Финансии / Банкарство
Голема акција во Косово за измама од 1,4 милиони евра во осигурителниот сектор
08.01.2026
Вкупно 39 лица се уапсени во Косово под сомнение за предизвикување штета од над еден милион евра во Косовското биро за осигурување (БКС) – институција надлежна за задолжителното осигурување на возилата.
Меѓу приведените во денешната полициска акција се и поранешен извршен директор и поранешен финансиски директор. Главниот обвинител во Призрен, Петрит Криезиу, изјави дека двајцата се сомничат за злоупотреба на службената положба со која прибавиле лична корист, нанесувајќи му штета на Бирото во износ од 1,43 милиони евра.
- Истрагата откри 166 сомнителни трансакции поврзани со фиктивни вонсудски спогодби. Во периодот од 2016 до 2023 година, лицата лажно се претставувале како жртви на сообраќајни несреќи и подигнувале отштети во износ од 6.800 до 68.000 евра, појасни Криезиу.
При претресите се запленети 23.700 евра во готовина, злато, рачни часовници и електронски уреди. Акцијата била насочена против вкупно 47 лица, но дел од нив се во бегство или надвор од земјата. Истрагата за случајот започнала во март 2025 година.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис