Вести
ТОШКОВСКИ за „Безбеден град“: Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле
25.01.2026
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Извор/фото МИА