Lifestyle
ИНДУСТРИЈАТА НА БЛАГОСОСТОЈБА (ВЕЛНЕС/WELLNESS) − ПАТУВАЊЕ ЗА СИТЕ СЕТИЛА
Лидија Георгиева | Авторот е дизајнер, редовен професор
Економија и бизнис | печатено издание | 15 септември 2025г.
Kако алтернатива на класичниот пристап кон човековото здравје, велнес индустријата има долга историја. Иако идејата за благосостојба најчесто ја поврзуваме со спа центри, масажи или луксузни клиники за убавина и козметички салони, всушност, според современиот концепт на велнес и начинот на кој еволуирал во САД во втората половина од минатиот век, се работи за холистички модел на добросостојба.
Оригиналните извори на велнес практики датираат во подалечната историја. Традиционалните култури како индиската ајурведа − наука за животот и сеопфатен медицински систем на здравствена заштита во Индија повеќе од 5000 години, кинеската медицина или од поново време Античка Грција и Римската Империја, ги поставиле основите на денешните стремежи за благосостојба, па неретко овие култури имаат и неколку заеднички аспекти.
Тука се истакнува важноста на севкупниот начин на живот − физичка активност, исхрана, квалитетен сон, умереност, етичко однесување, негување на позитивни мисли и емоции преку медитација, молитва или негување на која било друга состојба во форма на почит кон хармонијата меѓу човечкото тело, умот и духот. Во овие практики на холистичка медицина и на благосостојба, освен за лекување на болеста, фокусот е на нејзино спречување, а меѓу другото е вклучен и индивидуалниот пристап кон секој пациент.
Но, таков како што го знаеме денес, велнесот е измислен во средината на минатиот век од американскиот лекар Халберт Дан кој ја интегрирал идејата за благосостојба и за фитнес, па така започнува велнес феноменот каков што се практикува сега. Квалитетот на понудата и економското влијание на здравствениот туризам се загарантирани со програмите кои го вклучуваат и локалниот начин на живот, а тука секако незаобиколна инспирација се и петте идентификувани, таканаречени сини зони, каде што жителите често доживуваат возраст преку 100 години.
Како одговор на сè понагласената потреба за повлекување од цивилизациските структури на живеење, особено во лето, начинот на консумирање на летниот одмор е во постојана еволуција и трансформација. Покрај класичното одење на плажа, понудата е збогатена со идеи за активен одмор, на пример со јога повлекување, фитнес и пилатес програми, бањски туризам, со престојување во село, на фарма, во форма на етно или еко туризам, можеби подготвување храна или собирање овошје, зеленчук, заедно со сопствениците − понудата е шарена, забавна и збогатувачка.
Во Македонија, сегашната понуда на велнес туризмот е ретко, но вредно искуство. Иако кај нас е сè уште во развој, токму тоа го прави посебен − без масовност, без новосоздаден сјај на кичот, туку со личен пристап, природни состојки, тишина која сме заборавиле да ја слушаме или пак звуци на природата кои се бесценети. Во свет кој постојано брза, многумина од нас чувствуваат дека им недостасува простор за дишење и вистински контакт со себеси наместо со интернетот. И токму поради тоа расте потребата за патувања што не се само класичен одмор на плажа, туку трансформација која нè враќа во хармонија со телото, со умот, со природата.
Во нашава земја сè уште постојат скриени бисерчиња во кои си постои заборавената душа на Балканот, а токму тоа е нова дестинација за оние кои бараат одмор надвор од вообичаените изодени патеки. Јога повлекувања, еко села, етно доживувања за сите сетила и сè поразвиен велнес туризам ја прават нашава мала земја идеално место за свесно патување, тука не се движиме само низ просторот, туку си овозможуваме пријатен, освежувачки инфодетокс кој ни дава здравје, чистење и поглед навнатре, кон вистинското јас.

ЈОГА ПОВЛЕКУВАЊЕ: ДИШЕЊЕ СО ПРИРОДАТА, ПОВЛЕКУВАЊЕ ЗА ВНАТРЕШЕН МИР
Здравственото и духовното освестување се интимно поврзани во процесот на грижа за себеси. Во потрагата за одмор, за релаксација и за хармонија, јога повлекувањето е начин на потполно духовно чистење и целосно одвојување од проблемите кои ги носат секојдневието и динамиката на градскиот живот.
Покрај самата практика со вежбање и со медитации во идиличен амбиент, преку вкусување на специјално обмислена храна, мирис или едноставно уживање во прекрасен пејзаж, сите сетила се активни со цел да се доведат телото и умот во состојба на хармонија и комплетно прочистување. Овие повлекувања понекогаш вклучуваат и масажи со природни масла, ароматерапија со локални билки, вегетаријанска исхрана или разни детокс менија.
Благодарение на вежбите за енергетска рамнотежа, овој престој за духовно и за телесно обновување и внатрешен мир преку повлекување во природа дава огромен бенефит и благосостојба, па севкупниот ефект на освежување е неспоредлив со чувството за себеси пред и потоа. Во зависност од времетраењето на повлекувањето и самата дозираност на изолацијата, повлекувањето може да биде со или без телефони, интернет или по слободен избор и одлука.
Нашава земја со својата разновидна природа е совршена за оваа намена, па во текот на летото и есента се организираат повлекувања на уникатни локации. Охридското Езеро дава можност за утрински часови покрај водата, прошетки во спокој и медитативни вечери со глетка кон зајдисонцето. Националните паркови како Пелистер, Маврово и Галичица се волшебни дестинации каде што јогата се практикува на зелени ливади или среде шума, во друштво со ветерот и со птиците. Токму поради ова сѐ повеќе расте бројот на оние кои бараат јога повлекувања што нудат вистинска автентичност и длабоки моменти на мир, на свесност и на повторно поврзување со себеси.
ЕКО И ЕТНО ТУРИЗАМ: ПРИРОДАТА КАКО ЛЕК, ВО ТОПЛАТА ПРЕГРАТКА НА ТРАДИЦИЈАТА
Македонските еко и етно дестинации се идеалниот избор за престој во места каде што времето тече според сонцето, овошјето и зеленчукот расат на дофат на рака, а воздухот мириса на шумски билки.
Во Берово − гурманска дестинација пар екселанс, Крушево со својата специфична локација и сочувана традиција, Кратово или Мариово, се развиваат мали еко домаќинства каде што гостинот добива нешто повеќе од сместување, добива искуство. Во амбиент на воздушна бања и климатско лекување, со домашно приготвени билни чаеви како нане, кантарион за опуштање или планински чај со локално произведен мед, добиваме ноќен сон без бука, со отворен прозорец, чист воздух и ѕвездено небо. Многу од овие места природно имаат велнес пристап со бањи чија вода е збогатена од минерални извори, масажи и третмани со локални состојки. Тука телото и умот природно влегуваат во ритам на исцелување.
Етно туризмот во Македонија не е комерцијална атракција, туку жива традиција. Во мали села низ земјава, сè уште се живее со почит кон обичаите, природата и гостите кои се добредојдени со искреност, со вкусот на ручек зготвен според традиционалните рецепти на богатата македонска кујна, често приготвена на дрва. Овие места не ветуваат совршенство, туку пријатно, автентично искуство кое значи контакт со земјата, со традицијата и со себе.
Етно домаќинствата вклучуваат велнес активности со корени во народната медицина, арома терапии со кантарион, обуки за приготвување на билни масти и традиционални практики за опуштање и за релаксација, за разговор, за музика, за рачна работа (везење, плетење, собирање овошје, зеленчук, готвење).

СПА ЦЕНТРИ − ЛЕКУВАЊЕ СО ВОДА И ВОЗДУШНА ТЕРАПИЈА
Кратенката „спа“ доаѓа од пристапот кон одржување на здравјето со помош на вода, означено со првите букви на латинските зборови „Salus Per Aquam“. Во нашава земја се одржува традицијата на бањска култура што ја имаме во континуитет од Римската Империја, па преку Византија или Отоманското Царство подоцна, нашите археолошки наоѓалишта се драгоцено сведоштво за ова. Јавните бањи кои произлегуваат од римските терми служеле како центри за хигиена, за социјална интеракција и за медицинска терапија. Овие практики како начин на живот биле важни граѓански институции, а нивната терапевтска употреба продолжение на античките грчки медицински традиции, со капење и со пареа за да се поттикне потење што се сметало за витално за одржување на здравјето и ефикасен начин на детоксикација.
Идеална дестинација за оние кои сакаат да се релаксираат во чист планински воздух, користејќи ги бенефитите од термалните извори, кај нас со висок квалитет и непроценливо минерално богатство. Денес во неколку бањи во земјава се нудат и разни додатни третмани како финска сауна, индиго бања, бања цитрусен жар, елисејска роза, инфрацрвена, хербална и парна бања, разни видови џакузи, релакс или терапевтски масажи, вежбање, прошетки во прекрасната околина − содржините се многубројни, тука велнесот не е луксуз, туку одмор и престој што нè лекува.
Бања Бањиште и Косоврасти во Дебар, Негорски бањи во близина на Гевгелија со природна термална вода со лековити својства, достапна за третмани, бањи и медицинска рехабилитација, каде што составот на водата во бањата е истиот како во Карлови Вари, Катлановска бања во близина на Скопје, СПА центар Цар Самуил − Струмица, кај нас веќе неколку бањи се реновирани (или во процес на реновирање) во модерни лековити бањи со опрема по светските стандарди во кои посетителите можат да ги користат бенефитите на водата за лекување преку капење или пиење.
Како дел од понудата за спа центри каде што програмите се креирани за детокс, за баланс и за смирување, а масажите се често и со локални масла, можеме да престојуваме и во Охрид, Берово, а уживање се нуди и во Скопје.
Имаме среќа што во Македонија сè уште постојат спокојни, автентични места со човечка димензија, каде што туристите се гости, а патниците добредојдени. Велнесот, повлекувањата, тишината, локалната храна и традициите се дел од една севкупна животна филозофија која може да се презентира како автентична туристичка понуда. Со пристапни цени и сѐ поголема побарувачка за одговорен туризам со содржина, нашава земја има добар потенцијал полека, но сигурно да стане дестинација за оние кои сакаат нешто повеќе од класичен одмор. Тука ќе се пронајдат оние кои имаат потреба од обнова, трансформација преку јога, планини, чај од нане и разговори со локални жители што прават билни масти. Со прекрасни езера, стари, камени куќи и сенка под дрвата со калинки, маслинки, смокви, нашава земја не нуди комерцијално совршенство – туку сè уште има можност да понуди автентичност, уникатна вистинитост. А тоа е, според мене, најголемиот луксуз во денешно време.