Бизнис

ССМ в среда излегува на протест за поголеми плати

Сојузот на синдикатите (ССМ) в среда организира протест за да изрази незадоволство од незголемувањето на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра. Протестот ќе почне од 17 часот од зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Од ССМ ги повикаа сите работници на кои не им е зголемена платата да му се приклучат на протестот.

- Време е заедно да се избориме за достоинствени плати заедно со работниците. Ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, сите работници што се чудат како да врзат крај со крај во месецот, работниците што газдите ги лажеле дека ќе им ги зголемат платите, да ни се придужат на улица затоа што тие до 31 декември не се договорија да ги зголемат работничките плати и да го унапредат работничкиот стандард. Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштија е 31.200 денари во Македонија, а 33 проценти од 540 илјади работници живеат под прагот на сиромаштијата, односно одат на работа, а се сиромашни - рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната заедничка седница на највисоките органи на ССМ, на која едногласно беше донесена одлуката за протест. 

Трендафилов потсети дека и во анкетата на ССМ работниците се изјасниле дека се подготвени да излезат на протест доколку не се зголемат платите. 

- Ова е само првиот чекор што го преземаме од низата чекори што ќе ги преземеме во следниот период, а ќе значат дополнителни протести, дополнителни таргетирани блокади на одредени институции и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, а доколку немаат слух, ќе собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач и ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на другите плати - рече Трендафилов.

Минатата година, како што посочи, немало драстично зголемување на платите, а веќе од јануари синдикалната кошничка е зголемена за речиси илјада денари. Додаде дека со ваквите политики од државата се иселуваат квалификувани кадри со целите семејства, а се доселуваат странци, кои ги пополнуваат работничките места. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано