Бизнис
ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ | Бојаџиевска - Даневска: Човечки капитал и дигитална трансформација: каде се губи вредноста?
Андријана Бојаџиевска - Даневска, авторот е член на УО на Македонска Асоцијација за човечки ресурси, Вонреден професор на Меѓународен Балкански Универзитет
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2026г.
Во современата економија, дигиталната трансформација често се претставува како природен резултат на индустрискиот развој при што образованието има клучна улога на катализатор во овозможувањето на технолошкиот напредок. Истражувањата укажуваат дека развојот на човечкиот капитал, преку образование и компетенции на работната сила, е од суштинско значење за дигитализацијата на различни сектори и за создавање нови форми на вредност, вклучително иновации и одржливост. Современите деловни модели сè повеќе зависат од висококвалификувани професионалци способни да работат со големи податоци, со вештачка интелигенција, со сајбер безбедност и со други напредни технологии.
Сепак, ваквиот наратив ја поедноставува реалноста и ја занемарува суштинската разлика меѓу индустриската и дигиталната еволуција. Индустрискиот развој историски се темели на акумулација на физички капитал, на енергија и на производствени капацитети, додека дигиталната еволуција функционира врз поинаква економска логика во која вредноста се создава преку знаење, податоци, софтвер и нематеријални иновации (Brynjolfsson & McAfee, 2014; Haskel & Westlake, 2018). Оттука дигиталниот напредок не претставува автоматско продолжение на индустриската зрелост, туку зависи од способноста на економиите да го трансформираат човечкиот капитал во реална дигитална вредност преку функционални институционални и организациски механизми. Оваа разлика има значајни импликации за улогата на човечкиот капитал: од поддржувачки фактор во индустриската економија, тој станува централен носител на продуктивноста, на иновациите и на конкурентноста во дигиталната економија, што укажува на промена на парадигмата во начинот на управување и развој, а не само на технолошка надградба.
Во тој контекст, оваа статија го анализира извештајот Digital Planet 2025 кој содржи податоци за состојбата на човечкиот капитал, за инфраструктурната подготвеност, за институционалното окружување и иновации и промени за 125 земји во периодот од 2008 до 2023 година, како 4 клучни фактори за дигитализација на националните економии (индекс на дигитална еволуција). Фокусот е на доходовните групи со цел да се прикажат структурните причини поради кои човечкиот потенцијал не се претвора во одржлива дигитална вредност.
Развојот на човечкиот капитал како неопходен, но недоволен услов
Човечкиот капитал во дигитален контекст опфаќа образование, здравје, дигитални и когнитивни вештини и способност за континуирана адаптација (Stanescu & Dinu, 2021). Иако индексот на човечкиот капитал расте кај сите доходовни групи, тој не се пресликува пропорционално во дигиталната еволуција (слика 1), што укажува дека човечкиот капитал е неопходен, но недоволен услов за дигитална трансформација.

Каде се создава јазот?
Анализата за периодот 2008 − 2023 година покажува дека индексот на дигитална еволуција расте побрзо од индексот на човечки развој, особено кај земјите со низок и со нискосреден доход. Овој тренд често се толкува како доказ за дигитална конвергенција. Меѓутоа, нивото на дигитална еволуција кај овие земји останува значително пониско во однос на земјите со висок доход. Растот започнува од ниска основа и има ограничен трансформациски ефект, што е карактеристично за економии со слаби институционални механизми за апсорпција на дигиталните технологии (Brynjolfsson & McAfee, 2014).

Кај земјите со среден доход, иако човечкиот капитал напредува стабилно, слика 2 покажува дека инфраструктурната подготвеност (на пр. комуникациска, поштенска и транспортна инфраструктура, брзина на интернет, електронски плаќања и сл.), институционалното окружување (на пр. правна рамка за ИКТ-секторот, национална стратегија за вештачка интелегенција и широкопојасна дигитална инфраструктура, ефективност на институции и транспарентност и сл.) и капацитетот за иновации и промени (на пр. достапност до кредити и ризичен капитал, процедури и трошоци за стартапи, % на истражувачи и инженери и сл.) не се развиваат со ист интензитет. Ова укажува дека проблемот не е во достапноста на човечкиот капитал, туку во системите што треба да го поддржат. Кога инфраструктурата е ограничена, институциите нефункционални, а иновациите слабо поттикнати, човечкиот потенцијал останува неискористен и не се претвора во реална дигитална вредност. Наместо класичен одлив на мозоци (brain drain), доминира појавата на неискористен човечки капитал (brain waste) кој не е интегриран во продуктивни дигитални активности.
Улогата на институциите и управувачките процеси
Податоците од анализата укажуваат дека клучниот фактор за дигиталната еволуција не е нивото на човечкиот капитал, туку квалитетот на институционалните и на организациските процеси. Земјите со висок доход не се поуспешни поради „подобри луѓе“, туку поради функционални системи што ги поврзуваат образованието, технологијата, пазарот и иновациите. Во тој контекст, управувањето со човечкиот капитал има стратешка улога на институционално и на организациско ниво. Континуираното учење, дигиталното лидерство и културата на иновации се клучните механизми преку кои човечкиот капитал се трансформира во реална дигитална вредност.
За економии како македонската, инвестициите во образование и дигиталните вештини се неопходни, но без паралелна изградба на институционални капацитети, на современи управувачки практики и на ефикасни организациски процеси тие нема да резултираат со одржлива дигитална трансформација.