Економија
КАКО КИНА ПОСТИГНА „ЕКОНОМСКА РАМНОТЕЖА“ СО САД ПО ЕДНОГОДИШНАТА ТРГОВСКА ПОЛИТИКА НА ТРАМП?
21.01.2026
Втората најголема економија во светот забележа раст од пет проценти во 2025 година, исполнувајќи ја годишната цел на владата. Податоците објавени минатата недела, исто така, покажаа рекорден трговски суфицит од речиси 1,2 трилиони долари.
Аналитичарите проценуваат дека овој суфицит, поттикнат од пласманот на кинески стоки на пазари надвор од САД и покажува дека кинеските производи сè уште остануваат конкурентни по нивните цени на глобално ниво и дека Пекинг успеал да ги ублажи последиците од трговската политика на Трамп.
„Администрацијата на Доналд Трамп можеби дојде на власт со верување дека може да ја искористи својата економска моќ за да ја насочи Кина во одредена политичка насока“, рече Аманда Сјао, директорка на програмата за студии за Кина.
„Но, Пекинг има свои инструменти за притисок што можат да се споредат со оние на Вашингтон“.
Пристапот на Трамп кон Кина сè повеќе се смета за помалку идеолошки и повеќе фокусиран на економската и технолошката конкуренција - промена што е видлива и во најновата Стратегија за национална безбедност на САД, објавена во декември.
На самиот почеток од својот втор мандат, Трамп воведе таканаречени реципрочни тарифи низ целиот свет, а откако Пекинг возврати со истата мерка, трговската војна со Кина наскоро беше обновена.
„Пекинг навистина ризикуваше со одлуката да возврати против Трамп. Тој пристап се покажа како оправдан кога Вашингтон се повлече и одлучи да ги намали тензиите“, вели Сјао, додавајќи дека Пекинг сега може да заклучи дека тврдата линија била точна.
Дијао Даминг, професор по меѓународни студии на Народниот универзитет во Кина во Пекинг, вели дека во споредба со првиот мандат на Трамп, Кина сега се однесувала со „поголема самодоверба“ наспроти „потенцијалните неизвесности од Вашингтон“.
На економскиот и трговскиот фронт, Кина и САД воспоставија одредено ниво на „меѓусебни проверки и рамнотежи“ по една година стратешка борба, изјави Дијао за ДВ.
Фото Економија и бизнис