Финансии / Банкарство
Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност
25.11.2025
Народната банка денеска организира конференција за климатските ризици и финансиска стабилност и за справувањето со денешните предизвици и искористување на утрешните можности.
Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на дијалогот и поддршка на финансискиот сектор во приспособувањето на економијата кон зголемените климатски предизвици. Настанот ќе обедини централни банки, финансиски регулатори, меѓународни организации и претставници од банкарскиот сектор кои ќе ја продлабочат регионалната соработка и ќе разменат практики во управувањето со климатските ризици.
Најавени се воведни обраќања на гувернерот Трајко Славески и директорот на Фондот за зелен развој Борислав Костадинов, а обраќање ќе има и претседателката на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС) и првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер.
Високи претставници од централните банки од регионот и експерти од Светската банка ќе се осврнат на супервизорскиот пристап кон управувањето со климатските ризици. Ќе се говори за интеграцијата на климатските ризици во супервизорските процеси, примената на европските и меѓународните стандарди и искуствата од нивното спроведување. Ќе бидат опфатени и најдобрите практики на комерцијалните банки во управувањето со климатските ризици и зелената трансформација на деловните модели. Претставници од водечките банки од регионот и Европа ќе ги споделат предизвиците и можностите од воведувањето зелени производи, подобрените системи за известување и процената на физичките и транзициските ризици.
Во рамки на конференцијата ќе бидат засегнати и прашањата за климатските промени во контекст на финансиската стабилност, со учество на излагачи од Европската централна банка и од централните банки од поширокиот регион. Ќе се разгледаат најновите пристапи во моделирањето на климатските ризици и спроведувањето на климатските стрес-тестови, начините за надминување на недостатокот на податоци, како и транспарентноста и обврските за известување за одржливото работење (ЕСГ), при што ќе бидат претставени најважните регулативни новини и очекувањата за финансиските институции.
Фото Економија и бизнис