Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | Тихомир Топузовски: Како Музејот на современата уметност да биде место на критички пристап?

Интервју со Тихомир Топузовски, в.д. директор на Музејот на современата уметност – Скопје

Изложбата на Ибрахим Махама во Музејот на современата уметност претставува значаен настан во современата уметничка сцена. Која е суштинската порака што ја пренесува оваа изложба?

Т. Топузовски: Самостојната изложба на Ибрахим Махама, која се отвори на 14 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, претставува импресивна инсталација составена од над 1 000 јутени вреќи кои ја обвиткуваат зградата на Музејот. Јутените вреќи што ја сочинуваат инсталацијата се секојдневно користени за транспорт на какао, на јаглен и на други стоки и производи, првенствено во Гана, но и во економиите на глобалниот југ. Тие носат на себе историски траги од процесите на трудот и на размената, содржат натписи, печати, броеви, отпечатоци кои се вградени во материјалноста на ткаенината, што дополнително ја засилува наративноста која зборува за размената, но и за нееднаквоста, за она кое го сториле луѓето или го кажале, она што поминало и од што останале само отисоци реферирајќи на теми како глобализација и миграција. Остатоците на материјалите што циркулирале во размената се пренасочени во граѓа за уметничка практика за да се создадат нови можности. Визуелноста на самите траги претставуваат форми на извештаи на индивидуални, но и на колективни состојби за експлоатирани групи и популации кои вообичаено се сведени на трендови и на статистики.
На овој начин делото ја одрзува економско-политичката реалност која ја живееме денес, без оглед на различните просторно-историски контексти, овозможувајќи поврзување и дискутирање за теми како илегалната работа, работниците на црно, сезонски работници, економските мигранти кои опстојуваат во состојби на општествена нестабилност или за бесправното искористување на нивниот труд. Оттаму изложбата поттикнува серија критички пристапи кон прашања како што се колонијалната историја, сложените реалности на перифериите, хибридноста на општествените состојби, па сè до отпорот кон економските нееднаквости.

На кој начин инсталацијата на Ибрахим Махама воспостави дијалог со Музејот на современата уметност?

Т. Топузовски: Историски, основан во 1964 година, МСУ е изграден од донации по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, тој претставува отелотворување на принципот на солидарностa – простор кој идејно треба да го одразува ветувањето за подобро општество, создаден како платформа за уметничка размена и за меѓународна соработка.
Сепак, земајќи ги предвид бројните кризи низ кои поминуваме како воените конфликти, растечкиот број на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови или се изложени на различни форми на сиромаштија, состојби на прекаријат, легитимно можеме да се запрашаме колку идејата за солидарноста е сè уште релевантна денес. Или, со други зборови, како во Музејот на современата уметност солидарноста да се промислува, да произлезат ново толкување и значење спротивно на доминантните глобални односи на моќ и на геополитичката динамика. Во таа насока, оваа визуелна инсталација може да се искористи како нова практика втемелена на овој принцип. Естетиката која произлегува од слоевитоста на јутените вреќи, поставени на фасадата на Музејот, резултира со етичко поместување кон принципот на солидарноста. Следствено, ова дело воспоставува дијалог со првичната идеја за Музејот на современа уметност во Скопје.

Кои се некои од водечките програмски прашања во работата на Музејот денес?

Т. Топузовски: Основното прашање е како Музејот на современата уметност може да претставува место на критички пристап каде што креативно ќе се менуваат постоечките конвенционални форми на претставување и исто така ќе се преиспитуваат делови од самото знаење (епистемологијата) за уметноста со што би се отповикала и моќта (политиката) што ја одредува нејзината позиција. Целта на овој пристап е промовирање на МСУ како активен чинител во современите општествени текови.
Во таа насока, некои од клучните програмски насоки на Музејот се насочени кон критичко преиспитување на наративите и на историските претпоставки кои стојат зад музејските колекции. Оваа идеја резултира со проектите „Ткаење светови: Колекции во разговор“ (2025), реализиран во соработка со Модерна галерија, Љубљана, изложбите „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“ (2025) и „Флуидна модерност“ (2025). Следната тематска одредба се однесува на прашањето како музеите можат да ги адресираат актуелните воени конфликти што сè повеќе го обликуваат современиот контекст, пред сè преку критичка тематизација и институционализација на ова прашање. Во таа насока се реализираше меѓународната изложба „Војна на сетилата“ (2024), како и списанието „Големото стакло“ (2024). Во контекст на прашањето како музеите можат да станат поинклузивни и порепрезентативни, односно како да ги вклучат заедниците и различните гласови, создадена е програмата „Тура на инклузивноста“. Таа има цел континуирано вклучување на ранливите групи граѓани во образовните и во изложбените програми на Музејот, како и поттикнување соработки со организации од невладиниот сектор со што се демократизира музејскиот простор. Понатаму, во однос на прашањата за животната средина, МСУ воспостави континуиран системски пристап за темите на климатските промени и за еколошките предизвици. На пример, конференцијата и изложбата „Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“ (2024 –2025) кои се фокусираа во насока на создавање модели на перцепција кои информираат, спознаваат и откриваат делови на Земјата кои за многумина се невидливи, менувајќи ги разбирањата за неа и за нејзиниот опстанок. Покрај тоа, преку создавање нова мрежа на партнерства и на дистрибуирање на дел од колекцијата низ државава, се овозможи реализација на изложби во Народниот музеј во Велес и во Музејот во Битола (2025) со дела од колекцијата на МСУ, со што се поттикнува поширока достапност и рамномерна културна дистрибуција.
Сите овие тематски одредби и програмски активности се засноваат не само на културни настани и уметнички изложби туку, пред сè, и на поттикнување општествени процеси кои се нерскинливо поврзани со мисијата на МСУ.

Кои стратегии Музејот ги смета за најуспешни во зголемувањето на бројот на посетители на својата публика?

Т. Топузовски: Во текот на 2025 година, во Музејот на современата уметност се реализираа околу 40 различни проекти, изложби, предавања, работилници, филмски проекции, презентации, истражувања, што сведочи за забрзано темпо на работа и целосно искористување на институционалните и на професионалните капацитети. Овој програмски ритам го позиционира Музејот во динамичен центар со меѓународна репутација каде што културата, уметничките практики и идеи, но и научните пристапи се испитуваат и се споделуваат; еден вид хибриден простор за комбинирање на истражување, на учење и на изложување кој дејствува како генерирачка платформа за креирање пошироки контексти за уметничка и за кураторска продукција. Во насока на создавање подинамична и попристапна програма, Музејот на современата уметност ги прилагодува своите активности кон различни категории посетители, притоа доследно почитувајќи ги своите основни програмски определби. Во рамките на реализацијата на одредени проекти, Музејот воспостави соработки и потпиша меморандуми со бројни институции и организации, меѓу кои Универзитетот во Утрехт (Холандија), Факултетот за ликовни уметности, Архитектонскиот факултет, Британскиот совет, Гете институтот, Францускиот културен центар, гимназијата „Нова“ и други. Според извршените анализи, забележан е значаен пораст на бројот на посетители, што ја потврдува успешноста на програмските активности.


 

Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано