 и 25 проценти, како и забраната за извоз на нафтени деривати. Ова се сите мерки што ги презедовме досега за да обезбедиме целосно снабдување на пазарот, да нема прекини во снабдувањето и да ги држиме цените за граѓаните под контрола и да не се зголемуваат до потребната мера, имајќи ги предвид цените на пазарот“, рече министерот.

Ѓедовиќ Хандановиќ исто така рече дека, и покрај ова ослободување, залихите во државните складишта ќе останат на високо ниво бидејќи државата ги планирала и ги наполнила своите складишта на време, а резервите на нафтени деривати се дуплирале од 2022 година, се наведува во соопштението на министерството, пренесува РТВ.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано