Бизнис

МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите

Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.

На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.

Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно - здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.

Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано