Економија
Николоски: Треба да се одложи воведувањето на системот ЕЕС за транспортерите
21.01.2026
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Собранието изјави дека се согласува со ставот дека треба да се одложи воведувањето на системот ЕЕС за транспортерите. Николоски на седницата за опозициски прашања рече дека Владата го поддржува ставот на Комората на странските инвеститори во Македонија во врска со системот ЕЕС за влез и излез од ЕУ и најави дека по седницата, ќе има состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на оваа тема.
- Се надевам дека еден заеднички притисок ќе даде резултат. Исто така, на вчерашната седница на Владата го задолживме Министерството за надворешни работи и надворешна трговија повторно да се обрати до ЕУ со барање да се одложат овие правила, така што се надевам дека овој проблем ќе се реши затоа што е огромен и затоа што претставува сериозен удар врз економиите од целиот регион на Западен Балкан - рече Николоски.
Тој посочи дека за ова со Европската Унија се разговара повеќе од една година, но рече и оти не наидуваат на разбирање.
- Ќе им пренесам дека ова што го прават практично ќе значи смрт за економијата во регионот, но исто така ќе значи и затворање многубројни странски инвестиции, кои функционираат во регионот, а доаѓаат токму од земји членки на ЕУ. Намерно користам збор од регионот затоа што ова се однесува за целиот Западен Балкан, не е само за Македонија - рече Николоски.
Тој рече дека транспортерите не може да извадат работни визи и затоа што немаат еден работодавач во конкретна држава земја членка на шенген-зоната и на тој начин е невозможно да извадат работна виза од превозниците и само транзитираат во шенген-зоната за да стигнат до Велика Британија. Има многубројни проблеми што се отвораат - додаде Николоски.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис