Бизнис
ГЕРМАНИЈА ИМА НАЈСТАРИ РАБОТНИЦИ, секој четврти вработен е постар од 55 години
03.02.2026
Германија има најстаро работно население во Европската Унија, а речиси секој четврти вработен е постар од 55 години, според податоците објавени денес од Федералниот завод за статистика. Според Дестатис, во 2024 година, Германија имала околу 40,9 милиони вработени во возрасната група помеѓу 15 и 64 години, а од нив 9,8 милиони работници во возрасната група помеѓу 55 и 64 години.
Главните причини се демографското стареење на населението во Германија, но и фактот дека, во просек, граѓаните се пензионираат подоцна отколку порано.
Според податоците од Германското пензиско осигурување, во 2024 година, жените и мажите се пензионирале во просек на возраст од 64,7 години, додека претходно тој просек бил 63 години.
Законската возраст за пензионирање постепено се зголемувала, додека моделите за рано пензионирање биле укинати, што дополнително придонело за раст на уделот на постарите вработени на германскиот пазар на трудот.
На ниво на Европската Унија, постарите вработени над 55 години сочинувале околу една петтина од сите работници, или 20,1 процент, според податоците на Евростат.
Италија е на второ место според бројот на постари вработени во Европа во 2024 година, каде што луѓето на возраст од 55 до 64 години сочинуваа 23 проценти од вработените, а Бугарија беше на третото место со 22,3 проценти.
Најмал удел на постари работници е регистриран во Малта со 10,8 проценти, Луксембург со 12,8 проценти и Полска со 15,2 проценти.
Фото Економија и бизнис