Општество
МОН го објави конкурсот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ за научно остварување објавено во 2025 година
30.12.2025
Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека објавен е конкурсот за додeлување на државната награда „Гоце Делчев“, со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата.
Наградата, како што се посочува, во 2026 година се доделува за научно остварување објавено во 2025 година. Наградата се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.
Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги. Поединец или иста група автори може да биде добитник на наградата во истата област само еднаш. Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друга книга или дело во истата област. Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани, информираат од МОН.
Конкурсот за доделување на Државната награда „Гоце Делчев“, може да се види на следниот линк.
Предлозите за доделување на наградата и примероците од научните остварувања треба бидат поднесени до 13 февруари до Министерство за образование и наука - Одбор за доделување на наградата „Гоце Делчев” 1000 Скопје,„Kирил и Методиј” бр. 54.
Извор/фото МИА