Бизнис
ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Марија Дуковска-Павловска: Очекувања за 2026 година
Што очекувате од 2026г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Основен проблем останува железничкиот транспорт
2026 ќе биде година на поголема регулаторна неизвесност, воведувањето на заштитните мерки од страна на Европската Унија се очекува да го зголемат притисокот врз увозот, што ќе значи ограничување на количините и воведување на дополнителни царини, додека стапувањето на сила на CBAM-директивата ќе значи воведување на дополнителни трошоци за јаглеродните емисии. За производителите од регионов, ова ќе наметне потреба за внимателно планирање на извозот и адаптација кон новите регулативи. Производната стратегија на Макстил за 2026 година ќе биде базирана на производство на сопствени слабови од старо железо во погонот Челичарница со производство од околу 300 000 т лимови во погонот Валавница. Производниот асортиман ќе биде на линија од 2025 година, односно предноста ќе ја одржуваат лимовите од 5 мм, со ширина од 3 000 мм, како и кортен лимовите, понатаму бродските лимови од сите квалитети, кратките рокови на испорака на помалите нарачки, како и поголемиот процент на пескарени и на боени лимови. Пласманот ќе се одвива на веќе потврдените пазари во земјите на Европската Унија, во Турција и во земјите на ЦЕФТА. Побарувачката за челик во Европа се очекува да бележи тренд на зголемување во споредба со 2025 година, поттикната од јавните проекти и стратегијата за воена опрема, иако снабдувањето од Русија е секако во прекин. Значаен раст се очекува на пазарите во Србија, во Романија, во Грција и во Словачка, додека за Македонија, за Бугарија и за Албанија се забележува стагнација. Основен проблем останува железничкиот транспорт што и понатаму останува со ограничен капацитет, додека камионскиот се одвива без поголеми тешкотии. Снабдувањето со влезните материјали, односно суровините, во 2026 година не се очекува да претставува проблем, а Макстил и понатаму продолжува со своите политики за привлекување на стручен и на талентиран кадар.