Бизнис

Поранешен сопственик на Порнхаб сака да го купи Лукоил

Австрискиот бизнисмен Бернд Бергмаир, поранешен мнозински сопственик на групација за индустрија за забава за возрасни, во која спаѓа и сајтот Порнхаб, се обратил до американското Министерство за финансии во врска со купување на меѓународните средства на руската нафтена компанија Лукоил, која е под санкции.

САД воведоа санкции за Лукоил, најголемиот приватен производител на нафта во Русија, како дел од притисокот врз Москва да стави крај на војната во Украина.

Поради санкциите, Лукоил беше принуден да објави продажба на своите странски средства, а повеќе потенцијални купувачи побараа дозвола од американските власти за разговори со компанијата, меѓу нив и нафтените гиганти Ексон Мобил и Шеврон.

Бергмаир преку својот адвокат не сакал да наведе за кои точно зделки на Лукоил е заинтересиран, дали веќе контактирал со руската компанија, дали настапува самостојно или како дел од инвестициски конзорциум.

„Lukoil International GmbH секако би била одлична инвестиција и секој би имал среќа да дојде во позиција да го поседува тој имот“, изјави Бергмаир за Ројтерс. „По правило не коментирам потенцијални инвестиции“, додаде тој.

Интересот за меѓународниот имот на Лукоил порасна откако американското Министерство за финансии минатиот месец им одобри на компаниите да почнат разговори со Лукоил. Тоа одобрение важи до 13 декември, а секое евентуално купување ќе мора да добие зелено светло од Министерството.

Lukoil International GmbH, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и стотици бензински пумпи ширум светот. Вредноста на овој имот се проценува на околу 22 милијарди долари, според податоците од 2024 година.

Портпаролот на американското Министерство за финансии одби да коментира дали Бергмаир веќе ја контактирал институцијата.

Бергмаир работел во Goldman Sachs во Њујорк како инвестициски банкар во текот на 1990-те, пред да се префрли на приватни инвестиции. Тој беше мнозински сопственик на MindGeek – луксембуршката компанија која управува со Pornhub, RedTube и YouPorn сè до 2023 година, кога беше купена од канадски инвестициски фонд за непозната сума.

Британската листа на најбогати The Sunday Times Rich List во 2021 година го процени неговото богатство на најмалку 1,2 милијарди фунти.

Фото: МИА архива

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано