Економија
ПРЕКУ ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ „ОТВОРЕН БАЛКАН“ ВО СРБИЈА СЕ ВРАБОТЕНИ 350 МАКЕДОНЦИ И ЕДЕН АЛБАНЕЦ, кои се ефектите од оваа регионална иницијатива
04.02.2026
Од почетокот на спроведувањето на иницијативата „Отворен Балкан“ до сега, вкупно 351 лице добило бесплатен пристап до пазарот на трудот во Република Србија. Од нив, 350 лица се од Македонија и едно лице од Албанија, покажуваат податоците на Националната служба за вработување во Србија. Граѓаните го гледаа заедничкиот пазар на трудот како една од најголемите предности на регионалната интеграција, кој профункционира во март 2024 година.
„Мини Шенген“, „Отворен Балкан“, „Опен Балкан“...ова се различни имиња на иницијативата која започна кон крајот на 2019 година, во која се вклучија Србија, Македонија и Албанија. Шест години подоцна, никој не зборува за понатамошна интеграција. Целта на оваа иницијатива беше побрз проток на стоки, капитал и луѓе и обединувањето на пазарот од 11 милиони луѓе. Сепак, Еди Рама, албанскиот премиер, уште кон средината на 2023 година изјави дека Отворениот Балкан „ја исполнил својата мисија“. По ова, од интеграцијата со регионот, Албанија се сврте кон Европската Унија, пишува во текстот на Форбс.срб.
Едно од првите достигнувања на Отворениот Балкан беше интегрираниот граничен премин со Македонија.
„Република Србија има еден интегриран граничен премин со Северна Македонија, а тоа е граничниот премин Прешево-Табановце“, изјавија од Царинската управа за Форбс Србија. „Обработката на податоци што ја бараат царинските процедури во товарниот сообраќај не трае повеќе од пет минути. Концептот на интегриран премин, кој работи од 25 август 2019 година, овозможи само едно запирање за гранична (полициска и царинска) контрола. Ова значително го намали задржувањето на товарни возила, додаваат од Царинската управа на Србија.
Стопанската комора на Србија истакнува дека побрзиот проток на стоки преку границата е најважното достигнување на „Отворен Балкан“. Тие велат дека процедурите за увоз-извоз меѓу трите земји се значително пократки.
Трговската размена на Србија со Македонија во 2024 година се зголеми за 54% во споредба со 2019 година. Извозот на Србија во Македонија се зголеми за 40,5%, додека увозот од Македонија речиси се дуплираше и се зголеми за 97%. Вкупната размена на стоки меѓу Србија и Албанија во изминатата година беше за дури 83% повисока отколку во 2019 година. Српскиот извоз во Албанија се зголеми за 81%, додека албанскиот извоз во Србија скокна за импресивни 88%“, посочуваат од Стопанската комора на Србија, пишува Форбс.срб.
Фото Економија и бизнис