Lifestyle

Вики-камп за зголемување на содржините на македонски јазик на Википедија

Овој викенд по седми пат се организира Вики-камп со цел да се создадат нови содржини на македонски јазик на бесплатната интернет енциклопедија Википедија, информираат организаторите од Викимедија МКД – локалниот огранок на Фондацијата Викимедија. Околу 40 учесниците на кампот се собираат од 5 до 7 декември на заедничко уредување, учење, придонесување и дружење на Попова Шапка.

- Младите Википедијанци од Македонија, преку здружени сили, ќе ја збогатуваат Википедија на македонски јазик со голем број нови содржини. Младите активни придонесувачи на Википедија имаат можност, покрај уредувањето од дома, да бидат дел од овој настан. Овој тридневен настан е можност учесниците заеднички да придонесуваат на Википедија на македонски јазик, информира Бојан Велковски од Викимедија МКД.

Темата на годинешниот Вики-камп на којашто ќе пишуваат учениците е „Занаети во светот“.

- Покрај тоа, младите Википедијанци имаат можност да учат многу работи поврзани со техничката и суштинската природа на најголемата енциклопедија во светот, да го подобрат своето општо знаење, да научат правопис и соодветно енциклопедиско изразување, како и да се почитуваат меѓусебно и да го ценат различното мислење кај различните индивидуи, рече Велковски.

Викимедија МКД еднаш годишно организира тридневен Вики камп за најмладите Википедијанци во Македонија. Првиот Вики Камп бил организиран во 2017 година во Берово, а за прв пат Вики Кампот оваа година се одржува на Шар Планина, односно на скијачкиот центар Попова Шапка, во тамошниот хотел „Арена“.

Викимедија МКД е единствен македонски огранок на Фондацијата Викимедија. Фондацијата Викимедија е организација со седиште во Сан Франциско е задолжена за непречено функционирање и постоење на најголемата енциклопедија во светот. 


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано