Бизнис
Зголемен број на рекламации директно кај давателите на поштенски услуги
24.12.2025
На македонскиот пазар моментно работат 29 правни лица за поштенски услуги од кои 28 со општо овластување за поштенски услуги и АД Пошта на Македонија како државна компанија со индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга. Од 28-те даватели на услуги 12 работат со меѓународни услуги, три се со лиценци за домашни услуги, а 12 се локални даватели на поштенски услуги.
Според анализата на пазарот на поштенски услуги во првата половина од 2025 година што ја презентираше денеска Агенцијата за пошти, за околу 6,8 отсто е зголемен вкупниот обем на поштенски услуги, а за околу 35 проценти пораснал обемот на пакетски услуги. Издадени се вкупно осум општи овластувања за вршење поштенски услуги од кои две на нови компании кои првпат направиле влез на поштенскиот пазар. Едната компанија е за домашни услуги - писма и пакети со мрежа на цела територија на државата, а втората за работење локално, во Скопје, за пакети. Останатите шест дозволи им се дадени на постојни даватели на поштенски услуги од кои пет се општи овластувања за меѓународни поштенски услуги на даватели кои претхоно работеле само национални домашни услуги, а едно овластување е дадено на постојан локален оператор кој се проширил со нови услуги.
Поштенскиот пазар го напуштиле или им се одземени општите овластувања на седум даватели на поштенски услуги. Тројца даватели сами ја известиле Агенцијата за пошти за престанок со работа, а на четири други Агенцијата со решение им ги укинала дозволите.
Анализата покажува и зголемен број на рекламации директно кај давателите на поштенски услуги. Од 910 колку што биле поднесени претходното полугодие до давателите на поштенски услуги на слободниот пазар, бројката во првите шест месеци од 2025 пораснала на над 2 600. Најмногу поплаки има за пречекорување на рокот за достава, а 30 отсто се за оштетени и изгубени поштенски пратки.
Во Агенцијата се поднесени 48 претставки од корисници и два управни приговора, а остварени се и над 100 писмени комуникации. Притоа, на сите е одговорено во законскиот рок, дадени се насоки и информации.
Според неа, во европски и светски рамки трендовите за развој на е-трговијата се во нагорна линија, а иста е сликата и во Македонија што се покажува преку зголемениот обем на пакетски услуги кај давателите на слободниот пазар.
- Во првото полугодие од 2025 година работеле вкупно 30 даватели на поштенски услуги, 29 на слободниот пазар и Македонска пошта. Се забележува намалување во однос на 2024-та, но и покрај тоа интересот е постојан - едни си заминуваат, а други доаѓаат што е резултат на понудите од е-трговија, меѓународните платформи и побарувачката, истакна раководителот на Директоратот за следење и анализа на пазарот на поштенски услуги Данијела Спасиќ Томовска.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис