Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Марјан Мартиноски, финансиски директор на Пивара Скопје: УСПЕХОТ НА ПИВАРА СКОПЈЕ Е РЕЗУЛТАТ НА ЛУЃЕТО ШТО СТОЈАТ ЗАД НЕГО
Интервју со Марјан Мартиноски | Финансиски директор на Пивара Скопје (CFO)
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Компанијата заокружува уште една деловна година во која се соочивте со сите предизвици што ги носи пазарот на регионално и на глобално ниво. Што би издвоиле за 2025 година од аспект на постигнатите резултати и успеси? Како тие влијаат на остварување на вашата стратегија за нареднава година?
М. Мартиноски: За Пивара Скопје, 2024 година беше значајна година. И покрај тоа што се справувавме со предизвикувачка макроекономска средина, постигнавме рекорден раст на приходите од 8 % и успеавме да ја зголемиме добивката над 30 %. Овие резултати ја нагласуваат силата на нашата стратегија и тимската посветеност.
Рано е да се коментираат необјавени финансиски извештаи за 2025 година, но можам да кажам дека првите индикатори се позитивни. Очекуваме уште една силна година, поттикната од проширување на нашето 24/7 портфолио − успешното лансирање на првото македонско пченично пиво Скопско вајс (Weiss) и воведувањето на кафе Верњано (Vergnano) − како и домаќинско работење со инвестирање во иницијативи кои го забрзуваат нашиот раст и ни носат засилена позиција на пазарот.
Овие достигнувања не се само бројки − тие се темелот на нашата стратегија за нареднава година, која е заснована на четири силни столба: богато и диверзифицирано портфолио кое нуди уживање за секој дел од денот и за сите вкусови − вистинско 24/7 решение за потрошувачите, силни партнерства со купувачите, поткрепени со дигитална трансформација и извонредна егзекуција на пазарот. Трето, грижа за заедницата, затоа што успехот е поголем кога го делиме со сите околу нас. И четврто, грижа за нашите луѓе, поттикнувајќи силна лидерска култура и привлекувајќи млади таленти кои се нашата иднина.
Накратко, успесите во изминативе години ни даваат самодоверба да го забрзаме процесот на иновација, да го зајакнеме партнерскиот однос со купувачите и да ја продлабочиме вклученоста на вработените − осигурувајќи се дека Пивара Скопје ќе остане конкурентна и релевантна во ФМЦГ (FMCG) индустријата во наредниве години.
Во индустријата за пијалаци, а посебно на производството на пиво во Европа, постои силна конкуренција, со примена на нови трендови и навики на потрошувачите. Како Пивара се позиционира во однос на водечките земји во производството на пиво и на другите пијалаци?
М. Мартиноски: Визијата на Пивара Скопје е јасна − да бидеме 24/7 партнер за пијалаци. Точно, индустријата за пијалаци се развива брзо, поттикната од променливите навики на потрошувачите и од нивната желба за разновидност поради што мора брзо да се адаптираме. Иако пивото останува главен столб за нашиот бизнис, пиварниците денес мора да размислуваат подалеку од традиционалните граници за да останат конкурентни на пазарот. Водечките пазари како Германија и Белгија поставуваат високи стандарди во иновации во пивото, но успехот сè повеќе зависи од тоа да им понудиме на потрошувачите пијалак за секој момент од денот − од утринско кафе до вечерно освежување.
Нашата стратегија оди токму во таа насока. Во 2025 година, покрај пивото, безалкохолните и жестоките пијалаци, го претставивме и кафе Верњано (Vergnano), премиум италијански бренд, со што направивме храбар чекор во нова категорија. Пивара Скопје продолжува да води на домашниот пазар со нашиот 100-годишен бренд Скопско, поддржан од меѓународни фаворити како Хајнекен (Heineken), Амстел (Amstel) и Бира Морети (Birra Moretti). Дополнително ја зацврстивме оваа позиција со лансирањето на Скопско вајс (Weiss), првото македонско пченично пиво инспирирано од европските традиции за потрошувачи кои бараат автентични искуства.
Работењето во Македонија носи уникатни предизвици: демографски промени (низок наталитет, иселување итн.), висока акциза на пиво, како и брзи и чести законски измени. И покрај овие предизвици, нашата посветеност кон диверзификација на портфолиото и дигиталната трансформација обезбедува отпорност и раст. Со цел соодветно да се адресираат овие предизвици, а во исто време да се одржи нашата поставеност како лидер на пазарот, овие фактори бараат дисциплинирани ценовни стратегии, голем фокус на оперативна ефикасност и, секако, иновации за одржување на достапноста и на релевантноста на нашите производи. Едноставно, целта ни е да понудиме уживање за секој дел од денот и за сите вкусови − затоа што Пивара Скопје е бренд кој живее со луѓето, 24/7.

Во задржувањето на вашата лидерска позиција на пазарот значајно влијание има континуираното вложување во нови технолошки процеси и во иновации. Колку автоматизацијата и новите технологии и користењето на вештачката интелигенција е важна за подобрување на ефикасноста, на квалитетот и на одржливоста на производството?
М. Мартиноски: Ние не го следиме трендот − ние го поставуваме. За Пивара Скопје, автоматизацијата и вештачката интелигенција не се само трендови − тие се клучни за нашата конкурентност и за одржливоста. Користењето на овие алатки, на сите нивоа, од производство до канцеларија, ни овозможува да го подобриме секој аспект од производството и од работата − од ефикасност до квалитет.
Во последниве години започнавме патување кое целосно го менува начинот на кој работиме. Имплементиравме роботи (автоматизација на процеси преку алгоритми) − не само во Одделот Финансии туку и во останатите сектори − значително поедноставувајќи ги обемните задачи кои се повторуваат. Оваа автоматизација значи помалку рачна работа, побрза и поточна обработка на податоци и повеќе време за нашите луѓе да се фокусираат на стратешки задачи кои носат поголема вредност.
Исто така воведуваме алатки за финансиска анализа поддржани од вештачка интелигенција (ВИ) кои нудат брзи и сеопфатни извештаи со коментари напишани од ВИ. Овие алатки ќе ни овозможат побрзо донесување одлуки, ќе ја зголемат транспарентноста и ќе го поддржат лидерскиот тим со применливи информации во реално време.
Ова е само почеток. Продолжуваме со значителни инвестиции во автоматизација, во напредни технологии и во вештачка интелигенција, зајакнувајќи ја нашата посветеност кон оперативна извонредност и одржливост.
За градењето на успешен бренд важна улога има одржувањето на добра деловна култура во компанијата. Што е тоа што ве издвојува од другите компании во привлекување на млади таленти и ве прави атрактивен работодавач во нашава земја?
М. Мартиноски: Ние веруваме дека добрата бизнис-култура е темелот на успехот. Она што нè издвојува од другите е нашата способност да ги комбинираме традицијата со иновациите, создавајќи средина каде што младите професионалци можат да напредуваат.
Во изминативе години инвестиравме значително во брендирање на работодавачот (EMPLOYER BRENDING), позиционирајќи ја Пивара како компанија која вреднува раст, одржливост и ангажман во заедницата. Иницијативи како програми за амбасадорство на вработени, кои нудат кариерни можности и многу приказни за личен развој, ја зајакнуваат нашата репутација како доверлив и инспиративен работодавач.
Исто така се фокусираме на програми за градење способности прилагодени за новите генерации. Од програми за воведување лиценца за продажба (License to Sell) за нови вработени во продажба до напредни програми фокусирани на лидерски вештини, ние обезбедуваме младите таленти да имаат пристап до континуиран развој и врвни вештини. Програмите за менторство и за обука дополнително го поддржуваат напредокот во кариерата и нивото на подготвеност за лидерство.
Една од нашите водечки иницијативи е летната програма на Кока-Кола (Coke Summership), која стана докажан канал за наоѓање таленти. Секоја година сè поголем број учесници од оваа програма се приклучуваат во тимовите на Пивара Скопје, носејќи нови перспективи и енергија. Овој тренд ја одразува нашата посветеност за идентификување и за негување на лица со висок потенцијал рано во нивната кариера и нивно интегрирање во значајни улоги.
Гледајќи напред, нашата стратегија нагласува разновидност и инклузија, модерни системи за награди и проекти водени од одржливост. Во комбинација со силен ангажман на заедницата и со јасна визија за раст, овие иницијативи ќе ја направат Пивара Скопје не само лидер на пазарот туку и најпосакуван работодавач за амбициозни млади професионалци.

За крај, какво е заокружувањето на деловната година, која е среднорочната визија на компанијата и кои се главните насоки врз кои ќе се надоградуваат лидерската култура, вашите долгорочни цели за да останете конкурентни и релевантни на пазарот на пијалаци?
М. Мартиноски: Додека завршуваме уште една успешна година, нашата амбиција не е да ја следиме иднината, туку да ја создадеме денес. Визијата за следниве неколку години на Пивара Скопје е јасна: да ја води индустријата за пијалаци преку диверзифицирано 24/7 портфолио, партнерскиот однос и заедничкото дејствување со купувачите, грижата за заедницата и, секако, грижата за нашите вработени.
Нашата конкурентност не ја дефинира само портфолиото, туку начинот на кој работиме − културата, стратегијата и реализацијата. Затоа инвестираме во технологии и во модернизирани процеси што ја прават работата побрза, попаметна и поперсонализирана особено за нашите купувачи: порталот за купувачи и дигиталните системи за нарачки не се само алатки, туку мостови до поинтегрирано, подинамично и попрецизно партнерство. Веруваме во кокреирање вредност со нашите партнери − кога растеме, растеме заедно.
Конкурентноста и позицијата ги градиме секој ден: со паметни решенија, со процеси што одговараат на темпото на пазарот и со тим кој континуирано покажува енергија, дисциплина и напреден начин на размислување.
Во фокусот останува силната лидерска култура − култура што мотивира и дава резултати. Тоа значи континуирани инвестиции во талент, јасни очекувања, храброст да се донесуваат брзи и паметни одлуки и средина каде што секој вработен се чувствува како клучен дел од успехот.
Во портфолиото, пивото и газираните пијалаци остануваат наша сила и традиција, но иднината е во целодневното искуство со пијалаци. Скопско вајс (Weiss) во 2025 година и интеграцијата на кафето Верњано (Vergnano) се јасни сигнали дека ја шириме сцената, го продлабочуваме изборот и поставуваме стандарди за квалитет и за автентичност. За нас иновацијата не е тренд − иновацијата е мотив и она што нè движи напред.
Нашата цел е едноставна и е амбициозна: да поставуваме стандарди, а не компромиси; да испорачуваме вредност што се чувствува од потрошувачите, од партнерите и од заедницата; и да градиме иднина во која Пивара Скопје останува синоним за квалитет, за одговорност и за лидерство.
Разговараше: Митко Јовановски