Општество
Ефектите на пазарот на трудот на генеративната вештачка интелигенција
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г
Преглед на научната статија „Ефектите на пазарот на трудот на генеративната вештачка интелигенција“ од истражувачите на Светска банка и на универзитетите Станфорд и Западна Вирџинија
Авторите на трудот „Ефектите на пазарот на трудот на генеративната вештачка интелигенција“ Џонатан Хартли, Филип Јолевски, Витор Мело и Брендан Мур направија истражување на економските ефекти на генеративната вештачка интелигенција (ВИ) на пазарот на трудот во САД. Студијата се заснова на ново истражување кое ја анализира употребата на алатки за генеративна ВИ врз пазарот на трудот. Иако таа се однесува на САД, имајќи предвид дека се работи за најнапредни во оваа област, резултатите може да бидат интересни за менаџерите и за креаторите на државните политики во оваа област на глобално ниво.
Креирањето и брзото проширување на употребата на генеративната ВИ е овозможено од брзиот пад на трошоците за компјутеризација. ВИ создава нови, но и непредвидливи можности за зголемување на продуктивноста и за промена на побарувачката за работна сила во фирмите и во индустриите.
Во изминатава деценија, врвни економисти изјавуваа и правеа анализи за стагнацијата, па дури и за падот на продуктивноста, како и за ниските стапки на економскиот раст кои се резултат на немање нови деструктивни идеи − како на недостатокот на јавни инвестиции. Некои од економистите сугерираа дека се приближуваме до момент кога забрзаниот економски раст ќе може да се оствари делумно преку машинското учење и вештачката интелигенција, процес кој се одвива сега.
Иако нема единствен став за влијанието на ВИ врз економскиот раст, сепак сите економисти се согласни за позитивната улога на ВИ. Така, во извештајот од 2023 година, Голдман Сакс предвидува дека ВИ може да го зголеми глобалниот БДП за 7 % во следниве десет години и дека 300 милиони работни места на глобално ниво се подложни на автоматизација. Од друга страна, некои економисти се поконзервативни во нивните оценки на улогата на ВИ врз економскиот раст.
Истражувањето покажува дека Чат џи-пи-ти (ChatGPT) останува најпопуларната алатка за генеративната вештачка интелигенција, следена од Џеминај (Gemini). Следните најпопуларни алатки се Гитхаб копајлот (GitHub Copilot) и Скрајб (Scribe).
Клучните наоди на студијата се:
1 Употреба на генеративна ВИ: Генеративните алатки за ВИ најчесто се користат од помлади, повисоко образовани и поединци со повисоки приходи, особено во услужниот сектор, во маркетингот и во информатичката технологија. Заклучно со декември 2024 година, 30,1 % од испитаниците над 18 години користеле генеративна ВИ на работа откако овие алатки станале достапни.
2 Добивки во продуктивноста и во ефикасноста: Употребата на генеративна ВИ покажа значителни придобивки во продуктивноста. Работниците кои користат алатки за генеративна ВИ можат да ги завршат задачите за околу една третина од времето што би било потребно без овие алатки со што ефективно тројно се зголемува продуктивноста за тие задачи. Анкетата покажа дека генеративна ВИ се користи за да им помогне на работниците побрзо да ја завршат задачата, додека само 16 проценти од испитаниците одговориле дека ВИ целосно ја завршила работата.
3 Влијание на пазарот на труд: Влијанието на генеративната вештачка интелигенција на пазарот на труд варира. Тоа може да биде дополнување на некои форми на труд, да придонесе за зголемување на продуктивноста и на платите, додека пак за некои други работни места може да биде замена, што потенцијално ќе доведе до стагнација потребата за работна сила, или до опаѓање на платите за ваквите работни места. Студијата покажува дека ВИ ќе влијае на пазарите на трудот при што побарувачката за работна сила за некои работни места ќе се намали како резултат на замена генеративна ВИ, додека побарувачката за одредени работни места за кои се потребни вештини неопходни за функционирање на новата економија ќе се зголеми. Генерална хипотеза е дека работните места со пониска квалификација може полесно да се заменат, што довело до нивно намалување. Од друга страна, продуктивноста на висококвалификуваните работници ќе се зголеми бидејќи можат да завршат повеќе задачи за ист временски период. Средно квалификуваните работници за кои е потребна физичка интеракција веројатно ќе бидат оние кои ќе бидат помалку погодени од овој технолошки шок.
4 Демографски карактеристики на корисниците на ВИ во работниот процес: Истражувањето покажа дека употребата на генеративна ВИ е поголема кај поединците со високо образование и со високи приходи. На пример, речиси 50 % од оние со завршено високо образование користат генеративна ВИ во споредба со околу 20 % од оние со средно образование. Анкетата покажала дека вработените кои се повисоко платени почесто користат алатки на ВИ. Така, во САД, од анкетираните работници кои заработувале околу 50 000 долари годишно, приближно 20 % користеле алатки на генеративна ВИ на работа, додека речиси 50 % од работниците кои заработуваат над 200 000 долари годишно користат ВИ на работа.
5 Користењето на ВИ во различни сектори на економијата: Секторите со најголема веројатност да користат генеративна вештачка интелигенција во текот на нивната работа се „информативните услуги“ и „управувањето со компании“ (користат алатки за генеративна ВИ повеќе од 60 % од времето) и „недвижности, изнајмување, лизинг“, „градежништво“ и „образование“ (користејќи такви алатки повеќе од 40 % од времето). Во меѓувреме, работниците во индустриите како што се „земјоделство, шумарство, риболов“, „рударство, вадење камен, нафта и гас“ и во државните институции ја користат многу помалку.
6 Импликации во државните и во деловните политики: Авторите укажуваат на потребата владите да дадат активна поддршка за истражување на ВИ, да се размисли за моделите за вештачка интелигенција со отворен код и за регулаторни политики поврзани со влијанијата на пазарот на трудот и со приватноста на податоците. Една од препораките е владино субвенционирање за развој на модели за вештачка интелигенција за истражувачи надвор од фирмите кои веќе имаат развиено модели за ВИ. Исто така неопходно е да се регулираат авторските права на податоците кои ги користи ВИ со цел да се креира предвидлив развој на ВИ. Воедно укажуваат на потребата образовните институции да ја подготват идната работна сила за користење на алатките на ВИ.