Lifestyle
ФЕНОМЕНОТ МОДА: ПРОСЛЕДИВМЕ РЕКОРДНА ГОДИНА НА СМЕНА НА ДИЗАЈНЕРИ НА ЧЕЛО НА ЛУКСУЗНИТЕ МОДНИ КУЌИ
Лидија Георгиева | Авторот е дизајнер, редовен професор
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2026г.
Со постојано осцилирање меѓу очекуваните провокации кои ги носат новите генерации и класичните веќе познати сигурни вредности, феноменот мода несопирливо чекори напред. Иако, за волја на вистината (освен неколку исклучоци како сега веќе етаблираните Кевин Жермание, Роберт Вун...) можеби исплашени или пак поучени од непријатните искуства од минатото, новите генерации веќе подолг период претпочитаа да играат на познат терен. Поклопени од кратковидоста и од опресијата на комерцијалните притисоци, а и не секогаш точната маркетинг-стратегија, тие ефикасно си ја задушија креативата и во старт уште неслушнати − ги разбија своите илузии.
Требаше да почекаме пред неколку сезони да се случи Даниел Розбери во куќата Скјапарели, кој со вешта навигација низ универзумот на надреализам како основен код на куќата, со својот талент, иновативност и употреба на техниките за изработка од високото занаетчиство, на општо задоволство успеа да ја обнови и да ја врати оваа легендарна париска куќа на врвот − каде што припаѓа. Меѓу најзначајните фигури во модата од првата половина на минатиот век, Елза Скјапарели, со својата инвентивност и авангарден пристап (меѓу другото и преку соработки со култни уметници како Џакомети, Мен Реј, Дали, Кокто) е автор на првата тематска колекција во историјата на модата и инспирација за следните генерации. Тексашанецот Даниел Розбери докажа дека ризикот со невообичаеното може да има и комерцијален успех, па отвори нови канали низ кои полека се враќа креативноста во луксузната мода.
Впрочем, ова комуницирање преку етаблирани кодови успешно го правеше господинот Карл Лагерфелд за куќата Шанел, кој со децении безгранично си играше со нејзиниот добро познат вокабулар, па така успеа да докаже дека ја сфаќа културата на куќата и може да ѝ даде современ изглед и опстанок. Речиси шест години по неговата смрт, меѓу најочекуваните настани во 2025 година, беше дебито на Мaтју Блази за Шанел − вистинско освежување!
По 9 години на чело на женските колекции на куќата Диор и со значаен комерцијален успех, кон крајот на годината беше објавена веста дека Марија Грација Ќјури ќе се премести во Фенди. Вклучувајќи го успешното деби на нејзиниот наследник Џонатан Андерсон, изминатата година во модата беше под знакот на реобмислување. Неколку луксузни модни куќи ја доверија креативата на нови дизајнери кои внесоа свежина, обнова, уметност, поезија, долго време очекувани во индустријата. Овие дизајнери се новите гласови кои во една извонредна година прикажаа колекции со кои ќе ја редефинираат патеката на современата мода.
Првата возбуда во календарот на модниот пејзаж годинава започнува со Неделата на висока мода во Париз, која ќе се одржи од 26 до 29 јануари. По неверојатниот пресврт на светската сцена, модата како змија си ја смени кожата и конечно успеа да докаже дека е динамична, реактивна, способна за обнова − симултано цела една нова генерација настапи за да ги освежи понудата, креацијата и со тоа постепено да ги етаблира новите модни кодови.
Според календарот објавен од Федерацијата на високата мода, за прв пат ќе имаме можност да ја проследиме визијата за висока мода на Џонатан Андерсон во Диор и Мaтју Блази во Шанел, а и мојот омилен, контроверзниот и верен на себе Алесандро Микеле кој беше назначен како креативен директор на Валентино во март 2024 година. Со силна индивидуалност и талент, за печатот што тој го остави во куќата Гучи, според мое скромно мислење, допрва ќе се зборува. Публиката веќе имаше можност да ги проследи креациите на Матју Блази, на Џонатан Андерсон во текот на календарот на прет-а-порте колекциите од минатата есен, па сега ќе можеме да уживаме во нивните презентации во календарот на висока мода, со понуда на креации кои неизбежно ќе ги гледаме на црвените килими за пролет/лето 2026.
Иако оваа сезона ќе ја прескокнат Ајрис Ван Херпен, Мезон Марџела и Баленсијага, сигурна сум дека во оваа комплетна генерациска смена факторот изненадување нема да изостане заедно со квалитетни и со интересни приказни што ги носи новиот ветар кој конечно почна да дува во луксузните модни куќи.
За жал, тука морам да посочам дека во сета оваа комплетна генерациска смена повторно креативата на највисоките позиции е одбележана со апсолутна доминација на машките дизајнери. Цврсто и сигурно обезбедена од таканаречените чувари на вратите (gate keepers), тие безмилосно и непропустливо работат со истиот шаблонски филтер стил уште од минатиот век, кога како почетник и познавач од внатре во луксузната индустрија лично сведочев на процесите. Па така, наместо необичност и оригиналност (иронично, но вистинито), нијанси се во прашање, но сепак, можно е да се направи типичен портрет робот на машки дизајнер за луксузна куќа (чест на исклучоците).
Заедно со Рејчел Скот која го презеде кормилото во Проенца Шулер, Луиз Тротер е една од ретките жени кои беа назначени во 2025 година при рекордната промена на дизајнерски лидери во 15-тина модни куќи. Таа претстави голема деби колекција минатата сезона, за италијанскиот бренд од групацијата Керинг, Ботега Венета. Меѓу жените дизајнери беше и Грејс Велс Бонер, како замена на Вероник Нишанијан, која на 71-годишна возраст се повлече од дизајнирање на машката колекција за Хермес по 37 години на позиција на уметнички директор на секторот.
Но, како и да е, во очекување на новите возбуди, со промените кои почнаа да се случуваат со прет-а-порте колекциите, минатата година се покажа како година во која настанаа големи пресврти на модната сцена. Сезоната пролет/лето 2026 беше поздравена како историска токму поради невидениот број на нови креативни директори кои ги направија своите први чекори во нивните нови куќи и ја покажаа својата визија. Долго очекуваните изненадувања и промени го спасија секторот од работ на пропаст, создавајќи мешано чувство на оптимизам и на неизвесност. Заедно овие промени одбележаа година на длабока креативна рекалибрација, беа поставени темелите на новиот моден пејзаж.
Годината беше одбележана со необични додатоци кои, во напливот на повеќе би рекла смела маркетинг-насока отколку креација, ги донесе Демна Гвасалија со својата прва капсулна колекција за Гучи. Можам само да замислам колкава била инвестицијата за 30-минутниот игран филм со Деми Мур како Барбара Гучи (фиктивен лик) во главна улога. Хаос и психоделична атмосфера, во режија на Спајк Ли, во оваа нова и екстремно скапа форма на презентација на колекција во атмосфера на декаденција, на разни опијати и на хемиски супстанции, маските паѓаат на работ меѓу задоволството и нездрава халуцинација. Да сме живи и здрави!
Симоне Белоти ја искажа својата визија за Џил Сандер − куќа позната по квалитетот на материјалите, по изработката и по минималистичкиот стил, кој многу добро опстануваше изминативе години одбележани со трендот во заминување, таканаречениот тивок луксуз.
Необично краток беше ангажманот на Дарио Витале во Версаче, кој беше првиот креативен директор надвор од семејството Версаче. Кон крајот на годината, куќата го потврди неговото прилично неочекувано заминување, по само една сезона. Со аквизиција официјално завршена во декември 2025 година, брендот е сега под чадорот на групацијата Прада Груп, во исто семејство со Миу Миу и со Прада. Откако позицијата е повторно испразнета, разни шпекулации се шират за потенцијален наследник кој би ја понел куќата во нова смела насока. Можеби во игра е Питер Милиер, актуелно на чело на Алаја од 2021 година. Наследник на извонредната репутација на господинот Алаја за врвна, мајсторска изработка, спектакуларни волумени и со храбро чувство за модни додатоци, очекувањата се токму тој да се придружи на брендот бидејќи се позиционира како соодветен избор за усогласување на неговата естетика со историските кодови на куќата.

Базиран во Париз, Португалецот Мигел Кастро Фреитас, со долгогодишна кариера во луксузната индустрија, ја претстави својата прва колекција за куќата Муглер, основана од легендарниот Тјери Муглер кој беше високо на врвот на пирамидата на модата во 80-тите и во 90-тите години на минатиот век.
Глен Мартенс, доаѓајќи во Мезон Марџела по Џон Галијано, имаше тешка задача, но сепак успеа да остави свој, карактеристичен белег и да најави приказна која вреди да се следи.
Основачите на Проенза Шулер, Џек Меколоу и Лазаро Хернандез, официјално дебитираа во Лоеве, наследувајќи го Џонатан Андерсон. Пјерпаоло Пиколи се врати на сцена со колекција за Баленсијага, а Дуран Лантинк ја презеде креативната палка од Жан Пол Готје. Интуитивно, неговиот оригинален исказ ме привлече уште пред да стане вирален со неговото деби за куќата. За колекцијата што ја прикажа мислењата се поделени, но сепак доминантно негативни. Сега, со дистанца од некоку месеци, иако има интересни дизајни кои ми се допаѓаат, сè уште имам проблем да сварам некои од прикажаните изгледи. Провокација заради провокација или искрена мисла за размрдување на социјалните норми...? Немам одговор.
По стапките на музичкиот уметник и продуцент, Фарел Вилијамс кој пред неколку сезони стана креативен директор на машката облека за Луј Витон, американскиот рапер и продуцент Асап Роки (A$AP Rocky) стана првиот креативен директор на Рејбан. Ким Џонс, креативниот директор на машките колекции на Диор, ја напушти куќата минатата година за да започне ново поглавје со Босиденг, а по исклучително успешни и славни 14 години за куќата Балман, Оливие Рустенг ја прекина соработката.
Но, изминативе години беа одбележани со трансформации кои не беа само во креативниот сектор туку и беа поради стратешки промени на играчи од висок профил во управувањето зад сцената, кои навлегоа во речиси сите куќи од луксузната индустрија. Најновата вест доаѓа од групацијата за луксузни производи ЛВМХ (LVMH) која официјално објави големи промени во раководството на два од своите водечки брендови на почетокот на јануари годинава − Амандин Охајон е назначена за извршен директор на Живанши, а Алесандро Валенти станува заменик-управен директор задолжен за комерцијални активности во Диор.