Општество
Зошто сите сакаат на Месечината и кој води во новата вселенска трка?
09.02.2026г
Првата мисија со човечки екипаж на Месечината по повеќе од 50 години би требало да полета во наредните недели.
Артемида Два (Artemis II), мисијата на американската вселенска агенција НАСА, би можела да полета во кој било момент од март до почетокот на април, во зависност од низа фактори, меѓу кои се завршните проверки на леталото, положбата на Месечината и временските услови.
Иако екипажот нема да стапне на површината на Месечината, НАСА се надева дека десетдневната мисија ќе го поплочи патот кон „трајно присуство на Месечината и испраќање Американци на Марс“.
Меѓутоа, Соединетите Американски Држави не се единствената земја која сака да се спушти на Месечината.
Зошто државите сега брзаат да „спуштат чизми“ на ова небесно тело и поради што се води нова вселенска трка?
Која е целта на мисијата?
За разлика од славните Аполо мисии на Месечината во текот на 1960-тите и 1970-тите, ова патување не значи само испраќање луѓе и нивно враќање на Земјата, вели за Би-Би-Си д-р Намрата Госвами, авторка на книгата Scramble for the Skies.
Тоа е отскочна штица кон целта на САД, а тоа е воспоставување трајно присуство на Месечината и експлоатација на вредни минерали, вели таа.
Ова патување е продолжение на мисијата без екипаж Артемида Еден од 2022 година, која беше првиот тест на тогаш новиот систем на НАСА за истражување на длабоката вселена.
Меѓу другото, екипажот на Артемида Два ќе вежба управување и прецизно позиционирање на вселенското летало Орион за спуштања на Месечината во иднина.
Најоддалечената точка во длабоката вселена до која ќе стигне леталото ќе биде околу 7.400 километри зад далечната (темната) страна на Месечината.
Зошто требаше толку долго за враќање на Месечината?
Последен пат луѓе одеа по Месечината за време на мисијата на НАСА Аполо 17 во 1972 година, во време на Студената војна.
Дотогаш САД веќе ја добија вселенската трка, бидејќи први спуштија астронаути на Месечината за време на мисијата Аполо 11 во 1969 година, што Советскиот Сојуз никогаш не го направи.
Бидејќи целта беше остварена, немаше многу причини да се продолжат патувањата на Месечината, кои беа исклучително скапи, вели Госвами.
Програмата Аполо од 1961 до 1972 година чинеше 25,8 милијарди долари, што денес одговара на износ меѓу 290 и 320 милијарди долари.
Меѓутоа, оттогаш технолошките достигнувања, како што се ракетите за повеќекратна употреба кои ги развија компаниите Спејс Икс (SpaceX) на Илон Маск и Блу Ориџин (Blue Origin) на Џеф Безос, значајно ги намалија трошоците, што доведе до процут на стартап секторот во областа на вселенските летови и пораст на бројот на држави кои сакаат да ја истражуваат вселената.
Денес повеќе од 70 земји имаат сопствени национални вселенски програми.
Но, можеби најголемата причина што САД повторно имаат амбиции поврзани за Месечината е Кина и нејзиниот сè поголем успех во таа област.
Кина во 2019 година стана првата земја која ја спушти својата сонда Чанг-е 4 (Chang-e 4) на темната страна на Месечината.
Госвами вели дека тоа спуштање ги „разбуди“ САД, слично како своевремено Спутник, мислејќи на првиот вештачки сателит што Советскиот Сојуз го лансираше во орбитата во 1957 година.
„Сфатија: Уау, не е дека Кина само ја копира руската технологија‘“, додава таа.
Дури и пред ова кинеско достигнување, американскиот претседател Доналд Трамп изрично се обврза да ги врати астронаутите на Месечината и да спроведе понатамошни истражувања на вселената со потпишување на директивата за вселената во 2017 година за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.
Тогаш рече дека таа директива ќе „осигура американската вселенска програма повторно да предводи и да го инспирира целото човештво“.
Зошто е важно враќањето на Месечината?
Иако Кина негира дека е во вселенска трка со САД, експертите главно веруваат дека таа веќе трае и дека целта е да се биде првата земја која ќе се врати на Месечината.
Повеќето аналитичари сметаат дека земјите кои први ќе воспостават трајно присуство на Месечината би можеле да стекнат контрола над вредни наоѓалишта, меѓу кои е и јужниот пол, каде што е откриен воден мраз.
Тој ресурс би можел да се користи за вода за пиење, производство на кислород, па дури и за правење ракетно гориво со раздвојување на кислородот и водородот и нивно претворање во течна состојба, што ја отвора можноста за дополнување гориво во вселената.
Експертите велат дека тоа би ја намалило потребата за скапи лансирања од Земјата и би ги зголемило изгледите за мисии на Марс во иднина.
Покрај водата, на Месечината се откриени и други природни добра, меѓу кои се метали кои се користат во градежништвото, како железо, алуминиум и титаниум, а се откриваат и нови наоѓалишта.
Редок изотоп на хелиум, исклучително ценетиот хелиум-3, на Земјата достигнува цена од неверојатни 20 милиони долари по килограм и во иднина би можел да се користи за напојување на нуклеарни фузиони реактори.
Меѓутоа, добивањето ресурси како хелиум-3 е исклучително тешко.
Меѓу предизвиците е и тоа што рударската опрема би морала да издржи температури на Месечината во опсег од околу 120 степени Целзиусови во текот на денот до околу-170 степени Целзиусови ноќе.
Поради тоа, рударењето на хелиум-3 во иднина би барало огромни вложувања, како и технологија за обработка на огромни количини на месечевата почва.
„За да биде нешто исплатливо, морате да бидете во состојба да го извадите, продадете и да остварите добивка на начин кој има економски смисла, и тоа да го оправда почетното вложување во одењето по тој ресурс“, вели Либи Џексон, шефица на одделението за вселена во Музејот на науката во Обединетото Кралство.
„Би морале да обработите околу метрички тон реголит, односно растресит слој од хетероген материјал кој ја покрива цврстата карпа, за да добиете само неколку милиграми хелиум-3“.
Која земја прва повторно ќе спушти луѓе на Месечината?
САД и Кина денес се сметаат за водечки вселенски сили.
САД се надеваат дека повторно ќе спуштат астронаути на Месечината со мисијата Артемида III, а целта тоа да го остварат е најрано во 2027 година.
Кина остварувањето на таа цел го постави до 2030 година.
Меѓутоа, тие не се единствените земји кои имаат амбиција да стапнат на Месечината.
Индија, која брзо напредува во развојот на сопствената вселенска технологија, планира да испрати астронаути на Месечината до 2040 година.
Во август 2023 година, Индија стана четвртата земја, по САД, Русија и Кина, која спушти вселенско летало на Месечината, и прва која спушти сонда на јужниот пол.
Иако Русија никогаш официјално не објави дека тоа ѝ е цел, во извештајот на државната новинска агенција Тасс од 2023 година се вели дека Москва планира да испрати космонаути на Месечината и таму да воспостави присуство меѓу 2031 и 2040 година.
Значи, кој прв ќе стигне на Месечината?
Некои експерти веруваат дека Пекинг во моментов има предност, благодарение на брзиот технолошки напредок и помалиот број тешкотии од програмата Артемида.
Госвами вели дека исходот на оваа нова вселенска трка е „уште поважен од првата“.
Денес постојат повеќе од 70 држави кои имаат „вселенски институции и агенции и кои се заинтересирани за економскиот потенцијал на Месечината“, додава таа.
„Ова е сосема поинаков натпревар“.
извор Би-Би-Си
Фото: НАСА