Lifestyle

Истокот на Туркије е убав и во зима, кои локации вреди да се посетат

Дури 60 отсто од љубителите на патувања планираат зимски одмори, а годинава бројот на резервации за зимските дестинации е зголемен за 45 проценти во однос на лани, покажува Winter Travel Index на познатата платформа Tripadvisor. Туркије нуди бројни такви туристички можности, особено регионот Источна Анадолија, познат по својата историја, културно наследство, како и познатата кулинарска традиција.

Како една од недоволно откриените зимски локации се смета Карс, град лоциран на познатата рута Туристички Источен Експрес, со специфична архитектура, но и привлечни природни пејзажи, кои можат да се сретнат кај езерото Чилдир или во пределот на ски-центарот Сарикамиш. Највпечатливо место во регионот е археолошкиот локалитет Ани, кој се наоѓа јужно од езерото и е извонреден пример за средновековен урбанизам. Порано бил познат како „градот на илјада и една црква“, и значаен културен, политички и трговски центар на Патот на свилата. Тој е впишан и на Листата на светско наследство на УНЕСКО, а неговите црвенкасти урнатини сведочат за христијанските и муслиманските династии кои некогаш напредувале на тоа подрачје. Карс е еден од водечките центи за производство на сирење во Туркије, па се препорачува да се вкусат карскиот кашкавал и грујер сирењето, како и да се посети Музејот на сирењето.

Една од локациите е и градот Агри, близу границите со Иран и Ерменија, со впечатливи архитектонски и природни знаменитости. Дворецот Ишак Паша во областа Догубајазит датира од османлискиот период, а е инспириран од палатата Топкапи во Истанбул. На него можат да се забележат османлиски, персиски и селџучки архитектонски стилови, а своевремено бил цел комплекс, со џамија, медреса, бања, кујна, па дури и зандани. За него е интересно што уште тогаш имал централен систем за греење, на база на топла вода која се загревала во печки и циркулирала низ цевки, со што се затоплувал целиот објект во текот на суровите зими карактеристични за регионот. Дворецот всушност се наоѓа на планината Арарат, каде се верува дека се спуштил Ноевиот ковчег.

Градот Битлис, пак, кој се наоѓа во близина на езерото Ван, во Источна Анадолија, е познат по медот и локалните сирења. Ахлат, пак, влегува во категоријата „Cittaslow“, бавни градови кои промовираат мирен, квалитетен и одржлив начин на живот. Ахлатските надгробни споменици кои се на Прелиминарната листа на светско наследство на УНЕСКО говорат за украсната уметност и каменорезбата на тоа време. Во тој регион треба да се посети кратерското езеро Немурт, како и планината Супхан.  

Ван е најголемото езеро во Туркије. Истоимениот град сместен на неговите брегови некогаш бил престолнина на Урартите, а подоцна во него живееле бројни цивилизации, како што се Персијци и Османлии. Во езерото има и четири острови, а на еден од нив, Акдамар, е сместена средновековна апостолска катедрала, изградена како дворска црква за владетелите на Кралството Васпуракан. Посетителите се воодушевуваат од нејзините сложени камени релјефи и фрески, со влијанија од централноазиската турска уметност. Таму живеат и прочуените вански мачки, кои имаат крзно бело како снег, а нивните очи се во различна боја - едното им е сино, а другото е со боја на килибар.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано