Финансии / Банкарство

Гувернерот Славески: Инфлацијата е стабилизирана, а девизните резерви се на сигурно ниво

„Инфлацијата во земјава е стабилизирана и инфлациските очекувања се закотвени, додека девизните резерви се на високо ниво и обезбедуваат силна гаранција за стабилноста на девизниот курс“, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување во емисијата „24 анализа“.

Гувернерот истакна дека трендовите кај инфлацијата во изминатите месеци укажуваат на јасна стабилизација, при што во два наврата е забележано и месечно намалување на цените од 0,2 отсто. „Во последните четири месеци не само што инфлацијата е стабилизирана туку имаме и месеци на нејзино намалување. Од особена важност е што се стабилизирани инфлациските очекувања на домаќинствата и на фирмите, односно нема очекувања за постојан раст на цените и сметам дека тоа е постигнато“, нагласи Славески.

Според проекциите на Народната банка, како и на Владата и другите финансиски институции, се очекува дека инфлацијата ќе се движи во распон од 2,5 до 3 проценти.
„Нашата цел е во среден рок, односно во период од две до три години, инфлацијата да се сведе на 2 процента, што одговара на историскиот просек на движењето на инфлацијата кај нас“, истакна гувернерот.

Тој потсети дека од февруари наваму Народната банка ја нема променето референтната каматна стапка на благајничките записи, но истовремено биле преземени и макропрудентни мерки. „Таму каде што почувствувавме одредена прегреаност на кредитирањето на населението, пред сѐ кај станбената изградба, презедовме релативно благи, но видливи мерки. Тие придонесуваат за насочување на штедењето кон денарско наместо девизно, што веќе се забележува во билансите на банките, како и за заострување на условите за купување недвижности за инвестициски цели“, појасни Славески.

Во однос на девизните резерви, гувернерот нагласи дека тие се на исклучително стабилно и сигурно ниво. „Девизните резерви се повисоки за околу 50 проценти во однос на 2019 година и изнесуваат околу 4,9 милијарди евра. Тоа е сосема комотно ниво коешто гарантира стабилност на девизниот курс и обезбедува простор за интервенции, доколку се укаже потреба“, изјави Славески.

Тој потсети дека за време на пандемијата, Народната банка интервенирала и дел од резервите биле искористени, но во наредните години тие биле целосно надоместени.
„Доколку се земе предвид дека девизните резерви треба да обезбедат покриеност на увозот од најмалку четири месеци, таа кај нас во моментов изнесува 4,6 месеци, што е над сите меѓународни стандарди“, заклучи гувернерот на Народната банка.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано