Бизнис
Бизнис-план на Алкалоид за 2026: Нови 50 вработувања и зголемување на инвестициите
30.12.2025
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2026 година очекуваме околу 50 нови вработувања во АЛКАЛОИД АД Скопје и во друштвата во странство, се наведува во Бизнис-планот на компанијата за 2026 година, кој е донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 26.905,83 денари за една акција, што претставува раст од 24 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година, се наведува во известувањето доставено до Македонската берза.
Цената на акцијата на последната трансакција на 29.12.2025 година изнесуваше 24.990,00 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2025 година изнесува 36 милијарди денари.
Дивидендна политика Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.
Приходи од продажби
Бизнис-планот за 2026 година предвидува консолидирани продажби од околу 361 милиони евра, што претставува раст од 7 % во однос на очекуваните за 2025 година.
Продажби по сегменти
Сегментно, по профитни центри, 91 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 9 % ПЦ Хемија, козметика и билкарство.
Продажби по пазари
Се очекува 34 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % од извоз.
Планирани резултати
Планираниот биланс на успех предвидува раст од 8 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2025 година.
Инвестиции
Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра. Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност.
Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи. Бизнис-планот за 2026 година предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.
Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите. Бизнис-планот во 2026 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност, информираат од компанијата.