Финансии / Банкарство
КОИ ГРАЃАНИ ОД ЕУ СЕ НАЈЗАДОВОЛНИ ОД КОРИСТА ОД ЕВРОТО? - само 38 проценти од граѓаните во Хрватска веруваат дека еврото е добро за нивната земја
13.01.2026
Новото истражување на Евробарометар покажа дека речиси 80 проценти од испитаниците низ еврозоната веруваат дека еврото е добра работа за Европската Унија.
Поддршката за оваа валута е највисока во Финска (91 процент), Литванија (85 проценти), Словенија (85 проценти) и Словачка (85 проценти).
Само 38 проценти од граѓаните во Хрватска веруваат дека еврото е добро за нивната земја, што е пад од шест процентни поени во споредба со 2024 година, објавува Еуроњуз.
Поддршката, исто така, значително се намали во Естонија и Белгија, за 6 и 5 процентни поени, соодветно.
Поголемиот дел од испитаниците во Хрватска велат дека воведувањето на еврото имало негативно влијание врз цените за време на транзицискиот период. Во Хрватска, 59 проценти од испитаниците сè уште ги конвертираат цените од евра во хрватски куни кога купуваат.
И покрај фактот дека мнозинството граѓани на Еврозоната велат дека еврото им помага да се чувствуваат европски, само 46 проценти од Хрватите се согласуваат со оваа изјава.
Помладите испитаници се повеќе склони да веруваат дека еврото е добра работа за нивната земја и за ЕУ.
Испитаниците на возраст од 15 до 24 години (76 проценти) најчесто веруваат дека воведувањето на еврото е добро за нивната земја, додека оние на возраст од 25 до 39 години (71 процент), од 40 до 54 години (69 проценти) и оние над 55 години (69 проценти) се помалку склони кон таков став.
Какво е влијанието на еврото врз цените?
Околу 79 проценти од испитаниците во ЕУ веруваат дека еврото го олесна работењето меѓу различните земји од ЕУ. Овој став е особено изразен во Словенија, Белгија и Франција.
Приближно осум од десет испитаници, исто така, веруваат дека еврото го олеснило споредувањето на цените и купувањето во различни земји.
Речиси половина од испитаниците во ЕУ (48 проценти) веруваат дека еврото ги намалило банкарските трошоци при патување во други земји од ЕУ, додека 32 проценти веруваат дека оваа валута немала никакво влијание врз таквите трошоци.
Повеќе од половина од испитаниците во еврозоната, исто така, велат дека еврото го направило патувањето полесно и поевтино.
Бугарија е најсиромашната земја-членка на ЕУ и, иако многумина се надеваат дека приклучувањето кон еврозоната ќе ја поттикне економијата, загриженоста за инфлацијата и политичката нестабилност останува, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис