Економија
Белата куќа се пофали со список со 365 успеси на Трамп во првата година од мандатот
21.01.2026
Белата куќа синоќа објави список со 365 успеси на американскиот претседател Доналд Трамп кои тој ги постигна во текот на првата година од преземањето на вториот мандат, меѓу кои се истакнуваат неговите посреднички напори за решавање на војната во Украина.
Во соопштението објавено на веб-страницата на Белата куќа се наведува дека точно пред една година Трамп се вратил на должноста претседател за да го обнови просперитетот, да ја обезбеди границата, да ја обнови американската сила и да го стави американскиот народ на прво место.
Се оценува дека Трамп за само 365 дена постигнал исклучителни резултати и дека тоа е најуспешната прва година од претседателски мандат во модерната историја.
Меѓу успесите на Трамп се истакнува дека првпат по 50 години е забележан негативен прилив на мигранти во Соединетите Американски Држави, дека инвестициите биле во трилионски цифри, како и дека се постигнати повеќе мировни договори во светот со негово посредување.
Покрај тоа, Белата куќа наведува дека во текот на првата година од мандатот на Трамп е остварено рекордно производство на енергија и масовно намалување на бирократијата.
Со документот е објавена и кратка видео-снимка на која, исто така, се истакнуваат достигнувањата на Трамп, вклучувајќи ја домашната и надворешната политика, меѓу кои е неговиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска.
Трамп по вторпат беше инаугуриран за претседател на 20 јануари 2025 година по претседателските избори во 2024 година.
Извор/фото МИА