Вести
Промовирана книгата „60 Икони на Мајката Божја“, последната книга во превод на Тихомир Јанчовски
05.03.2026
Во Музејот на македонската борба за самостојност вечерва беше промовирана книгата „60 Икони на Мајката Божја“ од авторката Аријан де Сен-Марк. Книгата „60 Икони на Мајката Божја“ претставува внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од периодот VII–XV век. Објавувањето на книгата е овозможено со несебичното залагање на Анета Антова Пешева, генерална менаџерка во „Унет“. Промотор беше професорката Елизабета Димитрова, а преводот од француски го направи Тихомир Јанчовски, чии текстови, поезија и проза, беа објавувани во нашиот бизнис магазин Економија и бизнис, до неговата ненадејна смрт во јануари годинава.
Како што посочи авторката, делото ги опфаќа: клучните иконографски типови на Мајката Божја (Одигитрија, Елеуса, Платитера и др.), нивниот теолошки, уметнички и историски контекст и нивната улога во византиската и западната традиција.
Книгата нуди длабинска интерпретација на симболиката, стилските карактеристики и духовната димензија на иконите, претставувајќи ја Богородица како централна фигура во христијанската уметност и духовност низ вековите.
Аријан де Сен-Марк е авторка и истражувач посветена на изучување на византиската и средновековната христијанска уметност. Нејзината работа се фокусира на: иконографијата, духовната симболика, културното наследство поврзано со православната традиција, со посебен акцент на претставите на Богородица. Со ова издание, авторката создава мост помеѓу академската анализа и пошироката публика, правејќи ја темата достапна, разбирлива и релевантна за современиот читател.
- Многу ми е чест што сум поканета во Македонија и што учествував во 20 годишното истражување на вашите цркви и манастири. Оваа тема ја избрав, зашто таа не е доволно позната на Западот. Католиците ставаат голем акцент во уметноста на Богородица, мајката на Исус. Никој досега не ги интергирал стиловите на Западот и Истокот. Важноста на вашето религиозно наследство мора да биде видено и препознаено во светот. Кога некој ги посетува вашите цркви мора да одвои големо време за да им се восхитува на мозаиците и фреските и да проба да ги разбере, изјави авторката Аријан де Сен-Марк, на вечерашната промоција, која се одржа пред бројни гости во Музејот на македонската борба за самостојност.
Анета Антова Пешева се осврна на почетоците од изработката на оваа книга од пред десетина години кога се запознала со авторката на книгата, која покажала интересирање за да ги истражува фреските во нашите верски објекти во Македонија.
- Бевме и на промоцијата на книгата во Париз, која е објавена на француски јазик. Од авторот побаравме право да ја издадеме на македонски јазик. Судбината не наведе да се сретнам со Тихомир Јанчовски. Ваквите книги тешко е да се преведат ако преведувачот нема стручни познавања. Тој беше среќен за издавањето на книгата. Многу ми недостасува и со ова негово последно дело, ја продолжуваме неговата идеја и мисла. Оваа книга ни отвори што поседуваме како културно богатство. Нашата порака е како да се дигнеме на повисоко ниво да покажеме на светот што имаме. Се надевам дека и други компании ќе го следат нашиот пример за поддршка на нашата култура и да продолжиме и самите да ја негуваме и презентираме пред светот, изјави Пешева.
Благодарност за трудот на Јанчоски при преводот на ова дело за византиската иконографија, искажа Сашо Гигов Гиш, неговиот пријател, соборец во литературата и другар од детството.
- Неговите книги ќе остават длабок печат во македонската култура. Само човек со интелектуален габарит можеше да го преведе од француски јазик. Тихо беше човек на слободната мисла и зборуваше за вистината секогаш и пред секого, со збор директно во очи, жестоко и строго. Тој беше таков по природа, рече Гиш.
Промоторот Елизабета Димитрова се осврна на содржината на книгата, истакнувајќи дека од 60 фрески со Мајката Божја, кои се претставени во книгата десет се наоѓаат во македонските цркви, а една од нив која е и уникатна слика се најде и на насловната страна.
- Книгата не е едноставен преглед на тематиката од средновековната епоха. Нема поглавја и потпоглавја, не е структурирана според традиционалните параметри на кои сме навикнати на литературата од нашето подрачје. Таа поседува сопствени истражувачки принципи и градење врз хронолошката магнитуда на создадените дела која се протега низ средновековната епоха, рече Димитрова.
Фото Економија и бизнис