Општество
Нова група на волонтери на Мировен Корпус положи заклетва
05.12.2025
Денес, 48 американски волонтери на Мировниот корпус во Северна Македонија положија свечена заклетва. Овие Американци и се приклучија на групата од повеќе од 940 американски граѓани кои служеле како волонтери во нашата земја од 1996 година па натаму. Волонтерите во Мировниот корпус имаат работено во речиси сите општини во Северна Македонија соработувајќи со наставници, ученици, и организации. На церемонијата присуствуваа амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Министерот за локална самоуправа, Зоран Перински, како и претставници на општините, директори на училишта и други соработници. Присутни беа и семејствата домаќини на волонтерите со кои живееја 3 месеци за време на обуката, како и соработниците со кои ќе соработуваат кога ќе ја започнат својата двогодишна служба во сабота, 6ти декември. Како дел од подготвителната обука, волонтерите живееја во семејства-домаќини изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и културата. Тие имаа можност и за практична обука предавајќи во локалните училишта и помагајќи во локалните невладини организации.
„Среќен сум што денес сум сведок како една од најголемите групи волонтери на Мировниот корпус во Северна Македонија положува заклетва. Од 1961 година, кога е основан Мировниот корпус, волонтерите ширум светот избраат да посветат две години од својот живот работејќи кон поголема цел, целта за мир во светот и преку пример да го покажат духот на службата и волонтирањето. Ова значи дека секој ден додека се тука во Северна Македонија, тие комуницираат со своето семејство-домаќин, со своето училиште или институција и целата своја заедница. Тие нудат вештини, стекнуваат пријатели, создаваат врски. По две години, тие самите се променети луѓе, а исто така ќе ги имаат и променето и луѓето со кои комуницирале“, рече Дејвид Рисајд, директор на Мировниот корпус во Северна Македонија.
За време на својот двегодишен престој, волонтерите ќе работат како наставници по англиски јазик заедно со локални наставници по англиски јазик, дел ќе работат во полето на инклузивното образование, а дел од нив ќе служат како специјалисти за развој на заедницата и ќе работат со различни организации и општини. Мировниот корпус има одлична соработка со своите локални и национални партнери и ги спроведува своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука и Министерството за локална самоуправа. Мировниот корпус има три цели: да им помогне на земјите коишто имаат потреба од квалификувани лица што ќе обезбедуваат техничка помош, да помогнат во промовирањето подобро разбирање на американскиот народ преку волонтерите и да споделат информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите со американските заедници и семејства. Преку овие активности, волонтерите на Мировниот корпус работат на зајакнување на мирот во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции.