Општество
Доделени 22 златни дипломи по повод 50 години дипломирани инженери по електротехника
12.12.2025г
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје организираше пригоден настан за одбележување на 50 години од дипломирањето на инженерите по електротехника во 1975 година.
Златните дипломци на ФЕИТ се носители на иновации, креатори на решенија и визионери кои ја водат заедницата напред, што е докажано во праксата. Заслужни се за планирањето и развојот на критичната електроенергетска инфраструктура на Македонија, развојот на националната телекомуникациска инфраструктура, како и развој на системски решенија за одржување и подобрување на индустриските процеси.
Во своето излагање деканот проф. д-р Владимир Атанасовски напомена дека „ова не е само свечен настан, туку момент на длабока почит кон вас – генерацијата инженери која пред половина век го понесе предизвикот да ја гради технолошката иднина на нашата Македонија, но и на светот."
Овие генерации, тогашни млади инженери, биле тие што ги креирале темелите на современата енергетска мрежа и што ги изградиле телекомуникациски врски и што ја отвориле Македонија кон светот, а со тоа и било овозможено на индустријата да расте, да се модернизира и да стане двигател на развојот.
Годинава, Златна диплома им беше доделена на 22 присутни инженери кои имаа прилика да се потсетат на своите студентски денови, да раскажат настани од нивното студентско искуство и да споделат совети за помладите колеги. Впечатокот на сите за вработените во библиотеката, читалната, деканатот е се' уште позитивен исто како и за предавањата на професорите и нивната посветеност. Дел од нив го гледаат целиот овој период како чин на старост, чин на живот, а најважно како повторен почеток.
„Вие сте гордоста на ФЕИТ. Вие сте доказ дека еден факултет не го прават само зградите, опремата или програмите – туку луѓето кои поминале низ неговите двери и оставиле белег во општеството", заклучи на крај деканот Атанасовски.
Традицијата на доделување плакети – Златни дипломи е започната во 2019 година, по повод тогашниот 60-годишен јубилеј на ФЕИТ.