Вести
Истражување: Благ пораст на евроскептицизмот, но над 70 проценти од граѓаните поддржуваат членство во ЕУ
28.01.2026
Вкупно 71 отсто од населението поддржува членство во ЕУ, што е за речиси десет проценти повеќе во споредба со претходната година, покажуваат резултатите од истражувањето „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 - 2025)“ на Институтот за демократија – Социетас цивилис Скопје, презентирано денеска во Собранието.
Клучните наоди од истражувањето покажуваат дека евроскептичните ставови се во благ пораст и изнесуваат 14 проценти од населениетo, за разлика од 2024 кога изнесувале 11 отсто, а бројот на неопределени и апатични испитаници значително се намалил во изминатата година. Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци е намалена. Вкупно 71 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15 отсто во споредба со претходната година. Кај етничките Албанци, пак, континуирано се изразува силна поддршка за аспирациите на земјава за членство во ЕУ. Таа поддршка се задржува и во 2025 година, при што 76 отсто од испитаниците од оваа група се изјасниле позитивно. Сепак, овој процент е понизок за 8 отсто во споредба со претходната година.
Според истражувањето, 40 отсто од населението смета дека државата е подготвена да стане земја членка, додека малку над 60 отсто од населението верува дека во изминатата година е остварен напредок во процесот на пристапување. Истражувањето покажува дека 46 отсто од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Бројот на испитаници кои веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните 3 до 5 години се зголемил и во 2025 година изнесува 30 проценти, а релативно висок дел од населението (19 отсто) останува песимистичен во однос на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Вкупно 60 отсто од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите од земјава.
Анамарија Велиновска, истражувач во Центарот за европски интеграции при ИДСЦС, истакна првиот дел од истражувањето покажува како граѓаните одвнатре гледаат на процесот и кои се нужните чекори.
-Тоа што го следиме веќе три години наназад е дека поддршката за уставни измени останува на 24 отсто, и тука постои очигледен јаз помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Всушност, покажуваат дека 57 отсто од етничките Албанци се за уставни измени, а само 11 проценти од македонските испитаници се за уставни измени, рече Велиновска.
Додаде дека во исто време паѓа бројот на песимистички испитаници кои сметаат дека целосно треба да се запре со процесот на преговори или ништо да не се прави, на сметка на тоа, се зголемува одговорот дека треба повторно да се отвори преговарачката рамка.
-Иако бројот на испитаници кои поддржуваат уставни измени е мал, сепак граѓаните ги ставаат во листата на приоритети, но не како нужни и неопходни, туку ги ставаат на второ место. За нив, сепак, приоритет би била заштитата на животната средина, што се поклопува и со областите во реформската агенда. Ова истражувањето покажа дека граѓаните не се доволно запознаени – само 40 отсто имаат одредени информации, меѓутоа немаат соодветни детали, а голем дел воопшто не се запознаени со реформската агенда, истакна Велиновска, додавајќи дека животната средина првпат се појавува на ова високо ниво како еден од најважните приоритети на граѓаните.
Марко Трошановски, претседател на ИЦДС истакна дека првпат оваа година, после неколку години пад, поддршката за ЕУ бележи значителен пораст и надминува 70 отсто.
-Имаме значително зголемување од 15 проценти, особено кај етничките Македонци кои исто така ја поддржуваат Европската унија, што не беше случај изминатите години поради големите фрустрации низ кои поминавме во процесот на пристапување. Она што исто така е интересно е дека е намален бројот на оние граѓани кои сметаат дека Македонија треба да седи настрана и ништо да не прави во однос на процесот на проширување. Од 2023 година, кога тој процент бил 29 отсто, сега е 21. Односно, осум процентни поени помалку граѓани сметаат дека Македонија не треба ништо да прави и да не биде активна во овој предизвик, туку дека нашата земја, држава и влада треба да бидат многу попроактивни во делот на евроинтеграциите, вели Трошановски.
Според него, она што е интересен податок е дека ЕУ продолжува и понатаму да се смета за најважен и највлијателен сојузник на земјата, и во контекст на актуелните геополитички превирања очигледно е дека граѓаните се наклонуваат кон онаа алтернатива или опција во која гледаат најголема сигурност, безбедност и перспектива.
-Токму геополитичката несигурност придонесува за тоа граѓаните да се наклонуваат кон опцијата која ја сметаат за најдобра, а тоа е Европската унија. Околу прашањата што треба да правиме во врска со интеграциите, има и опција дали треба да се промени францускиот предлог, односно преговарачката рамка, околу една четвртина граѓани сметаат дека Македонија треба да работи на промена на таа рамка, нешто што е резултат на претходните насоки кои политичките партии ги давале на јавноста, меѓутоа, нешто што е невозможно да се случи што покажува дезинформираност на јавноста, произлезена од политичките настапи или наративи на кои граѓаните се изложени, кажа Трошановски.
Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, посочи дека е важно да се напомене дека мнозинството од Македонците се уште ја сметаат ЕУ за најдобрата опција во поглед на економскиот развој, и тоа се уште се смета за најдоброто решение.
-Сепак се гледаат многу промени кај големите политички партии, па така понекогаш се смета дека ЕУ е добра опција, некогаш не, ама тоа е нормално дури и за во Германија, каде за политичките партии може да има различно мислење, сепак мора да се земе предвид дека над 40 проценти од граѓаните сметаат дека пристапниот процес кон ЕУ е нефер, и тоа е нешто што мора да се почитува, рече тој.
Браун истакна дека Германија прави се за да го направи можно членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, тоа е официјалната германска политика.
-Тука сме пет години во земјава што значи дека сме посветени, но од друга страна разбирам поради што македонскиот народ смета дека овој пат кон ЕУ е нефер. Вистината е дека во историјата на ЕУ постојано се случувале некои работи коишто некои одредени членки на ЕУ сметале дека не се фер. Треба да се вложат напори за да се реши овој проблем од двете страни – треба да се заложат и ЕУ и Македонија, но во секој случај треба да не се држиме само до својот став, туку да бидеме отворени и да изнајдеме можеби и нови решенија, истакна Браун.
Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања, смета дека немало длема за членството во ЕУ како цел, туку дилемата била како да се стигне до тоа членство и зошто во текот на овој процес се менуваат условите - за разлика од тоа кога сме почнале и кога сме биле кандидат за членство.
-Фрустрацијата на дел од македонските граѓани, сметам дека е оправдана, затоа што во нашиот случај многу често се менуваат условите на игра и се поставуваат одредени пречки кои немаат суштински допир со Копенхашките критериуми. Затоа сметам дека би требало ЕУ да биде поотворена и поискрена во нејзините намери – кои се плановите со сите држави од Западниот Балкан и тоа што би сакал да го истакнам е дека со нетрпение го очекуваме предлогот што го најави комесарката Марта Кос за порталот „Политико“, каде што во текот на овој јануари спомена дека во февруари или март ЕУ планира да излезе со одреден нон-пејпер, поврзан со дискусиите за модалитетите за членство - дали ќе има полноправно членство во догледно време, дали ќе има асоцијативно членство или членство без право на глас, без комесар од новите земји-членки. Очекуваме тоа да биде предмет на посериозна дискусија внатре во самата Унија, меѓу земјите-членки, и со поддршка на ЕК да дојдеме до некаков финализиран предлог кој ќе може да биде разгледан од сите земји-кандидати, нагласи Милошоски.
На новинарско прашање дали тоа што е зголемена поддршката за членство во ЕУ ќе ја натера власта да размислува поинаку за уставните измени, односно да се задоволат граѓаните кои сакаат членство во ЕУ, тој рече дека во македонското општество има различни мислења на оваа тема.
-На пример, еден релевантен и интересен податок од ова истражување, кој треба да се земе предвид, е дека македонските државјани од албанската етничка заедница, околу 55 отсто, се за менување на Уставот под овие услови што се поставени од страна на Бугарија, додека кај припадниците на македонскиот народ само 11 отсто одобруваат такво менување на Уставот, а најголемиот дел се против. На Македонија многу поголем проблем претставува неизвесноста дали каква било национална концесија ќе ја донесе земјата до целта, или пак уште една дополнителна концесија ќе биде увертира за следна блокада и ново барање или уцена, за една, две или три години од денес, повторно на теми кои не се поврзани со Копенхашките критериуми. Затоа сметам дека е добро Брисел да продолжи со напорите и да посредува во создавање услови за средба на повисоко ниво меѓу официјални лица од Македонија и Бугарија, рече Милошоски.
Тој додаде дека одредени земји-членки на ЕУ се обидуваат да придонесат за такво посредство, но досега, вели, нема позитивен одговор од официјална Софија.
-Сепак, се надеваме дека ќе може да дојде до таков дијалог, за да можеме заеднички да разговараме за пристигнувањето на Македонија до конечната цел, рече Милошоски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче рече дека „една од работите што најмногу може да загрижува е антиевропската реторика на оваа Влада и лоцирањето на вината во се во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат“.
-Ако Европската Унија јасно кажала дека ги менува плановите, регулативите за движење, воведување на електронски систем минатата година, прашањето е што ние направивме? Очигледно е дека Владата не прави ништо, а не правејќи ништо ние ќе бидеме се поизолирани, и не се само превозниците, многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа, повеќе работи се под ризик во земјава, студентите можат да студираат за десет пати помалку ако сме земја-членка на ЕУ, наспроти сега, а исто така и огрнаичување на движењето, истакна Филипче.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис