Lifestyle

Гастрономската мапа на Туркије блесна на изборот на водичот Мишелин за 2026 година

Највлијателниот гастрономски водич во светот, Мишелин, од 2026 година ќе воведе прва национална селекција што ќе ја опфати целата територија на Туркије. Досега Мишелин својот избор го објавуваше ограничено на поединечни градови или региони, но оваа иницијатива го проширува опсегот на целата кулинарска сцена на земјата, признавајќи го нејзиниот растечки потенцијал. Детали за националната селекција ќе бидат објавени во јануари следната година.

Во изборот на ресторани за Туркије за 2026 година се вклучени 54 нови угостителски објекти. За прв пат меѓу нив има и ресторани од Кападокија, а инспекторите на Мишелин во нивното селектирање се раководеле од богатата традиција, гостопримството и уникатниот тероар. Станува збор за 18 објекти од тој регион, преку кои се отсликува идентитетот на турската кујна, во која доминираат традиционални рецепти, како и техники и вкусови што се пренесувале со генерации.

„Новата селекција ја претставува силата и зрелоста на турскиот гастрономски идентитет. Во Истанбул, Измир, Мугла, а сега и Кападокија, нашите инспектори видоа шефови кои ја почитуваат традицијата, но истовремено создаваат со креативност. Тие го поставуваат тероарот во центарот на своите кулинарски креации и се посветени на поодржливи начини на готвење. Разновидноста, талентот и искреноста кои ги забележавме низ целата земја потврдуваат дека оваа гастрономска сцена расте со самодоверба“, изјави директорот на Мишелин, Гвендал Пуленек.

Со најновите признанија, водичот Мишелин за Туркије за 2026 година сега вклучува два ресторани со две Мишелин ѕвезди, 15 ресторани со по една ѕвезда, 39 ресторани со класификацијата Bib Gourmand, 13 ресторани со Зелени ѕвезди и 115 ресторани со ознаката Selected.

Новина во последниот избор е дека втор турски ресторан го зголеми својот рејтинг на две Мишелин ѕвезди. Станува збор за Vino Locale, кој првата ѕвезда ја освои во 2024 година, а втората ѕвезда ја добива со изданието на Мишелин за 2026 година. Ресторанот се наоѓа надвор од Измир и е опкружен со зелен пејзаж, а познатиот шеф Озан Кумбасар развива турска кујна со суптилни влијанија од Тајланд и Јапонија, фокусирајќи се на мени од копнени, морски и растителни вкусови, а услугата и винските парувања се врвни. Во Туркије досега две ѕвезди на водичот Мишелин има само ресторанот TURK FATİH TUTAK.

Со својата прва Мишелин ѕвезда се „закитија“ три нови ресторани од Туркије, со што бројот на ресторани во земјата со една Мишелин ѕвезда сега достигна 15 објекти. Од Кападокија тоа признание го доби Revithia, чија кујна оживува речиси заборавени рецепти преку модерни текстури. Ресторанот е лоциран во Кајакапи, локалитет заштитен од УНЕСКО, а шефот Дуран Оздемир таму подготвува јагне во млеко, ферментирани зрна и тарана. Првата ѕвезда ја доби и Araf од Истанбул, кој има концепт на мал ресторан со шалтер и готвење на отворен оган, како и Mezra Yalikavak од Мугла, чие мени е засновано на заштитени турски производи и древни техники.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано