Општество
Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
04.02.2026
Премиерот Христијан Мицкоски денеска положи цвеќе во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде беше централното чествување по повод 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Порача уште еднаш да се потсетиме на неговиот лик и дело, да го чествуваме, да се сеќаваме и тоа, како што рече, нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија.
- Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и си спомнуваме на неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ, за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година. Имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава, изјави премиерот Мицкоски.
Покрај премиерот Мицкоски, цвеќе положија делегација на Собранието, предводена од потпретседателка на парламентот Весна Бендевска и пратениците Сергеј Попов, Даниела Белимова и Сања Лукаревска, делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како и делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија...
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Извор/фото МИА