Бизнис

КАСТРИОТ АРИФИ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „НИЕ ИМАМЕ ДОБРИ СТРАТЕГИИ ЗА РАЗВОЈ, НО СЛАБА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА“

„Треба да се поттикне јавниот сектор да размислува долгорочно бидејќи бизнисот не сака неизвесност, туку предвидливост“, изјави Кастриот Арифи, директор за стратегија и развој во винаријата „Тиквеш“ АД и во групацијата М6 и член на УО на Стопанската комора, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Во емисијата тој изнесе неколку клучни ставови за подобрување на бизнис-климата, како и за функционирањето на јавниот сектор.

Во разговорот беа опфатени трите прашања на кои е фокусирана Комората во своето работење: 1) разрешување на прашањето за капиталот и трудот; 2) поправка на структурата на капиталот кај ангажирани и кај неангажирани (неактивни) лица и 3) обезбедување континуитет на легислативата при промена на власта. Дополнително се истакнаа и другите приоритети на кои ќе работи Комората: 1) борба против корупцијата и сивата економија; 2) забрзана гасификација и 3) поддршка на извозот.

Арифи нагласи дека во деловната соработка не е важна националната припадност, туку заедничкиот интерес и заедничките вредности, принципи и цели на двајцата партнери, кои се поразлични од политичките цели.

„Комората е најдобар пример за тоа“, изјави Арифи.

На прашањето за ефикасноста на јавниот сектор, која, според него, е сведена на минимум, Арифи истакнува дека за секој проблем има решение, но мора да се има волја за решавање, континуитет и одговорност.

„Она што нѐ разликува од јавниот сектор е тоа што бизнисот работите ги гледа линеарно и бара одржливост, додека, пак, јавната администрација ги гледа работите циклусно, од избори до избори“. Нам како носители на бизнисот ни е важно да нема неизвесност“, нагласи Кастриот Арифи.

Според него, неопходно е усогласување меѓу потребите на јавниот сектор и оние на бизнисот.

Во документите за стратегиите што ги подготвува јавниот сектор јасно е прецизирано што треба да се направи за да се подобри бизнис-климата, но примената е слаба или целосно изостанува. Бизнисот е многу побрз во активностите, па мора да има продуктивност за компанијата да може да расте“, потенцираше тој.

Арифи нагласи дека Македонија има низок раст, пред сѐ, поради недостигот од  инклузивен раст. Според него, земјата нема развојна економија базирана на извоз на производи со додадена вредност и со засилена домашна компонента.

Во однос на доделувањето субвенции од државата, Арифи посочи дека тие имаат и  позитивна и негативна страна. Позитивна страна е висината на субвенциите, а негативна се нивната злоупотреба и доделувањето непродуктивни субвенции, кои не носат реален напредок и кои се базирани на застарен модел кој се фокусира на влезните ресурси (импут), наместо на реалните резултати (аутпути) или иновации.

Запрашан за подготовката на развојните стратегии за клучните сектори од меѓународните институции, Арифи потенцираше дека нема лигично објаснување за тоа затоа што меѓународните институции не можат да ја сакаат земјата повеќе од нас самите. „Нам не ни недостига кадар, туку волја да се направи нешто подобро“, додаде тој.

Според Арифи, Владата и државните институции треба повеќе да го слушаат гласот на бизнисот, без политизирање, бидејќи секое решение што го предлага бизнис-заедница се интерпретира како политичко.

„Треба да се поттикне јавниот сектор да размислува долгорочно бидејќи бизнисот не сака неизвесност, туку предвидливост. Треба да се почитува третиот принцип на Комората – да се продолжат процесите. Од 2020 година се донесени 21 одлука кои ја нарушуваат бизнис-климата, а нам ни е потребен напредок за да растеме како компании“, заклучи Арифи.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано