Општество

Во Република Хрватска отворено ново училиште во кое ќе се изучува предметот Македонски јазик и култура

Во градот Света Недела кој се наоѓа во непосредна близина на Самобор свечено беше одбележан почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата за отворање на ова училиште  беше граѓанска, а иницијатор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која веќе го предава истиот предмет  во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво ,,Охридски бисер“ во Загреб.

Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ,  како и со помош од страна на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска дојде до реализација и почнување на програмата. Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите кои ги имаат во своето училиште што е само доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората можат да се случат убави и важни настани.

На работниот состанок кој се одржа минатата недела во училиштето во Света Недела присуствуваа и македонскиот амбасадор, Драган Ѓурчевски, советничката за ултура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, и началникот на Секторот за малцинства при Министерското за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ. Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште „Стрмец“,Ѕвонимир Маркиќ кој со голема радост ја прифати идејата за остварување и реализација од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста и протоколи, Ања Блажина Болјевиќ.

На состанокот од страна на Вукелиќ беше нагласено дека Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано дава поддршка во развојот и на образованието  на јазикот и писмото на националните малцинства. Тоа е начин на кој се создава  инспиративна средина каде слободно учиме едни за други и едни од други.

Во Република Хрватска, овој предмет го учат 108 ученици, во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит.  И во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, но истиот го посетуваат и други ученици. Предметот е изборен и се внесува во свидетелствата. Со ова Република Хрватска се вбројува во редот на ретките земји кои овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.

- Како Македонци секогаш сме позитивно прифатени и взаемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери, истакнуваат претставници на македонската заедница во Хрватска. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано